Европската толеранција, како и поддршката на однесувањето на Грција во однос на македонското прашање, ја охрабри и Бугарија своите барања да ги остварува со истите методи и средства што многу потсетуваат на националфашизам, а на моменти се препознаваат и елементи на болшевистички екстремизам. И наместо цврст и решителен став на ЕУ штом ги препознае ваквото однесување и постапки на своите членки, Унијата, почитувајќи ги своите веќе проблематични процедури, ги затвора очите за правдината и универзалните принципи на демократијата и на меѓународното право

Антифашизмот, поставен во темелите на Европската Унија, често е доведуван во искушение и ставен на преиспитување како заедничко сврзувачко ткиво и темелна вредност за нејзините земји-членки. За некои од проследувачите и познавачите на современите политички тенденции во самата Европска Унија, дури и преименувањето на Денот на победата над фашизмот, 9 Мај, како Ден на Европа претставува почеток на трендот на релативизирање и поттурнување под тепих на сеќавањата на злосторствата и лошите историски сеќавања од Втората светска војна. Иако толкувано и како заложба за заедничка попросперитетна иднина на членките на ЕУ и оставање на минатото исполнето со антагонизми во историјата, своевидното потиснување на периодот на фашизмот, како да подотвори простор за примена токму на методите на тоталитарните општества во актуелните политики и однесување на одредени земји-членки на Унијата.

Неофашизмот нема да помине!

Македонија во своите евроинтеграции е актуелна жртва на толерантноста на ЕУ за недемократските тенденции во Унијата, како и спрема практиката на злоупотреба на нејзините механизми од нејзините земји-членки, кои не се стеснуваат да ги применуваат тоталитарните методи за спроведување на своите вековни аспирации поврзани со македонското постоење и историја. Европската толеранција, дури и поддршка на однесувањето на Грција во однос на македонското прашање, ја охрабри и Бугарија своите побарувања да ги остварува со истите методи, кои многу потсетуваат на националфашизам, но на моменти се препознава и болшевистички екстремизам.
– Захариева стави знак на еднаквост на правото на самоопределувањето на македонските граѓани со правото на самоопределување на бугарските граѓани да го негираат самоопределувањето на првите, на македонските граѓани. Никој нема право да негира туѓо самоопределување, а таквото негирање е суштината на дискриминацијата и фашизмот. И мора да се каже: Неофашизмот нема да помине!
Декларирањето дека спорот што го наметна Бугарија е апсурден, не е доволно. И спорот со Грција беше деклариран за апсурден, но тоа не ни помогна многу. Овој спор мора да се декларира каков што е во основа, неофашизам, и за таков спор нема отстапки! – порача политичкиот аналитичар и извршен директор на МЦМС, Сашо Клековски.

И болшевистичките и фашистичките методи им се добро познати и одамна усвоени

Подметнувајќи ѝ на мала врата на ЕУ маскирани форми на фашизам, меѓу другото, Бугарија поставува барања да се избрише и заборави нејзиното фашистичко минато од македонските учебници, како еден од условите за отстранување на ветото за ЕУ. Универзитетскиот професор и историчар Тодор Чепреганов таквите барања ги толкува како принуда за фалсификување на историјата, но и создавање предуслови за создавање сосема друга слика за тој историски период, т.е. за фашизмот и нацизмот, како во Македонија, но и во светската историја.
– Бугарија со истата матрица се обидува за последен пат, преку непринципиелна спрега на науката и политиката, да го реализира санстефанскиот сон и да ги направи Македонците Бугари. Низ историјата, Бугарија секогаш влегувала во сојузи за да го оствари својот сон, а сега сојузот што сака да го искористи е Европската Унија. Индикативно е што и во ЕУ знаат што се случува, но го толерираат таквото однесување на Бугарија, како што очигледно го толерираат и маршот со нацистички симболи во главен град на своја земја-членка, и тоа во Унија што е поставена на антифашистички темели – коментираше професорот Чепреганов по одржувањето на т.н. Луков марш во Софија, во февруари годинава, со фашистичка иконографија.
Македонскиот историчар предупредува дека Бугарија самата треба да се соочи и да го лустрира своето фашистичко минато, но и да се извини, како што го има направено тоа Австрија, дури во деведесеттите години на 20 век.
– Не може да се бега од историјата. Дури и да се обидете да го скриете и заборавите, дури и да ги принудувате и уценувате другите да заборават, кога духовите на злото маршираат повторно секоја година во сегашноста на вашите улици – историските грешки се закануваат со повторување. Бугарија не треба да се справува со некаква замислена омраза во Македонија, туку со омразата што маршира на нејзините улици. Самиот факт што во денешното бугарско општество се дозволува да се организира марш со нацистички симболи, покажува каков е тамошниот однос кон нацизмот и фашизмот, односно дека не може да направи лустрација на таквото свое минато – предупредува професорот Чепреганов.
Барањето за бришење и заборав на нејзиното фашистичко минато од македонските учебници е само дел од поширокиот контекст на ирационалните уцени на Бугарија за прифаќање од страна на Македонија на бугарската историја како заедничка, што би било вовед во поништување на автентичноста и посебноста на македонскиот национален идентитет, историја, јазик.

