По критиките на Советот за општи работи на ЕУ до Бугарија во врска со ставот за Македонија

На искажаните критики и убедувања на Советот за општи работи на ЕУ, бугарскиот претставник возвраќал дека „ЕУ не ја разбира длабочината на проблемот“ помеѓу Скопје и Софија, дека овој спор е европско прашање

Уште една интензивна дебата на министерскиот Совет за општи работи на ЕУ, што се одржуваше вчера во Луксембург, на темата усвојување на преговарачките рамки за Македонија и за Албанија не беше доволно убедувачка за Бугарија да отстапи од ветото за почеток на пристапните преговори за Македонија, што го ефектуира во декември минатата година. На состанокот, Германија покажала силна заложба и големо настојување за почетокот на преговорите со Македонија. За бугарскиот претставник на состанокот и понатаму била поважна националната позиција на неговата земја за опструирање на македонските евроинтеграции, иако на Софија ѝ било повторно предочено дека Бугарија со таквото однесување го доведува во прашање кредибилитетот на целата Европска Унија. Според сведоштвата на дипломатите во ЕУ, присутни на состанокот, критиките на земјите-членки кон позицијата на Бугарија биле „многубројни“.

На искажаните критики и убедувања, бугарскиот претставник возвраќал дека „ЕУ не ја разбира длабочината на проблемот“ помеѓу Скопје и Софија, дека овој спор е европско прашање и дека притоа Бугарија се наоѓа во „специфична ситуација“ поради претстојните избори во јули.

Поради бугарското вето за преговарачката рамка за Македонија и принципот на консензуално одлучување во ЕУ, на овој самит на ЕУ, под португалско претседателство, се споменува и можноста за издвојување на Албанија од „заедничкиот пакет“ за проширување на Унијата. За овој самит, Албанија ги исполни дополнителните услови што ѝ беа дадени кога минатата година беше донесена одлуката во ЕУ за започнување на преговорите. Сепак, огромно мнозинство земји-членки се одлучни во ставот дека одвојувањето на Албанија од пакетот за проширување не треба да се случи и дипломатите присутни на состанокот во првиот дел од денот оценуваа дека е речиси невозможно ова сценарио да се оствари, оставајќи простор – „освен ако нешто се промени до крајот на денот“.

Пред почетокот на состанокот на ГАК, во Луксембург, министрите за европски прашања и надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, упатија поддршка за Македонија и за Албанија и побараа да не се блокираат овие две земји, со оглед на постигнатиот реформски напредок, кој треба да биде награден.

– Потребните одлуки се под сенка на билатерални конфликти, не треба да се слушаат на ниво на ЕУ, тие може да се разговараат во рамката на ЕУ, ние сме исто таму, но ова се билатерални проблеми. Комитетот на федералната Влада смета дека Албанија и Македонија ги исполнија условите и конечно можат да започнат со преговори и мора да биде јасно дека ЕУ како целина, поддржана од 27 земји-членки, сега испраќа сигнал за имплементација на ветувањата што ги дадоа државите. Сега ние мора да направиме нешто и се надевам дека ќе успееме да постигнеме разумни одлуки денеска – ги кажа германските позиции Михаел Рог, министерот за Европа на Германија.

Според известувањата од текот на состанокот на ГАК за непопустливоста на Бугарија во врска со нејзините услови за Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, се чини дека португалскиот дипломатски обид за медијација во наметнатиот историско-идентитетски спор меѓу Скопје и Софија не дал плод. Португалскиот предлог за приближување на позициите меѓу Бугарија и Македонија, до степен барем за одблокирање на почетокот на преговорите, во голем дел остана мистерија за македонската јавноста, додека во Бугарија речиси веднаш беше одбиен.

Неколку дена пред одржувањето на самитот на ЕУ, висока владина делегација од Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев, беше во Софија во своевидна мисија за убедување на бугарската страна да го повлече ветото. Во бугарските медиуми се појавија информации дека на тие средби било понудено бугарското малцинство да биде внесено во преамбулата на македонскиот устав, како и декларација дека македонскиот и бугарскиот народ се братски народи и, наводно, македонскиот и бугарскиот јазик да бидат прогласени за „ист јазик, но меѓународно одделно признаени“. Некои од овие информации беа демантирани од македонска страна, но и понатаму останаа многу непознати во јавноста за понудите и постигнувањата од оваа посета на Софија. Уште пред да биде реализирана посетата, бугарскиот технички премиер, Стефан Јанев, кажа дека техничката влада на Бугарија нема мандат да отстапи од позициите наведени во Декларацијата на бугарското собрание од 2019 година, со која практично се бара Македонија и Македонците да ги признаат и прифатат бугарските корени.