Симптоматично е контрадикторен Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија и како наслов и како содржина. И во меѓународната и во домашната експертска јавност досега се констатираа многу подметнати „замки“ во содржината, со чие активирање бугарската страна ги прекрши нормите на меѓународното право. И покрај тоа, македонската страна во духот на добрососедска добра волја го прифати тој договор. Но еден друг договорен аспект на практикување на „добрососедството“ разбуди низа размислувања за тоа колку двата различни засебни ентитети се уважуваат меѓусебно како различни народи, колку се разбираат, познаваат, соработуваат и колку си помагаат?

Доминантните тези во македонско-бугарската дебата предизвикана од заканата за вето во ЕУ за Македонија, од страна на Бугарија најчесто се ставени во обландата на „блискоста на народите, јазиците, заедничката историја“…

Всушност, целата бугарска кампања пред ЕУ е насочена кон докажување на „блискоста“ на македонскиот и бугарскиот народ во минатото (дека всушност и народот и јазикот и историјата се бугарски односно „заеднички“ и дека македонскиот народ е вештачка творба конструирана во 1944 (?!). Таа навредлива, невистинита и неприфатлива бугарска теза оди дури до степен на ирационално условување Македонците „да си ги осознаеле и да ги признаат своите бугарски корени, во замена на поддршката во евроинтеграциите“!?
Под маската на добрососедството и априори бенефициите што ги ужива како земја-членка на ЕУ, сѐ поочигледно е дека дел од стратегијата на Бугарија е да ја претстави Македонија пред ЕУ како генератор на проблеми и кочничар на развојот на добрососедството!

Македонскиот „говор на омраза“ и бугарската „праведна омраза“

Паралелно со таквото актуелно политичко ниво на комуникација и аргументација на Бугарија до ЕУ, симптоматично е контрадикторен и Договорот за добрососедство, кој за Бугарите сега претставува формалноправен извор за нивната аргументација. А тој всушност, поставен и толкуван низ призма на официјална Софија, генерира проблем и како наслов и како содржина. Досега се констатираа многу „замки“ во содржината, со чие активирање бугарската страна ги прекрши нормите на меѓународното право. Но еден друг аспект на практикување на „добрососедството“ разбуди низа размислувања за тоа колку „добрите соседи“ се уважуваат меѓусебно како народи, колку се разбираат, познаваат, соработуваат и колку си помагаат?
– Па, ние сè уште не ни знаеме што се случува зад границата. Знаете ли колку заболени има од ковид-19 во Македонија? Не. Како ќе знаете? Дури и тој најпрост пример што ви го давам покажува дека не се познаваме, ама многу сакаме да мудруваме и да делиме лекции. Дајте да направиме заеднички медиуми со новинари од регионот. Една мрежа што ќе личи на Си-ен-ен, на пример, па ќе знаеме што се случува кај нив, а и тие ќе знаат што се случува кај нас – констатира во една емисија на бугарските медиуми, бугарскиот новинар Николај Крастев.
Таквиот однос на изразена незаинтересираност на двата народа за меѓусебно запознавање и меѓусебната перцепција можеби најилустративно е отсликана во анкетите на јавното мислење во двете земји.

Имено, јавното мислење во Бугарија со застапеност од 84 отсто ја поддржува позицијата на својата влада за вето за Македонија во ЕУ, „сѐ додека Македонците не ги признаат своите бугарски корени“. Речиси реципрочно, таквата позиционираност на ставовите од Бугарија, во македонските анкети се одразува со резултат дека околу 90 отсто од испитаниците не ја сметаат Бугарија за пријателска земја (и покрај Договорот за добрососедство). Во таков контекст особено цинично звучи забелешката на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, за некаков „говор на омраза“ спрема Бугарија од македонска страна, а притоа наметнувајќи ја сопствената позиција на посилен како бугарска „праведна омраза“.
– Во вака поставената комуникација преку идентитетско соочување, во која едната страна наметнува да ѝ ги пресече корените во историјата на другата страна, неизбежно се создава амбиент во кој нема дијалог, туку надвикување во кое секој си го слуша само својот глас. Кога некој те негира и те нарекува „измислена нација“, како што актуелно бугарската официјална политика нѐ нарекува нас Македонците, без разлика колку и како се познаваме, доминира фактот на негација и злоупотребата на сопствената меѓународна политичка позиција. И во таков амбиент, кога некој ти ги сече корените, го негира твоето постоење секоја иницијатива за запознавање со причините за таквото однесување ја губи смислата пред недоумицата врз која основа може да се соработува – вели универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески.

Бугарскиот историски комплекс за македонското прашање не дозволува добрососедство, туку наметнува империјализам

Повикувајќи се на своето искуство и професионална и приватна комуникација со бугарските колеги од својата стручна област, професорот Ацески вели дека Бугарите можеби во поголем степен се запознаени со околностите во Македонија, но секогаш ги гледаат преку призмата на нивните историски комплекси во однос на македонското прашање. За жал, констатира професорот, се покажува дека аспирациите што потекнуваат од тој историски комплекс во Бугарија не исчезнуваат и не се менуваат со децении, што речиси секогаш по одреден период на комуникација се наметнува како товар и во секоја неформална комуникација меѓу Бугарите и Македонците. Ацески не негира дека и во Македонија функционираат одредени стереотипни предрасуди за Бугарија и за бугарскиот народ, но со сегашниот однос на закани и уцени од бугарската политика за македонските евроинтеграции, тие само се засилуваат, наместо да се надминуваат. Во таа смисла социологот констатира дека сосема контрапродуктивно, Договорот за добрососедство наместо зближување на македонскиот и бугарскиот народ во овие три години само генерира уште понагласено функционирање на стереотипите за едните кај другите.
– Во која смисла ваквата поставеност на односите меѓу Македонија и Бугарија (кои како да се вратени во времето на бугарскиот живковизам) ќе се злоупотреби во геостратегиска смисла на Балканот, во овој миг не можам да претпоставам. За жал, тие во 21 век не го положија тестот на една модерна нација, а уште попредизвикувачки во овој политички миг е што тоа е на штета на Македонија – вели професорот Илија Ацески.