Фото: Игор Бансколиев
Расчленувајќи ги сите аспекти на идејата за „конечен распад на Југославија“, балканските политички аналитичари заклучуваат дека Словенија, всушност, е новиот инструмент на ЕУ за ново проблематизирање и одложување на сопствените ветувања за евроинтеграција на регионот што го нарече Западен Балкан

Словенија нова алатка на Унијата за одложување на интеграцијата на Западен Балкан

Вознемиреноста меѓу земјите-кандидати за ЕУ од Западен Балкан што ја предизвика (не)постојниот нонпејпер од словенечкиот премиер Јанез Јанша, речиси со секој нареден ден иницира нови и различни агли за анализа од страна на познавачите на политичките процеси во регионот. Во анализите, покрај предвидувањето на евентуалните последици од неговото спроведување, има сѐ повеќе елементи за демаскирање на скриените намери и спонзори на идејата за „конечна десолуција на Југославија“. Во клучниот лајтмотив на неформалниот документ за редефинирање на границите и размена на територии, аналитичари од регионот сѐ повеќе препознаваат „потпис на бриселската бирократија“. Расчленувајќи ги сите аспекти на идејата за „конечен распад на Југославија“, балканските политички аналитичари заклучуваат дека Словенија, всушност, е новата „маша на ЕУ“ за проблематизирање и одложување на ветувањата за евроинтеграција на регионот што самата го нарече Западен Балкан.

Застојот за евроинтеграциите е табу што долго кружи низ европските центри

Поранешниот македонски амбасадор и упатен познавач на геополитичките процеси, Арсим Зеколи, во своја колумна проценува дека Јанша „сепак само обзнани табу што долго кружи низ европските центри, ставајќи ги на увид дволичноста и цинизмот на протоколарната ’определба, поддршка, загриженост‘“.
– Срамна е молчеливоста на Мишел, Борел, Урсула фон дер Лејен, кои преферираа да се ограничат на опортуно детективско роварење по сопствените папирологии во потрага по нонпејперот. За жал, ниту Берлин не беше премногу агилен во промптноста да се осудат и во корен пресечат сите двосмислености на аферата. Индикативно, ем очекувано, официјален Париз не најде за сходно да реагира со демант на тврдењата за нејзината деструктивна „неутралност“ кон можностите за промена на границите… Дотолку повеќе што „првиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, сѐ повеќе се докажува како уште подрска, поарогантна и непристојна надградба на неговите претходници Могерини и Хан – го разоткрива Зеколи однесувањето на челните луѓе на ЕУ, како индолентност во интерес на евроскептицизмот во своите земји.
Искуството на Македонија со евроинтеграциите, односно долгогодишното вето од Грција, на кое по привидното решение со Преспанскиот договор се надоврза актуелното вето на Бугарија за почеток на преговорите, се толкува и како своевиден пример за инструментализација на некои земји-членки на Унијата, во скриената намера на ЕУ колку што е можно повеќе да го одложи приемот на земјите-кандидатки од Западен Балкан. Можното вклучување на Словенија во поширок евроблокаторски контекст во играта, (досега ја играа Грција и Бугарија, а насочена пред сѐ спрема Македонија), основано наведува на помислата дека ЕУ бара начин за севкупно ставање на подолгорочно чекање на целиот регион на Западен Балкан.

Разоткриени намери на ЕУ за одложување до бескрај на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан

– Аферата со нонпејперот на Јанша во ЕУ, колку и да е демантирана и прогласувана за непостојна, недвосмислено ги открива желбите и намерите на ЕУ за одложување до бескрај на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан. Можеби и не постои вистинска намера за спроведување на идеите за редефинирање на границите и размена на територии, но самото отворање на темата и будењето на старите духови на поделби во регионот се доволен аларм за дополнително активирање на веќе постојниот евроскептицизам меѓу гласачите во старите земји-членки на ЕУ. Наводното барање решение за евроинтеграција на Западен Балкан, всушност е ново барање алиби на ЕУ за неисполнување на своите ветувања. Сѐ се знае, и не можно никакво друго решение од она што сите го знаат: или ќе нѐ примат, или нема да нѐ примат во ЕУ. И покрај тоа што јавно се декларира дека ЕУ е мултикултурен проект, фактички Унијата не сака да излезе од монокултурниот концепт, во кој е развиен скептицизам спрема мултикултурните држави и општества. Затоа постојано се бараат нови инструменти за одложување до бескрај на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан – смета универзитетскиот професор по филозофија Ферид Мухиќ.
Од таквата двојна принципиелност на ЕУ, професорот Мухиќ смета дека Македонија е најоштетена, зашто ја платила цената за евроинтеграциите, но ветувањата не се испорачани.

САД мислат и дејствуваат различно од ЕУ?

По сомневањата во регионот дека зад словенечкиот нонпејпер, всушност, се кријат и други членки на ЕУ, но и поширокиот меѓународен фактор, речиси веднаш реагираа претставници на САД.
– Острата и молневита реакција на САД во давање поддршка на БиХ, срочена и комуницирана неколку часа по објавата на скандалот, не остава простор за двоумење за позициите на Вашингтон околу прашањето на суверенитетите и интегритетите во регионот – констатира амбасадорот и аналитичар Зеколи. Освен тоа, тој проценува дека „Словенија е премногу битна за пристапот на ЕУ и САД кон Балканот, уште повеќе на Балканот кон Западот“.
– Па затоа би било навистина штета за сите страни доколку се дозволи оваа несреќна афера да нанесе штета кон нивното претседавање со Унијата – заклучува Зеколи, со надеж дека пробните балони на ЕУ за избегнување и одложување на исполнувањето на ветувањата за евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи и на Македонија, сепак се осуетени по сите реакции.


Регионот е целосно надвор од фокусот на ЕУ

Аферата со словенечкиот нонпејпер ги наведува политичките аналитичари од земјите на поранешна Југославија на заклучокот дека Западен Балкан во целост излезе од фокусот на интересот на ЕУ. Во наредната година пред Германија и Франција се избори, а нивното избирачко тело не е наклонето на идеите за проширување на Западен Балкан, на што Холандија веќе отворено се противи. САД со писмо од државниот секретар Антони Блинкен несомнено порачаа дека нема план за никакви дипломатски иницијативи. Сето тоа отвора простор за авантури како оваа на Јанша со наводниот нонпејпер, што би водело до исклучително сериозни последици за целиот регион. Не би зачудило ако тоа и му се допадне некому во Брисел, во кругот на „големите момци, зашто тие најмногу би сакале тој проблем едноставно да се реши сам од себе, правдајќи се дека ЕУ мора да се занимава со поважни прашања“.

Ако се земе предвид и можноста Јанша и да не го испратил нонпејперот во Брисел, и понатаму останува фактот дека Борут Пахор на 5 март ги прашал членовите на Претседателството на БиХ: „Во последно време сѐ почести се гласовите во Европа за тоа дека треба да се доврши распадот на Југославија. Можете ли вие во БиХ мирно да се разидете?“ Тоа во изјава го потврдил членот на претседателството, Жељко Комшиќ, а кабинетот на Пахор не го демантира тоа, туку оттаму толкувале дека со тоа „претседателот не ја наметнувал темата за распад на БиХ“.
Не е исклучено дека словенечкиот претседател дејствувал во насока на размислувањата на премиерот. Словенечката дипломатија потврдила дека ниту изработиле, ниту испратиле каков било документ во Брисел, а медиумите наведуваат дека документот бил изработен во најтесниот круг на Јанша и испратен преку секундарни канали (кабинетот на премиерот го испратил до кабинетот на Мишел).