Фото: Маја Јаневска-Илиева

Да замислиме една поинаква реалност, во која Романија како земја-членка на Европската Унија ја блокира Унгарија, која претендира да стане членка, и притоа од неа се бара да се самоукине, односно да објави дека унгарската историја, јазик и култура не се унгарски, туку се романски и дека унгарската нација е вештачка творба. Само замислете еден македонски политичар во својство на еврокомесар да пристигне во Будимпешта и да побара од Унгарците договор за самоуништување и создавање нова нација, во спротивно портите на Европа ќе бидат затворени. Во оваа замислена реалност, Оливер Вархеи, унгарската елита и Унгарците нема да прифатат договор што ја ништи нивната нација. Но многу е лесно да се дели ум кога си од онаа страна, мислиме на Брисел

Кога Конрад Аденауер ја осмислуваше визијата за идната Европска Унија, обединетата Европа ја замислуваше како нешто повеќе од економски сојуз. За него, Европа претставуваше сојуз на држави што имаат иста цел, цел за политичко единство преку совладување на историските конфликти. Не случајно во еден својот говор истакна: „Можеби тоа ќе ја повреди нашата национална самовљубеност, меѓутоа мораме да признаеме дека ниту една европска држава денес не е во состојба самостојно на своите граѓани да им ги гарантира благосостојбата и слободата и во доволна мера да ја брани националната територија. Нужноста од единството поради економските, политичките и воените причини е неспорна. Ова единствено е логичен и природен развој на европската историја.“
Под „совладување на историските конфликти“, Аденауер подразбираше дека европските држави треба да се откажат од екстремниот национализам, шовинизам и иредентизам, кои беа причина за милионите жртви во текот на двете светски војни. Со други зборови, европските нации треба да ги напуштат соништата за големи држави и територијалните претензии и да ѝ се посветат на благосостојбата преку соработка. Во очите на Аденауер, идеите на етнонационализмот и екстремниот радикализам немаа место во идната обединета Европа.
Но нештата не секогаш се одвиваат како што некој ги замислува. Каде е денес визијата за обединета Европа која ги гарантира благосостојбата и слободата? Никаде! Наследниците на Аденауер немаат ниту една сличност со него. Да, Конрад Аденауер беше приврзаник на прагматизмот, како што се многумина сегашни европски чиновници, меѓутоа прагматизмот на Аденауер ја гарантира слободата на секоја нација.
Денес од нас се бара прагматичен пристап за решавање на наметнатиот историски „спор“ со Бугарија. Затоа еврокомесарот Оливер Вархеи нѐ предупреди дека ако ги погледнеме постигнувањата на Албанија, ќе видиме дека се исполнети сите услови. Така што, ако нема договор со Македонија, можеби ќе дојде и тој момент кога ќе треба да разгледуваме и други опции, односно дека е можно одвојувањето на Македонија и Албанија, кои досега одеа во пакет во евроинтеграциите. Вархеи исто така не заборави да нѐ потсети дека мора да се дојде до договор доколку сакаме да се одржи првата меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Бугарија.
Каков апсурд! Албанија ги исполнила сите услови, а Македонија не. Никогаш во животот не сум слушнал толку големи противречности колку во искажувањата на Оливер Вархеи. Европскиот комесар или не ги познава политичко-општествените случувања на Балканот или живее во друга реалност, поинаква од нашата. Кога вели дека Албанија ги исполнила сите услови, мисли на онаа Албанија во која нејзиниот претседател Илир Мета јавно се закануваше и ги повикуваше граѓаните да земат вили во рацете доколку изборните резултати не бидат онакви какви што тој ги посакува, поради што беше „искаран“ од Јури Ким, американската амбасадорка во Тирана. Сигурно не мислел на оваа Албанија, или мислел?

Оливер Вархеи, кој важи за непартиска личност, но блиска до идеологијата на Фидес на Виктор Орбан, ни вели дека мора да се дојде до договор со Бугарија. Логично е да го поставиме прашањето како Вархеи го замислува овој договор. Притоа мора да потсетиме на настапите на бугарската елита, која бара да се откажеме од македонските особености – јазик, култура, историја и сѐ така до бесконечност. Во својство на еврокомесар, Вархеи во туѓа држава многу лесно може да дава изјави од ваков тип, но нас многу нѐ интересира какво би било размислувањето доколку ситуацијата беше обратна.
Да замислиме една поинаква реалност, во која Романија како земја-членка на Европската Унија ја блокира Унгарија, која претендира да стане членка, и притоа од неа се бара да се самоукине, односно да објави дека унгарската историја, јазик и култура не се унгарски, туку се романски и дека унгарската нација е вештачка творба. Само замислете еден македонски политичар во својство на еврокомесар да пристигне во Будимпешта и да побара од Унгарците договор за самоуништување и создавање нова нација, во спротивно портите на Европа ќе бидат затворени. Во оваа замислена реалност, Оливер Вархеи, унгарската елита и Унгарците нема да прифатат договор што ја ништи нивната нација. Но многу е лесно да се дели ум кога си од онаа страна, мислиме на Брисел.
Да се навратиме на апсурдот и противречностите што ги споменавме. Албанија и Македонија не се подготвени за почнување на преговорите со Европската Унија затоа што во овие две држави има високо ниво на корупција, не постои владеење на правото, постои клиентелизам, демократијата е на незавидно ниво и сѐ така до бесконечност. Меѓутоа, да бидеме реални, Унгарија и Бугарија во минатото, кога ги започнаа преговорите, а и денес, кога се членки на Европската Унија, не ги задоволуваат овие критериуми.

И покрај многубројните недостатоци, Унгарија и Бугарија станаа членки затоа што Брисел одлучи дека тоа е во полза на геостратегијата, ограничување на руското влијание. И што направи бриселското чиновништво, прифати нации-држави што ги прекршуваат основните човекови права, само прочитајте ги одлуките на судот во Стразбур. Верувам дека оваа расположба еден ден ќе им се удри од глава, но со тоа нека се занимава европската бирократија, а не ние, впрочем ние не сме дел Европската Унија, а и прашање е дали и воопшто треба да бидеме дел од еден сојуз каде што ветото стана орудие на екстремниот национализам, шовинизам и иредентизам на сметка на слободата, толку далечно од визијата на Конрад Аденауер за обединета Европа.
Но никој не ни е виновен, ние како нација сме виновни. Да повториме по стоти пат. Во изминативе триесет години од Македонија не создадовме држава во вистинска смила на зборот, држава во која управуваат државници, а не квазиполитичари. Како општество имаме потреба од државници што ќе работат во полза на нацијата, ќе ја пресечат корупцијата, ќе водат сметка за потребите на граѓаните и ќе го воспостават владеење на правото, а бизнис-заедницата ќе има сигурен и стабилен партнер за сопствените потреби. Ова се решенијата на нашите проблеми, а не повиците на бриселската бирократија за договор (читај капитулација) со Бугарија. Ваква каква што е, Европската Унија не ни е потребна, затоа што во бугарското вето и барањето за договор нема ништо етичко.
Да завршиме со Конрад Аденауер, со кого и ја започнавме колумнава, кој вели: „Политиката е уметност што се реализира како нешто што е вистински признаено врз етичка основа.“