Бугарскиот погром избриша влашки села и градови

Непозната историја: 105 години од интернацијата на Власите од Македонија

Оваа пролет се навршуваат 105 години од почетокот на малку познатиот погром на Власите (Арм’ните) од Македонија што го извршија бугарските власти за време на Првата светска војна во 1916 година, кога ја владееја територијата на денешна Македонија, а тогаш дел од Србија според Букурешкиот договор. Во македонската историографија воопшто не е проучувана и обработувана масовната интернација на влашките семејства во Бугарија, не било предмет на посебно интересирање на македонските историчари. Податоци не се зачувани ниту во бугарските архиви. Нема ни опстојни пишувани записи, освен неколку сеќавања на директни страдалници или сеќавања на нивни потомци. Во некои приватни архиви се чуваат списоците на насилно иселените семејства и поединци, како далечно сеќавање на злосторствата, како тажен спомен, како доказ за исчезнатите роднини, соседи, пријатели. Интернацијата на цели семејства, ни криви ни должни, од неколкуте влашки потпелистерски села, од Битола, Крушево, Охрид, Струга и Струшко секако дека е дел од македонската историја од почетокот на минатиот век и говори за односот на Бугарите, но и на самите Македонци, кон Власите (Арм’ните) што биле населени во тие краишта.

Иселени села – опожарени куќи

Со текот на времето тие настани ги покрива правот на заборавот, иако не се за заборавање. За да не се заборават тие времиња се погрижи комуната на Арм’ните „Браќа Манаќа“ од Битола, која има издадено Зборник на трудови посветени на таа тема, со вистинска преданост на редакторот д-р Никола Попникола, еден од актерите на зачувување на историјата на Арм’ните по нивното доселување во Западна Македонија. Доселени главно од Албанија, од познатото Москополе, потоа од Грамостеа, Никулица и други села и други места во епирско, бегани по палењето на Москополе и подоцна од теророт на Али-паша Јанински. Другиот дел на Власите е доселуван преку границата со Грција и тие се населувани во Штипско, Кочанско, Светиниколско и Кумановско.
Како што е познато, за време на Првата светска војна во 1914 година Бугарите окупирале поголем дел од географска Македонија. Меѓу другите злодела што ги вршеле била употребувана и депортацијата на неподобно население и нивни првенци од Македонија во Бугарија. Меѓу нив најмногубројни биле Власите. Најкарактеристична и најмасовна депортација е извршена во потпелистерските села од битолска страна: Магарево, Трново, Моловиште, Гопеш и Нижо Поле. Според професорката Арети Сидовска, која ги истражувала настаните, едно утро во 1916 година бугарскиот командант ги собрал жителите на Магарево и на Трново и им соопштил дека ќе бидат депортирани наредниот ден. Притоа им кажал дека секој од нив, жени, мажи, стари, млади, има право со себе да понесе само по една бовча, и тоа само во едната рака. Тоа наводно се правело за да бидат спасени од бомбардирањето што се вршело на таа линија од фронтот, познатиот Солунски фронт што минувал и низ Баба Планина. Но несомнено дека зад тоа се криела намерата на бугарските власти да ги исчистат овие богати села од небугарско население. По депортирањето, речиси сите куќи биле ограбени, опожарени и разурнати. Од убавите села останале само урнатини, семејствата им биле растурени низ цела Бугарија, најмногу во Русе и Пловдив и во околни села. По завршувањето на војната, само мал број жители се вратија назад во своите опустошени села.

Егзодусот во Битола и во Крушево

За егзодусот во градот Битола сведочи поемата под наслов „Мојот егзодус“ на големиот арм’нски поет Константин Белемаче, од Моловоште, кој и самиот бил депортиран во Бугарија. Според неговото кажување, еве како се случи депортацијата на поистакнатите битолски Власи. Тој кажува дека одлуката била донесена од страна на битолскиот комитет на ВМРО (не се знае кое). Членови на тој комитет биле градоначалникот Бојаџиев, адвокатот Георгиев, Анѓелаки Робев, кои го составиле и списокот, на кој биле 300 до 400 цели семејства. Што пешки, што со воловски коли и возови патувале до Пловдив девет дена. Оттаму ги однеле во гратчето Хисар и им кажеле дека се слободни. Притоа на сите им било забрането да комуницираат меѓу себе, трипати дневно да се јавуваат во полиција и да немаат право да читаат весници.
Никола Минов, преку сведоштва на живи депортирани што се вратиле или сеќавања на нивни наследници, ја опишува депортацијата на крушевските Арм’ни. Според него, една од првите цели на бугарските воени власти била елиминацијата на внатрешниот непријател, т.е. на оние елементи во градот што претходно соработувале со Србите. Под обвинение дека биле српски агенти и соработници многу Македонци биле убиени или итернирани. Додека на почетокот на удар биле Македонците, набргу на списокот за одмазда се нашло и влашкото население.
Во Крушево, како што кажувале старите, набрзо по Илинденското востание, Арм’ните биле прогласени за „непријателски елемент“ што требало да биде отстранет од новоосвоените територии. Според Бранко Благоевски, интернацијата претставувала национално чистење на градот, план на кој бугарската власт работела систематски и со долгорочни цели. Интернацијата на крушевските Власи се одвивала во четири наврати, од крајот на 1915 до 1918 г., период во кој биле интернирани 200 крушевчани со семејствата. Меѓу интернираните најмногубројни биле оние што се истакнувале со своите прогрчки или проромански чувства, а биле и побогати. Депортираните биле разместувани на повеќе места низ Бугарија, еден дел во Шумен.
Сепак, крушевчани не ја доживеале судбината на потпелистерските села на целосен егзодус благодарение на тоа што во градот кмет бил Наум Томалевски, илинденец, учител и револуционер, кој спасил 120 семејства заведени за можна интернација. Но и таквата мала интернација, оставила големи последици. Власите уплашени што може да им направат Бугарите ако останат почнале масовно да се иселуваат во Грција, Кралството СХС, Романија, па дури и во Египет и во Америка. Ако Крушево во 1916 година имало 5.200 жители, пет години подоцна тој број бил 3.862.

