Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонско-бугарскиот спор што нѐ држи надвор од вратите на ЕУ е пред нова раскрсница, која не дава позитивни сигнали за развојот на случувањата.
Викендов четирите политички партии во Бугарија што преговараат за нова владејачка коалиција информираа дека во суштина нема да ги променат негаторските политики на Софија кон Македонија. Бугарското национално радио (БНР) на оваа тема информира дека партиите Продолжуваме со промените, БСП, Има таков народ и Демократска Бугарија веќе ги започнале тамошните дискусии за спорот со Македонија.
Медиумот додава дека по одржаниот состанок се стигнало до заклучок дека Бугарија очекува властите на Македонија трајно да ги гарантираат правата на граѓаните што се самоидентификуваат како Бугари.
Во информацијата на БНР се подвлекува и дека идниот коалициски формат на источниот сосед предложил секој месец меѓу двете земји да се одржуваат задолжителни средби во однос на работата на заедничките комисии предвидени со Договорот за пријателство.
– Сакаме да направиме вистински календар на овие средби и навистина да постигнеме резултати – изјавил за медиумите Кирил Петков, кој е најсериозен кандидат за премиер.

Стефан Тафров, пак, од партијата Демократска Бугарија, предложил да се подготви патоказна мапа за ова прашање, што ќе стане дел од преговарачкиот процес.
– Мапата треба да опише многу конкретни барања до Скопје. Мапата треба да содржи конкретни работи, како што се конкретен распоред за изградба на заедничка комуникациска инфраструктура, редовни генерални состаноци на кабинетите и парламентите на кои ќе се разговара за спроведувањето на Договорот за пријателство и други мерки, ревизија на учебниците по историја – рече тој за Бугарското национално радио.
Димитар Гардев, претставникот на партијата Има таков народ, најави нов обврзувачки документ за спорот меѓу Софија и Скопје, кој ќе содржи документ, односно гаранција дека Македонија нема да има малцински и територијални претензии и дека би му се ставило крај на говорот на омраза.
Од друга страна, во Македонија, пак, коментирајќи го епилогот од средбата на четирите партии во Бугарија, министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера изјави дека доколку се сфати тежината на моментот, 14 дена се сосема доволни за договор, но за тоа се потребни две страни.

– Ги следевме дебатата и ставовите на политичките партии. Очекувам тоа да се преточи во конкретни ставови. Позициите се јасни на двете страни и треба само промена во пристапот и фокусот – рече Османи.
Тој истакна дека преговорите со техничката влада на Бугарија никогаш не запреле и дека во моментов се работи на подготовка на одговорите на 5+1 точки, што треба да биде основа за продолжување на преговорите.
Сепак, министерот подвлече дека пресудниот момент за процесот е вклучување на политичка влада во случувањата во Бугарија, бидејќи преговорите мора да се продолжат.
Тој најави и интензивирање на комуникацијата на ниво на експерти од МНР, на размена на ставови и на политичка комуникација меѓу двете влади или со претседателот на Бугарија, кој веќе од тамошна страна е избран, за да се најде решение.
Османи повтори дека Советот на ЕУ ја чека одлуката на Бугарија да го тргне ветото, бидејќи преостанатите 26 земји веќе донеле одлука, а она што го очекуваат нашите власти се конкретни чекори од Бугарија, односно размена на предлози, средби на експерти, а потоа доаѓа ЕУ со предлозите на претседателството.