Европа повторно влегува во сопствената замка на екстремизам и радикализам

– Европа треба да знае дека фашизмот се родил, постоел и војувал токму на нејзина почва. Ако заборавила, треба да се потсети, бидејќи ако немало фашизам, немало ни антифашисти во Европа. Во тој случај, сите се ставаат во ист кош – и агресорите и агресираните, и окупаторите и окупираните. Како може да го заборавиме АСНОМ, кога врз него се темели современата македонска држава? АСНОМ е кратенка на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, што јасно говори дека постоел фашизам. Тој факт никој не може да го избрише. Ако се откажеме од нашата антифашистичка борба, сме се откажале од самите себе. Понатаму, против кого се бореа Велика Британија или Франција (која беше и окупирана) во периодот 1939-1945? Откажувањето од тоа, би значело откажување на Европа од самата себе. Такво нешто Европа нема никогаш да си дозволи, но од некои ирационални причини го бара тоа од нас. Ние не можеме да се откажеме од нашата антифашистичка историја (макар никогаш не биле примени во ЕУ) како што и тие не можат да се откажат од својата историја. Токму антифашистичката војна е тоа што длабоко нѐ поврзува со Европа и нѐ прави дел од една заедничка историја.
Според тоа, нашата историја е заедничка со европската, а не со бугарската. Фактот што во Бугарија имало одредени антифашистички отпори не ја прави антифашистичка, како што постоењето на партизанското движење во Италија не ја прави антифашистичка земја. Една од најубавите протестни песни, создадена во 19 век, а подоцна станува една од најпознатите антифашистички/партизански песна е „Bella Ciao“. Сепак, тоа не ја ослободува Италија од нејзиното фашистичко минато. Ова треба да го знаат бугарските политичари и историчари, како и „македонскиот премиер“ – откажување од минатото нема и не може да има! – категоричен е универзитетскиот професор по филозофија Љубомир Цуцуловски.

Историско делегитимирање на постоењето на македонскиот народ

И покрај изразените и препознатливи „симптоми“ во однесувањето на Бугарија, кои упатуваат на подметнување фашизам во дворот на ЕУ, универзитетскиот професор Митко Панов од Институтот за национална историја, сепак се воздржува од такви формулации, бидејќи, според него, тие не се соодветна реторика за современите демократии. Но внимателноста во квалификациите, не ја намалува неговата критичност и неприфаќањето на позициите на сегашна официјална Бугарија со инсистирање за ревидирање на македонскиот национален наратив, и тоа преку меѓудржавната историска комисија, што има апсолутно негаторски цели во однос на македонскиот народ и нација.
– Би посочил на историската генеза, која упатува на конзистентноста на политиката на Бугарија во однос на Македонија од втората половина на 19 век. Политика, чијашто манифестација произлегува од Санстефанскиот договор од 3 март 1878 г. – краткотраен договор со траење од неколку месеци, со кој се реализира рускиот проект за голема Бугарија со инкорпорирањето на најголемиот дел од територијата на Македонија, кој иако ревидиран на Берлинскиот конгрес под притисок на тогашните западни сили, сѐ уште се празнува во Бугарија како национален празник.
Во ваквиот политички амбиент на 70-тите години од 19 век, под силно влијание и менторство на Русија, се креира бугарскиот национален наратив, што посебно вклучува и присвојување на личностите и настаните од историјата на Македонија, како начин за историско легитимирање на претензиите кон македонската територија и оправдување на проектот за голема Бугарија.
Ваквиот конструиран бугарски национален наратив во однос на историјата на Македонија, иако ревидиран по Втората светска војна, уште посилно се манифестира со доаѓањето на власт на Тодор Живков во 1960-тите години, со цел најпрвин да се „демакедонизира“ Пиринска Македонија, а потоа и да се „бугаризира“ самата Социјалистичка Република Македонија.

На ваквата бугарска политика, иако деидеологизирана од комунизмот, сме сведоци и денес. Инсистирањето на сегашна официјална Бугарија за ревидирање на македонскиот национален наратив, и тоа преку меѓудржавната историска комисија, ги има апсолутно истоветните негаторски цели во однос на македонскиот народ и нација.
Затоа е актуелна историјата, која станува политичка алатка за реализирање на националните интереси на Бугарија, како и на Грција. Софија и Атина всушност ја делат историјата на Македонија помеѓу себе, со намера да го затворат македонското прашање, откако преку заедничките комисии за историја ќе обезбедат историско делегитимирање на постоењето на македонскиот народ и македонската нација.
Меѓутоа, како клучно прашање се поставува што прави актуелната владејачка елита во Република Македонија за да се спротивстави на ваквите негаторски тенденции и политички уцени за ревидирање на македонската национална историја, чиешто прифаќање ќе значи согласност дека македонскиот народ и македонската нација никогаш и не постоеле! – вели историчарот Митко Панов.