Бугарското вето, но и последните случувања во регионот чудно коинцидираат со сценариото во словенечкиот нонпејпер што се појави пролетоска, а со кој се предвидуваше конечен крај на распадот на поранешна Југославија. Наводниот нонпејпер од повеќето политичари во регионот беше отфрлен, но официјален Брисел
ниту демантира ниту потврди дека до него пристигнал ваков документ од страна на словенечкото претседателство со ЕУ, со што остана сомнежот дека и на Унијата ѝ оди во прилог да ги затвори сите отворени прашања на Балканот, па дури и по
цена на ново прекројување на границите

Игри со европскиот (словенечки) нонпејпер за Балканот

Опстојувањето на Бугарија на тврдите позиции во однос на Македонија и нејзините евроинтегративни процеси не може да се протолкува никако поинаку, освен како бугарска стратегија зад која се кријат поинакви намери, кои се далеку од добрососедски. А Европската Унија, како „клуб на привилегирани“, со своите постапки, кои се далеку од принципиелни, како што велат познавачите на околностите, сѐ повеќе се чини дека е „мајсторот“ на севкупниот тек на настаните на овие простори.
Имено, бугарското вето, но и последните случувања во регионот, чудно коинцидираат со сценариото во словенечкиот нонпејпер што се појави пролетоска, а со кој се предвидуваше конечен крај на распадот на поранешна Југославија. Наводниот нонпејпер од повеќето политичари во регионот беше отфрлен, но официјален Брисел ниту демантира ниту потврди дека до него пристигнал ваков документ од страна на словенечкото претседателство со ЕУ, што отвори сомнеж дека и на Унијата ѝ оди во прилог да ги затвори сите отворени прашања на Балканот, па дури и по цена на ново прекројување на границите.
Во документот лиферуван пролетва се предвидуваше обединување на Косово и на Албанија, со што Белград повеќе нема да има потреба да ја признава косовската независност, како и на Република Српска со Србија, со што на Србите ќе им се компензира дел од загубената територија. Србите од северот на Косово би добиле посебен автономен статус, по примерот на Јужен Тирол.
Токму ваквото сценарио во моментот почнува да се реализира преку ѕвечкањето со оружје на косовско-српската граница и тензиите последните денови, како и по последните изјави што стигаат од водечките српски политичари во БиХ дека повеќе нема да ги признаваат државните одлуки.

Бугарија внимателно ја следи целата ситуација и неизвесноста во која ја остава Македонија е добро смислен стратегиски потег да се причека да се реализираат предвидените планови од нонпејперот, особено процесот на спојувањето меѓу Косово и Албанија. Официјална Софија добро знае дека македонските Албанци нема да сакаат да останат надвор од овие сеалбански обединувачки процеси, така што игра на картата дека териториите што не се населени со мнозинско албанско население природно ќе им припаднат ним. Во таа насока може да се протолкува и огромниот интерес во Бугарија за македонскиот попис, односно лицитирањето со над 100 илјади бугарски државјани во земјава.
Професорот по меѓународно право од Универзитетот во Белград, Игор Јанев, смета дека без оглед на сценариото од словенечкиот нонпејпер, Бугарија има „европска“ стратегија во однос на Македонија, која се одвива паралелно со точките предвидени во нонпејперот.
– Блокадата на Македонија е бугарска стратегија, а со елементите е запознаена и Албанија, која уште од 2017 година има договор со Софија како да ја поделат Македонија – вели Јанев.
За него, индикативен е моментот на неодамнешното потпишување на договорот СОФА меѓу Македонија и Косово, со кој се овозможи влез, престој и транзит на припадниците на косовските безбедносни сили на македонска територија.
– Сега СОФА е прв чекор нанапред во поделбата на Македонија, која ќе оди преку кантонизација, федерализација и конечен договор на Албанија со Бугарија за делови од територијата и границата, која ќе се дефинира по поделбата на Македонија. Договорот за поделба треба да дефинира кој дел од македонската територија ќе го земе Албанија, а кој на друга страна треба да го анектира Бугарија – е ставот на професорот Јанев.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов е убеден дека зад сето ова стојат големите центри на моќ и дека ниту еден потег во моментов не е случаен.
– Целата работа е режирана од друго место, а контролираната нестабилност или ги одложува или ги заострува проблемите, никогаш не може да ги реши. И нашето прашање со Бугарија е во тој контекст, но сето тоа е малку за да може Западот и меѓународната заедница поенергично да го решат прашањето меѓу Бугарија и Македонија – вели Јањатов.

Според него, таквата контролирана нестабилност може лесно да излезе од контрола, а најдобар индикатор е тоа што се случува на српско-косовската граница.
– Треба многу внимателно да ја следиме ситуацијата и особено да се внимава кои потези ќе се влечат. Фактот што Косово е против проектот „Отворен Балкан“ сам по себе говори дека тука има некое резервно сценарио, а меѓународната заедница не ги решава инцидентите. Прашање е дали сега беше време да се ставаат ознаки на табличките. Тоа по мене е ставање бензин на оган во време кога одат преговори, кога се бараат солуции…Сè е тоа едно сценарио диригирано од големите центри на моќ. Во циклуси Балканот станува или буре барут или некоја летаргична средина во која ништо не се случува. Како и да е, некој ги влече конците однадвор, бидејќи никој не може да ме убеди дека ова што во моментот се случува во регионот не е со знаење на нашите стратегиски партнери – заклучува Јањатов.