Република Македонија на 18 и 19 октомври во седиштето на Алијансата во Брисел официјално ги почнува пристапните разговори за членство во НАТО. 

Како што информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски, на вчерашната владина седница е разгледана и усвоена информацијата за формирање Работен комитет што ќе биде задолжен да ги спроведе пристапните разговори.

Тој посочи дека Македонија е целосно подготвена за овие разговори и посочи дека официјалната делегација од Владата во која ќе има членови од повеќе ресорни министерства и институции ќе ја предводи националниот координатор Стево Пендаровски.

– Ние сме подготвени целосно и Работниот комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО работи веќе подолго време, рече Бошњаковски.  

Тој додаде дека процесите се одвиваат паралелно за полноправно членство и посочи оти за полноправно членство потребно е и целосна имплементација на Договорот од Преспа, прво во Парламентот на Македонија, односно усвојување на уставните промени, а потоа и негова ратификација во Парламентот во Атина.