Од Горна Белица до реката Марица

Слично на потпелистерските села поминале и оние на Јабланица кај Струга. Професорот Тодор Трајановски кажува дека во пролетта 1916 година, кога територијата на денешна Македонија претставуваше арена на крвави судири меѓу завојуваните страни во Првата светска војна, без никаков повод, речиси целокупното арм’нско население од селата Горна Белица (Беала ди Супра) и Долна Белица било интернирано во Бугарија. И другите Арм’ни што живееле во дримколските села – Вевчани, Вишни, Подгорци и Лабуништа ја доживеале истата судбина. Овие Власи биле населувани во околината на Видин, Лом, Стара Загора и во други места сѐ до реката Марица на бугарско-турската граница. Во Струга и во Струшко интернацијата била спроведена по директива на врховистичкото крило на ВМРО, чие влијание во градот било големо. Мноштво стари луѓе, изнемоштени жени, мајки со малолетни деца, свештени лица, патувале пеш од Струга до Кичево каде што биле качени на воз, а оттаму транспортирани во најмизерни услови (како Евреите подоцна) до населби дури во Тракија, каде што им се губи трагата. Не биле депортирани само оние домаќинства чии синови служеле во бугарската војска.
Иако не се познати конечни бројки, претпоставката е дека во Бугарија во период од три години биле интернирани неколку илјади семејства, со што се сменила етничката слика на повеќе локалитети. Некои хроничари наведуваат вкупна бројка од над триесет илјади насилно раселени Власи, иако нема вистинска потврда за таков податок. Забележани се пописните податоци дека во овој период драстично се намалил и вкупниот број на влашкото население во Македонија, кое доброволно се иселувало во други земји и градови поради наметнатиот страв од бугарските злодела. Повеќето од нив никогаш не се вратиле. Забележливо е што во насилно иселените влашки села на нивно место се населиле македонски фамилии, но и албански, во поголем број, а во некои села (Долна Белица) се веќе доминантно население.


Интерниран и Јанаки Манаки

Меѓу повеќето интелектуалци што се интернирани по список изготвен од страна на бугарските власти во Битола, потпомогнати од некои бугарофили од Битола, се најде и името на Јанаки Манаки. Иако брат му Милтон правеше напори да не биде интерниран, но и покрај тоа, и тој со сите други заминува за Пловдив, местото што му е одредено за интернација.
Според истражувањето на Стефан Хаџи Андоновски, со самото доаѓање во Пловдив, Јанаки почнал да се адаптира на средината и набрзо наоѓа дуќан во една улица во Пловдив каде што го отвора своето ателје, со што во почетокот ги задоволува своите животни потреби за егзистенција. Чести посетители за фотографирање се граѓаните на Пловдив и околните места, како и многубројните арм’нски семејства што биле интернирани токму во Пловдив и околината. Покрај својата активност во самото ателје, Јанаки кога ја доби дозволата за слободно движење низ околината и подалеку тој честопати патуваше за Хисар Бања каде што беа претежно битолчаните и познатите пријатели. Благодарејќи на ваквите чести посети во Хисар, Јанаки направи многу фотографии од „нашите“ таму…

Периодот на интернацијата на Јанаки во Пловдив за истражувачите на Манакиевото дело (делото на браќата Манаки) е познато како пловдивски период. Негативите што ги понесе со себе се вкупно 103, од кои 80 негативи настанати во Пловдив, додека 23 настанале во Хисар Бања, со мал број направени во Софија. Денес, овие негативи се чуваат во богатиот фонд на Манаки во Историскиот архив на ПЕ Битола и поголем број се дигитализирани.
Јанаки Манаки, благодарејќи на добиениот пасош од страна на Конзулатот на Шпанија, која ги застапуваше интересите на Романија во Бугарија и ангажираноста на романската влада, добива патна исправа – пасош и заминува за Букурешт во 1919 г., по тригодишен престој во Бугарија. Од бугарските власти бара отштета за насилната интернација, барање што не било исполнето.

[email protected]