Европската комисија (ЕК) го повтори ставот дека пристапните преговори со Македонија и Албанија треба да почнат што е можно побргу, со оглед дека двете земји ги исполниле условите за почнување преговори со Европската Унија.

ЕК очекува дека почнувањето на преговорите со Македонија и Албанија би можело да се случи пред самитот на ЕУ и Западен Балкан, кој е најавен за мај во Загреб. Портпаролката на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Ана Писонеро, истакна дека Комисијата смета оти и двете држави ги исполниле критериумите за почнување преговори.

– Комисијата останува на ставот и препораката да се отворат преговорите што е можно побргу затоа што и двете држави го направија тоа што беше побарано и продолжија со реформите – рече Писонеро, пренесува „Танјуг“.

Таа додаде дека ЕК е подготвена и се надева дека тоа може да се случи пред самитот на ЕУ и Западен Балкан во Загреб, но не може да предвиди како земјите членки ќе го третираат прашањето. На неформалната средба на ЕУ со лидерите на Западен Балкан во неделата, претседателот на ЕК, Урсула фон дер Лејен, истакна дека е во интерес на ЕУ да ги приближи двете земји до Брисел, нарекувајќи го тоа приоритет на Комисијата.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави на конференцијата за безбедност во Минхен дека доколку резултатите од вонредните извештаи на ЕК за Македонија и Албанија се позитивни, тој ќе го поддржи почетокот на преговорите на ЕУ со Скопје и Тирана. Вонредни извештаи за напредок на Македонија и Албанија се очекуваат на почетокот на март.