Фото: Влада

Американската амбасадорка, Кејт Мари Брнз, попладнево остварила средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за да го брифира за извршната наредба на претседателот, Џо Бајден, за Западен Балкан.

Амбасадорката на Твитер објави дека го информирала Мицкоски за извршната наредба.

– Извршната наредба е одраз на посветеноста на администрацијата на Бајден за борба против корупцијата и зајакнување на демократските институции, кои се важни приоритети и треба да бидат прифатени од сите партии во Северна Македонија, за да може земјата да влезе во ЕУ и да се подобрат животите на нејзините граѓани – нагласи Брнз.

Извршната наредба која ја потпиша Бајден го прошири опсегот на вонредни мерки во врска со Западен Балкан, па се опфаќа и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека на средбата со американската амбасадорка присуствувале лидерот Мицкоски и секретарот за меѓународна политика на партијата, Тимчо Муцунски, а се зборувало за високиот степен на корупција и криминал присутни во структурите на власта, законот за марихуана и резолуцијата за спорот со Бугарија.