Фото: Дарко Андоновски

Сашо Кироски, член на „Млади за Македонија“ и активист за опцијата „бојкотирам“

Сознанијата од теренот за акцијата „Бојкотирам“ се извонредни. Со секој изминат ден армијата од граѓани на Македонија што го има ставот за бојкот, се организира и таа веќе е победничка армија. Ве уверувам дека на 30 септември „Бојкотирам“ победува со голема разлика. Тоа е победа за Македонија и сите Македонци, вели Сашо Кироски, активист на „Бојкотирам“

Во кампањата за референдумот што ќе се одржи на 30 септември, активен сте во образложувањата на аргументите за опцијата „бојкотирам“. Поради кои аргументи ја избравте оваа опција, покрај понудените две „за“ и „против“?
– Јас како апсолвент по археологија, но и член на организацијата „Млади за Македонија“,горд сум што сум еден од иницијаторите на акцијата „Бојкотирам“ за претстојниот референдум. Да, во право сте, кога се оди на референдум и треба да се гласа, опциите се „за“ и „против“, во случај кога референдумот е распишан во согласност со уставните одредби и Законот за референдум и другите облици на непосредно изјаснување. Сега, ние сме исправени пред спротивен случај. Овој референдум, од една страна, е неуставен, а од друга, во спротивност со споменатиот закон. Токму поради овие факти јас и другите припадници на „Млади за Македонија“ и сите членови на глобалната мрежа СУМ (Сите за унитарна Македонија) ја избравме опцијата „бојкотирам“. Таа опција е да не му исполнуваме никому услови за исполнување цензус, ниту пак да работиме во насока на промена на уставното име на Република Македонија и губење на идентитетот на македонската нација.

На кој начин ја спроведувате кампањата?
– Нашата опција „бојкотирам“ можеби не е доволно застапена во медиумите (бидејќи медиумите се провладини и нѐ бојкотираат), но затоа е најмногу застапена меѓу граѓаните на Република Македонија и секој ден сме во нивната животна и работна средина и ги убедуваме да го прифатат нашиот став. Сите ќе се уверат дека сме успешни во тоа, а Собранието на Република Македонија нека се срами од незаконската, неуставна и неморална одлука за финансирање само еден вид кампања. Нам, сепак, ни останаа социјалните мрежи и сите гледаат дека таму жариме и палиме. Безмалку ги збришавме, ги пеплосавме оние што го менуваат името на Македонија и оние што сакаат да ни го подметнат овој срамен, предавнички и геноциден договор.

Какви се сознанијата од теренот за ефектите од кампањата на вашата опција? Може ли да го предвидите исходот в недела?
– Сознанијата од теренот за акцијата „Бојкотирам“ се извонредни. Со секој изминат ден армијата од граѓани на Македонија што го има ставот за бојкот се организира и таа веќе е победничка армија. Со ова на еден начин ви одговорив на вториот дел од прашањето и ве уверувам дека на 30 септември „Бојкотирам“ победува со голема разлика. Тоа е победа за Македонија и сите Македонци.

Дали активисти на вашата опција ќе бидат вклучени во набљудувачкиот процес на референдумот?
– Да, ние преку неколку невладини организации сме вклучени во набљудувачкиот процес и имаме свои претставници да го набљудуваат текот на гласањето на референдумот на 30 септември. Јавно ѝ порачуваме на власта да не ги потценува граѓаните избирачи на Република Македонија, да не ги уценува дека мора да излезат на гласање и воопшто да не помислува да прави фалсификат на референдумот, бидејќи имаме сериозни сознанија дека тоа се подготвува. Ние младите сме будното око на Македонија, сѐ набљудуваме, сѐ бележиме и нема да дозволиме некој да ја фалсификува волјата на граѓаните на Македонија.

Со оглед на тоа дека сте единствен блок што повикува на бојкот на референдумот, колку ви оди во прилог ставот на опозицијата за неискажување јасно на своите позиции?
– Не, не сме единствен блок што повикува на бојкот на референдумот. Напротив, има многу блокови, сите сме обединети, а предводници во тоа обединување беа глобалната мрежа СУМ и сите здруженија од македонската дијаспора. Да не заборавиме, со нас од 22.9.2018 година бојкотира и првиот граѓанин на Република Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија. Ние сме непартиски активисти што го организираат граѓанството за бојкот и не мислиме дека опозицијата има спротивен став од нашиот. Напротив, тие одамна изјавуваа дека се против договорот со Грција, бидејќи е предавнички и капитулантски, и веќе 22 пратеници од опозициската партија се изјаснија за бојкот. Ние сме убедени дека ова е победничкиот блок.

Колку се гласни вашите пораки за бојкот, во однос на едногласната поддршка на меѓународната заедница за поддршка на референдумот и спогодбата од Мала Преспа?
– Нашите пораки за бојкот се најгласни. Тие се: Бојкотирај!, Бојкотирам!, Бојкотирај!, Постои и опстој, Македонија бојкотира. Јас не гледам тука која друга порака може да ни конкурира. Оној, губитничкиот блок на власта зборува за бесплатно образование во ЕУ, бесплатно здравство во ЕУ…, а и самите тие знаат дека тоа се лаги и само лаги. За поддршката на меѓународната заедница не сакам воопшто да коментирам. Дволични и лицемерни. Тие прават брегзити, економски и морални банкроти, а нам ни држат предавања за спротивното. Жални внуци и правнуци на основачите на ЕУ, на Шуман, на Моне, на Аденауер, на Дегаспари и другите основачи на Европската заедница, денешна Европска Унија.