Тешкиот инцидент со расистички скандирања и фашистички поздрави од страна на група навивачи на фудбалската репрезентација на Бугарија на мечот против Англија на стадионот „Васил Левски“ во Софија беше само капка во морето на националшовинистички пориви, кои особено се изразени во последно време од поединци во бугарската јавност. Горчината на таквите пориви ја почувствува и македонското малцинство во Бугарија со долгогодишното дискриминирање, но и нашата држава, по потпишувањето на договорот за добрососедство

Во домашната и меѓународната јавност и понатаму не стивнуваат реакциите во однос на бугарската „рамковна позиција“ кон македонските евроинтегративни аспирации, со кои Бугарија всушност поставува цел сет националистички уцени за нејзината поддршка на Македонија во ЕУ.

Под импресија на овие осудувачки реакции кон Бугарија, кои пристигнуваат од секаде, вчера (вторник, 15 октомври) во Охрид беше одржана нова средба на мешаната македонско-бугарска историско-образовна комисија. Оваа седма средба на комисијата, која се одржува под дополнителен политички притисок на последната бугарска декларација, повторно на дневен ред го имаше обидот за усогласување на националноетничката припадност на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Темата за прифаќањето на бугарската верзија на т.н. заедничка историја и историски личности е само една од уценувачките точки во декларацијата на бугарските власти, а меѓу шесте барања е и она за откажување на Македонија од македонското малцинство во Македонија. Воздржаноста, или отсуството на реакција од официјалните власти во Македонија на бугарските уцени, сепак не ја замолчи интелектуалната јавност во земјава, но и претставниците на македонското малцинство во Бугарија, кое таа земја повеќе од шест децении одбива да го признае.

– За жал, не може да се каже дека прифатената позиција на Владата и парламентот на Република Бугарија изненадува – таа е плод на 66-годишен развој на тоталитарната националистичка мисла и организиран прогон на македонското малцинство во Бугарија. Неизлечениот тоталитаризам од внатрешен проблем сега станува меѓународен – Бугарија се обидува да го претвори во услов за членство во Европската Унија прифаќањето на нејзината дискриминаторска политика. Се обидува да го негира и смени идентитетот на луѓето во Македонија, како што непречено го прави тоа веќе 66 години со Македонците во Бугарија – се вели во реакцијата на неколку македонски организации во Бугарија по усвоената декларација на бугарскиот парламент за условената поддршка на датумот за преговори за членство во ЕУ на Македонија.
Повикувајќи ја Владата на Бугарија да престане да се преправа дека нема македонско малцинство, граѓаните на Бугарија со македонска самосвест, потписници на отвореното писмо, порачуваат дека подостојно би било Бугарија да ги прифати препораките на сите меѓународни институции и да почне да разговара со претставниците на македонското малцинство, да ги запре дискриминацијата и асимилацијата и да почне да ја применува рамковната конвенција за правата на малцинствата.

– Бугарија бара да измисли раска во окото на Македонија, занемарувајќи и оправдувајќи ги гредите во своето. Фактите се неоспорни. Бугарија е осудена 13 пати во Стразбур за тоа што ги дискриминира Македонците – се наведува во соопштението чии потписници се: ОМО „Илинден“-Пирин, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор, Граѓанско друштво за заштита на основни индивидуални човекови права, Македонски дискусионен клуб за етничка толерантност, правозаштитен комитет „Толерантност“, весникот „Народна волја“ и билтенот „Македонски глас“.
Иако членка на ЕУ, Бугарија не е потписничка на рамковната конвенција за правата на малцинствата, а нејзини официјални претставници честопати изјавувале дека повеќе се согласни државата да плаќа казни, отколку да ги спроведува одлуките на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, во корист на претставници од македонското малцинство од Бугарија.

Бугарската политика на негирање на малцинствата на нејзина територија сепак не беше пречка Бугарија да стане членка на ЕУ, иако почитувањето на правата на малцинствата е еден од носечките критериуми за членство во Унијата. Со политичка одлука, Бугарија стана членка на Унијата, а сега таа позицијата ја користи да ги наметне своите уцени како услов за членство на Македонија во Европската Унија. На ваквиот обид на бугарската политика да наметне дополнителни услови за Македонија, користејќи го своето членство во ЕУ, како и асиметричноста на договорот за добрососедство, со протест преку отворено писмо до дипломатските претставници на земјите-членки на ЕУ, во земјава се обратија група македонски интелектуалци. Покрај другите забелешки на условите од бугарската декларација (барањето за своевидно непризнавање на македонскиот јазик, како и бришење на квалификативот „бугарски фашистички окупатор“ од македонските споменици од НОБ), македонските интелектуалци го нагласуваат и континуираното непризнавање на македонското малцинство во Бугарија

– Очекуваме институциите на Европската Унија, како и нејзините земји-членки, принципиелно да реагираат на отворениот националшовинизам на бугарскиот парламент, секако во името на евроинтеграцијата и на добрососедските односи, следејќи ги добрите искуства и примери од претходните проширувања на Унијата. Да потсетиме и дека во однос на евроинтегративниот процес на нашата земја, со децении ЕУ ни повторува дека малцинствата и нивните права се многу важни. Со рамковниот договор од 2001 година нашата земја се обврза на решенија што ги надминуваат меѓународните стандарди за малцинските права, за разлика од Република Бугарија, која беше примена во ЕУ без никаков услов кон малцинствата, вклучувајќи го и македонското, а беше толерирана дури и кога Меѓународниот суд за човекови права од Стразбур пресуди дека ги крши правата на македонското малцинство во случајот на „ОМО Илинден“ – се вели во протестното писмо на македонските интелектуалци до дипломатите во Македонија.