Бугарија ја задржува својата позиција за европска интеграција на Република Македонија, која произлегува од Декларацијата на Националното собрание од 10 октомври 2019 година и рамковната позиција усвоена од Советот на министри на 9 октомври 2019 година, изјави бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев пред еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, објавија бугарските агенции.

На Бугарија ѝ се потребни конкретни активности и гаранции за трајно и неповратно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, нагласи шефот на бугарската дипломатија.

Министерот за надворешни работи Стоев пред еврокомесарот за соседство и проширување Вархеи ја потврди принципиелната позиција на Бугарија во поддршка на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и Република Македонија.

Стоев, како што пренесуваат медиумите, го информирал еврокомесарот за актуелните случувања во билатералниот дијалог со Скопје, нагласувајќи ги напорите што ги прави бугарската страна за враќање на довербата на сите нивоа.

– Бугарија останува доследна во поддршката за европскиот пат на земјите од Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија. Водени од оваа позиција, вложивме сериозни напори за одржување отворен и целосен дијалог со нашите соседи и враќање на довербата во нашите односи – рече Стоев.

Тој истакна дека за да се поддржи почетокот на пристапните преговори меѓу Република Македонија и ЕУ, на Бугарија ѝ се потребни конкретни активности и гаранции за трајно и неповратно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.

– Очекуваме Република Северна Македонија да покаже политичка волја за надминување на разликите. Бугарија, од своја страна, останува активно вклучена во барање можности за решавање на отворените прашања – изјавил Стоев.