Фото: Маја Јаневска-Илиева

Какви бенефиции ќе имаат граѓаните ако се реализира иницијативата за промена на Законот за кривична постапка (ЗКП)? Како би се одразиле промените на ЗКП врз судските процеси во иднина? Колку судските процеси би добиле ефикасност, динамика и реализација на правдата и правичноста? Ова се некои од дилемите што се актуализираа во домашната јавност откога Основниот кривичен суд Скопје обелодени дека, по одржан колегиум на судии, го прифатил предлогот на судијата Владимир Туфегџиќ за иницијатива за измени и дополнување на ЗКП

Судијата Туфегџиќ со иницијативата што била прифатена од судот предлага измени на Законот за кривична постапка (ЗКП), со кои ќе се спречи непотребното одолжување на судските рочишта при промена на член на судечкиот совет. Од Основниот кривичен суд информираат дека бил одржан колегиум на судии пред неколку дена и била прифатена иницијатива во врска со измени на Законот за кривична постапка.
Експертите и здруженијата на граѓани со кои се консултиравме, чиј тежиштен интерес се правото и прашања што произлегуваат од областа на правосудството, во сублимиран заклучок велат дека новите измени се само едни од низата промени на законот, кој откога е донесен не понудил темелно решение за материјата што ја обработува.

Професорот на Правиот факултет по кривична постапка Калајџиев Гордан вели дека, иако севкупно и темелно не ги проучил новините во иницијативата, според она што можел да се информира по медиумите станува збор за промени што се однесуваат на организациската природа на судењата. Како пример ги споменува предметите што порано ги водеше специјалното јавно обвинителство.
Според него, ваквите промени не се типични на законите бидејќи тие „ад хок и моментално“ решаваат одредени организациски дилеми за долги судски процеси. Но суштината е сосема друга, а имено треба да има законски измени што трајно ќе ги решат проблематичните состојби!

– По таа логика, измените на ЗКП за спречување одолжување на судските постапки се во ред, но не може да се постави некој за поротник за случај за кој може да се процени дека долго ќе трае и ако се знае дека тој поротник е пред пензија – вели професорот.
Тој додава дека секое подобрување закон е добредојдено во суштина и е исправно, но новитетите во законските решенија треба од самиот почеток и малку подолгорочно да се предвидат и да се вметнат што повеќе можни, дури и хипотетички евентуални проблеми, за да не се наоѓаме во вакви ситуации.

Поранешниот судија Дане Илиев, пак, смета дека сите овие измени се резултат на еден слаб закон, кој во самата срцевина не понудил никакво солидно системско решение за подобрување на судските процеси.
Илиев вели дека новите закони како овој се со голем број пропусти и треба константно да се променуваат и дополнуваат бидејќи во најголем број од случаите тие се само преземени од други држави и во процесот не се приспособени за македонски услови.
– Конкретно за актуелните случувања поврзани со ЗКП јас сум со став дека треба да се врати стариот закон за оваа материја, кој имаше 70-годишна традиција на практикување во македонските судови и кој во себе ги имаше втемелено дури и механизмите како да се надминат актуелните проблеми – вели Илиев.
Тој потсетува дека со претходниот закон, кој во суштина го користат најголем дел од европските држави ваквите комплицирани процеси траеле сѐ на сѐ неколку месеци, а сега тие можат да се влечат очигледно до недоглед.

Според Илиев, судењата во моментов во земјата се долги бидејќи истрагите ги вршат обвинители, а не истражни судии.
– Тоа е така бидејќи истражниот судија беше независен судски орган, а обвинителот државно тело. Доколку не се каже вистината пред истражен судија се оди во затвор и доколку судијата во истрагата стигне до некакво тврдење тоа е автоматски доказ во судска постапка, а доколку истото тоа го врши обвинител сето дополнително ќе се утврдува во судска процедура бидејќи оваа институција не е независен судски орган. Тоа автоматски значи дека судењата ќе бидат подолги и дека процесите на овој начин ќе се одолжуваат – вели поранешниот судија.

Судијата додава дека ваквите иницијативи се во крајна линија позитивни, бидејќи сепак се даваат напори да се подобри актуелната состојба.
Од коалицијата „Сите за правично судење“, пак, велат дека со конкретната иницијатива, иако е со најдобри намери и во насока на подобрување на експедитивноста на судските процеси, сепак не се земаат предвид сите последици што би можеле да настанат со ваквата измена.

– Би сакале да истакнеме дека начелата на непосредно изведување на доказите, контрадикторност (можноста двете страни да ги застапуваат своите тези), како и начелото на јавност се меѓу најбитните гаранции за правичноста на еден судски процес, а токму овие начела се заобиколуваат со оваа иницијатива и тоа единствено на сметка на брзината на постапките. Во таа насока, ЗКП веќе предвидува решение за оваа ситуација преку можноста за определување дополнителни судии и судии поротници, кои би можеле да го пополнат испразнетото место во судечкиот совет доколку е потребно да се направи промена на член на советот со што би се избегнал нов почеток на постапката. Дополнително ЗКП предвидува и овластувања за претседателот на судечкиот совет и претседателот на судот за постојана координација на судските процеси, особено кога во повеќе предмети се повторуваат судии, членови на советот или странки во постапката, како и овластувања за менаџирање на динамиката, преземањето дејства и изведување докази во конкретен судски процес, особено доколку се очекува процесот да трае подолг период, што впрочем е случај со сите предмети на СЈО, кои се иницирани најмалку пред 2 години – велат од организацијата.

Оттука, коалицијата смета дека Основниот кривичен суд Скопје веќе постави добра практика на постапување со тоа што успеа да обезбеди дополнителни судии поротници во дел од високопрофилираните предмети, практика што сметаме дека треба да се прифати и во постапувањето по преостанатите предмети што се од висок интерес за домашната и меѓународната јавност, како најсоодветно решение на актуелниот проблем со промена на членови на судечкиот совет.

– Поради ова, коалицијата смета дека напорите треба да бидат насочени кон обезбедување соодветни финансиски, технички и човечки ресурси за судовите и судските служби, за да можат соодветно да се применуваат веќе постојните решенија на законите, а притоа да се избегнуваат брзи измени на законите, кои се првенствено насочени да бидат трајно решение на привремен проблем – велат од организацијата во својата опсервација на актуелните случувања.

[email protected]

Фото: Маја Јаневска-Илиева