Поради контрадикторноста што се создава во јавноста по почнувањето на подготвителниот скрининг во областите за правда, слобода и безбедност, во светло на последните случувања поврзани со поранешниот премиер Никола Груевски и неговата недостапност за институциите на правдата, некои од експертите стравуваат дека потфрлувањето на целиот систем во случајов ќе ни донесе тешкотии во понатамошната евроинтеграција

И додека македонската делегација во Брисел, предводена од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во својство на главен преговарач и шеф на државната делегација за преговори со ЕУ го започнува подготвителниот скрининг за поглавјето 24, насловено „Правда, слобода и безбедност“, и се обидува да прикаже опипливи и одржливи резултати во борбата против корупцијата, криминалот, владеењето на правната држава и сл., земјава се соочува со порозни граници, бавно судство и со неефикасна администрација и институции.

Ова се дел од коментарите на стручната јавност по повод започнувањето на подготвителниот скрининг за поглавјето 24, како и последните случувања во земјава поврзани со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, кој требаше да оди на издржување двегодишна затворска казна. Поради тешкотиите на Македонија да ги направи потребните реформи и да го усогласи законодавството во овие области, познавачите сметаат дека таа во реалноста е далеку од она што на Унијата во моментов ѝ се претставува на хартија. Тие велат дека обврските што земјава треба да ги сработи и да ги спроведе потребните реформи, не се прават навремено, со што единствено се одолжува нашиот преговарачки процес со Унијата.

– Скрининг-процесот е аналитички преглед на законодавството на Македонија како земја-кандидат и на степенот на неговата усогласеност со европското законодавство. Прегледот на законодавството се прави во повеќе поглавја. Преку овие поглавја се опфатени буквално сите области во едно општество, од политички теми, како што се поглавјата 23 и 24, кои ги опфаќаат правосудниот систем, фундаменталните права, безбедноста, судството итн., преку оние што се однесуваат на слободно движење на стоки, капитал, услуги, формирање претпријатија, преку земјоделството, животната средина, до безбедноста на храната итн. – објаснува Зоран Начев од Институтот за демократија.

Поради контрадикторноста што се создава во јавноста по почнувањето на подготвителниот скрининг во областите за правда, слобода и безбедност, во светло на последните случувања поврзани со поранешниот премиер и неговата недостапност на институциите на правдата, Начев вели дека потфрлувањето на целиот систем во случајов ќе ни донесе тешкотии во понатамошната европска интеграција.

– Порозни ни се границите, тоа е факт дека тој заминал и тука нешто не функционира. Како е можно тоа треба да истражат институциите што токму во овој момент се под надзор на ЕУ. Со ова уште еднаш се докажува дека она што е напишано на хартија и што нашите преговарачи го претставуваат во Брисел на терен не се имплементира. Понатаму, свесни сме дека во работата на судовите, МВР но и на другите институции имаме низа пропусти поради кои потфрла целиот правен систем на државата. Мора да научиме да има одговорност за грешките што ги правиме. За секоја акција и за непреземање акција мора да има одговорност. А ако институциите и луѓето што ги водат не чувствуваат одговорност, јавноста е таа што мора да притисне и еднаш засекогаш да се почувствува и примени таа морална одговорност, која, за жал, недостигаше во земјава кај сите влади досега. Сѐ додека не профункционира овој сегмент на владеење, ЕУ тешко ќе ни поверува дека сме подготвени да почнеме вистински преговори за наше членство – завршува Начев.

Во меѓувреме се огласи и известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл. Тој смета дека бегството на поранешниот премиер не би требало „непосредно“ да влијае врз евроатлантскиот пат на Македонија и додава дека треба да се почекаат официјалните изјави и реакции од страна на унгарските власти пред да се коментира барањето азил на Никола Груевски.

– Треба да се почекаат фактите, официјалните изјави од унгарските органи и тогаш да се изгради слика. Секако, во ЕУ постои јасно изразен политички однос кон состојбата и почитувањето на правната држава во Унгарија, тоа е познато. Не верувам дека овој случај битно ќе влијае врз таа слика, но ќе биде предмет на интересирање на медиумите и во Унгарија и надвор од неа – изјави Вајгл. Известувачот за Македонија изрази надеж дека новонастаната ситуација нема да влијае врз атмосферата во земјата и врз евроатлантските приоритети.

– Се надевам дека во духот на правото и правилата на ЕУ ќе настапат и унгарската влада и органи – рече Вајгл.

Инаку, за подготвителниот скрининг за поглавјето 24, насловено „Правда, слобода и безбедност“, кој македонската делегација на почетокот од неделава го започна во Брисел, дипломатски извори велат дека е мошне обемна област, во која се дискутираат низа различни теми, како азил, миграција и низа граѓански и кривични материи.

До крајот на оваа година треба да се одржат уште три скрининг-состаноци за поглавјата 3 (слобода на услуги), 5 (јавни набавки) и 32 (финансиска контрола).