Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, се сретна со амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, и повторно беше реафирмирана потребата за натамошна блиска соработка во развојот и унапредувањето на македонското општество, особено во делот на инклузивноста и еднаквоста.

Амбасадорката Брнз истакна дека сега Македонија и САД се НАТО-сојузници и дека има услови нашата меѓусебна соработка да биде унапредена.

На состанокот беше нагласено дека во делот на меѓусебната соработка во наредниот период ќе се посвети посебно внимание на борбата против корупцијата, на политиките за младите кои ќе значат задржување на младите во земјава и отворање нови перспективи за нив, како и во делот на економскиот раст.

Шахпаска изрази благодарност до САД за поддршката што оваа земја ни ја дава од осамостојувањето до денес, особено во делот на евро-атланскиот процес и нашето зачленување во НАТО како 30-та земја членка.

Таа нагласи дека како министерка за труд и социјална политика има низа приоритети на кои ќе се фокусира во наредниот период.

– Интензивно ќе работиме со ранливите категори граѓани, со сиромашните и со маргинализираните групи, со младите. Веднаш по преземањето на функцијата, во првата недела го предложивме Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој сметам дека е исклучително важно многу брзо да биде усвоен. Работиме на законско решение за спречување насилство врз жените, родовата еднаквост ни е високо на агендата, силно сме посветени на социјалната реформа, особено во делот на децентрализацијата на социјалните услуги и деинституционализацијата. Ќе обезбедиме и суштински дијалог за измена на регулативата за работните односи кое ќе биде современо законско решение донесено врз основа на широка дебата – рече министерката Шахпаска.

Амбасадорката Брнз изрази задоволство што за толку кусо време Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација е пуштен во процедура и изрази надеж дека македонското Собрание ќе го изгласа што е можно поскоро.

Двете соговорнички се согласија дека за наредниот период гледаат исти предизвици и исти полиња на кои би можеле двете земји да соработуваат, особено во делот на поддршката што ѝ е неопходна на Македонија, со единствена цел да обезбеди одржлив развој и напредок.