Фото: Игор Бансколиев

Уредувачите на Википедија, без разлика на јазичните верзии, треба да ги почитуваат принципите на неутралност на статијата и веродостојност на изворите. Но Википедија и понатаму продолжува со контроверзните статии што се однесуваат на Македонците. Во основа, Википедија треба да се бори против лажните вести, но во случајот со статиите што се поврзани со македонскиот народ и неговите особености, бугарската и грчката јазична верзија на Википедија, всушност, шират лажни вести

Во светски рамки, уредувачите на Википедија се соочуваат со лажни вести за пандемијата на коронавирусот, вакцините, родовата нееднаквост, романтизирање на нацизмот и сл. Но контроверзиите на Балканот се од поинаква природа. Во теорија, секој може да пишува статии во Википедија, меѓутоа нивната точност се проверува од висококвалификувани волонтери и волонтерки, кои имаат право да ја прифатат или отфрлат содржината. За да биде прифатена одредена содржина, таа треба да биде заснована на веродостоен и проверлив извор. Доколку содржината е поткрепена со соодветни извори, таа не може да биде отстранета од статијата. Од друга страна, едно од главните правила на Википедија што треба да се почитуваат при пишувањето одредена статија е принципот на неутралност, во смисла дека треба да бидат претставени сите гледишта, без да се зазема страна.
Во практика, принципот на точноста и неутралноста се почитува речиси на сите триста јазици на кои може да се уредува Википедија, но постојат примери кога токму оние што треба да ги заштитуваат овие принципи, всушност ги нарушуваат.

Нарушување на принципите на неутралност и точност

Конкретен пример за нарушување на принципите на неутралност и точност се бугарската и грчката јазична верзија на Википедија. Ова е особено видливо во статиите што се однесуваат на Македонците, македонскиот јазик и македонската историја. Волонтерите што треба да го почитуваат принципот на неутралност, всушност грубо ги нарушуваат.
По потпишувањето на Преспанскиот договор, во бугарската јазична верзија на Википедија уредувачите започнаа систематски да ги преименуваат сите статии што се поврзани со Македонците и нивните особености, односно беше додадена придавката северномакедонски. Таков пример е статијата „Македонска литература“, која беше преименувана во „Северномакедонска литература“, со образложение дека тоа е литература што е напишана на северномакедонска литературна норма.
Пред одреден период, уредувачите на бугарската верзија ги преименуваа Македонците во северномакедонци, а набргу потоа ова беше повлечено. Но контроверзиите околу Македонците на Википедија продолжуваат.

Македонска литературна форма и славомакедонски јазик?!

Во бугарската и грчката верзија, македонскиот јазик е именуван како македонска литературна форма и славомакедонски јазик. Со други зборови, волонтерите и волонтерките на овие јазични верзии се сообразуваат со државните погледи за македонскиот јазик и го нарушуваат основниот принцип за неутралност.
Уредниците на бугарската Википедија не заборавиле да напишат дека последниот став на бугарската влада во врска со дискусијата за почетокот на преговорите за пристапување на Македонија во Европската Унија на крајот на 2020 година е дека „Бугарија ќе ги признае македонскиот јазик и македонскиот идентитет доколку Северна Македонија признае дека тие историски потекнуваат од бугарските корени.“ Во бугарската верзија можеме да прочитаме дека постоењето на независен „македонски јазик“ е предмет на јазични и политички спорови, честопати под влијание на геополитичката конјунктура, која може да му даде предност на едно или друго гледиште во различни периоди. Покрај веќе споменатите, тука спаѓаат македонската јазична норма и македонската литературна норма, преименувани како северномакедонска литературна норма и северномакедонска јазична норма…
Во грчката верзија можеме да прочитаме дека славомакедонскиот јазик нема никаква врска со грчкиот античкомакедонски јазик што се користел во антиката, освен тоа што и двата му припаѓаат на индоевропското семејство.

Пропагандното видување наспроти точноста на содржината

Сите јазични верзии на Википедија, со исклучок на бугарската и грчката, јазикот на Македонците го именуваат како македонски јазик. Очигледно е дека уредувачите на бугарската и грчката Википедија не се водат од основните принципи на уредувачката политика на самата Википедија. Наместо тоа, ги одобруваат содржините што се во согласност со државните гледишта кон Македонците и нивните особености. Бугарската верзија не го именува македонскиот јазик како македонски јазик туку како македонска литературна форма, затоа што Бугарија не ги признава јазичните особености на Македонците и тврди дека македонскиот јазик е бугарски дијалект.
Од друга страна, грчката верзија го именува јазикот на Македонците како славомакедонски, за да направи дистинкција помеѓу денешните Македонци и античките Македонци. Во грчката верзија за македонскиот јазик грубо се нарушува и принципот за неутралност, бидејќи се тврди дека јазикот на античките Македонци бил грчки јазик, иако во светската историска наука нема согласност за етничката припадност на античките Македонци и нивниот јазик. Не се споменуваат другите теории за античкиот македонски јазик, како што е бригиската теорија.

Непочитување на изворите и нарушување на неутралноста

За овие контроверзности, Кирил Симеоновски, еден од администраторите на македонската Википедија, вели дека бугарските и грчките уредувачи им даваат предимство на нивните извори при пишувањето на содржините што се поврзани со Македонците. Тој вели дека има голем број грчка литература во која македонскиот јазик се именува како славомакедонски и тие се повикуваат на неа. Во однос на бугарската јазична верзија, Симеоновски вели дека состојбата е идентична. Бугарските уредувачи при пишувањето на статиите се повикуваат на бугарските извори, како што е Бугарската научна академија (БАН) и сл.
Симеоновски вели дека македонската викизаедница многупати реагирала и се обидела ги измени статиите што се однесуваат на Македонците и нивните особености, а тоа е видливо и на страниците за разговор на бугарската Википедија. Меѓутоа, секогаш наидувале на негативен одговор. Конкретно, за статијата што се однесува на македонскиот јазик, кога било побарано да се отстрани терминот македонска литературна норма, еден од бугарските уредници одговорил дека тоа е „видување на Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науките. Ако тие го променат своето видување, можеби ќе има смисла да се отвори нова дискусија.“
Според упатените во оваа проблематика, за оваа состојба е виновен токму инстументариумот на бугарската држава, која со децении води систематска кампања на Википедија за да ги наметне своите видувања за Македонците, македонскиот јазик, македонската историја и сл. Имено, во бугарската јазична верзија има уредувачи што пишуваат исклучиво само за овие теми, а меѓу нив има и голем број членови и соработници на БАН.
Очигледно е дека бугарската и грчката јазична верзија ги нарушуваат принципите на точност и неутралност. Доколку не би било така, тие би споменале дека македонскиот јазик и неговите дијалекти се впишани и се обработуваат во двата референтни меѓународни лингвистички атласи – Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА), проект на Меѓународниот комитет на слависти, и Европскиот лингвистички атлас, проект што е под покровителство на УНЕСКО. Македонскиот јазик е признаен од 138 држави членки на ООН, во рамките на протоколите за дипломатски односи меѓу државите, македонскиот јазик е впишан во Регистарот на земји и јазици од страна на поткомисијата УНГЕНГ при ООН, латиничната транскрипција на македонската кирилица е усвоена со Резолуцијата во Атина во 1977 година, на Третата конференција на УНГЕНГ при ОН, македонскиот јазик е влезен во Меѓународната организација за стандардизација, македонскиот јазик е признаен од Меѓународниот ПЕН (со седиште во Лондон) и врз основа на фактот дека македонската книжевност е создадена на македонски јазик е основан и посебен Македонски ПЕН-центар во 1962 година.

Како да се влијае?

Македонската викизаедница не може сама да се избори со оваа состојба, доколку се земе предвид кој стои зад бугарската и јазичната верзија на Википедија. Очигледно е дека македонската држава и нејзините институции, особено Македонската академија на науките (МАНУ), можат да помогнат со своите ресурси и кадар. Не смее да се изуми дека бугарските и грчките уредувачи постојано атакуваат менувајќи и фалсификувајќи содржини, текстови и на сите други јазични верзии на Википедија, а особено на англиската верзија. Потребен е заеднички зафат од поширок карактер, зад кој ќе застанат сите значајни чинители во македонското општество. Што побрзо и бескомпромисно да се спречи оваа појава, бидејќи во скора иднина на англиската или некоја друга јазична верзија читателите можеби ќе прочитаат дека „северномакедонската литература е литература што е напишана на северномакедон ска литературна норма“!?