Дали барањата за премиер Албанец беа политичко-максималистички блеф заради авансирање во подобра преговарачка позиција, но како т.н. варијабла – услов за пазарење, за да се протурка нешто „колосално и историски“ токму нешто како „закон за ОНА“, како што посочуваат нашите извори?!

Соседно Косово изминатиов период го потресуваат голем број политички превирања поврзани со иницијативата за носење на т.н. закон за заштита на честа на тамошната УЧК, кој меѓу другото предвидува интервенции во кривичните законици со кои се амнестираат од одговорност припадниците на некогашната воена формација.
Иницијатива за носење на законот, против кој отворено се изјаснија преставниците на меѓународната заедница (САД и ЕУ), потекнува од партијата на Хашим Тачи, кој се соочува со постапка пред Меѓународниот суд во Хаг, под обвиненија за сторени воени злосторства и злосторства против човештвото. Овие настани во Косово, иако навидум се неповрзани со Македонија, се интересни за следење и во нашата држава, од неколку актуелни аспекти.

Имено, неодамна лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој ја предводеше ОНА, односно верзијата на УЧК во Македонија, беше повикан како сведок во Хаг да сведочи за случувањата за кои се товари Тачи. Понатаму и во Македонија постојат четири случаи за злосторства против човештвото со кои е опфатено и поранешното раководство на ОНА и кои беа вратени од Хаг за по нив да постапуваат македонските правосудни органи. Досега такво нешто не се случи. Бидејќи овие случаи висат на раководството на ОНА како Дамоклов меч, извори од албанскиот политички кампус брифираат за подготовките во ДУИ, во контекст на преговорите за состав на нова влада во Македонија да се најде и едно вакво барање за закон за ОНА со кој поранешните борци на ОНА би биле ослободени од какво било кривично гонење, но и дополнително би се валоризирало нивното дејствување. Лидерот на ДУИ Али Ахмети, но и други видни претставници од албанскиот политички блок имаат особен интерес за вакво нешто. Дали барањата за премиер Албанец беа политичко- максималистички блеф заради авансирање во преговарачка позиција, како варијабла – услов за пазарење за да се протурка нешто „колосално и историски“ токму закон за ОНА, како што посочуваат нашите извори?!

Косовското решение е клучот за македонските дилеми?

Демо Бериша, политички аналитичар на Косово, во изјава за медиумите на оваа тема вели дека политичкото мнозинство во парламентот во земјата уште од самиот почеток имало големи несогласувања и поделби на оваа тема поврзани со законот за заштита на честа на УЧК.
Според Бериша, дискусиите за носењето на овој закон во парламентот се непотребни во Косово, бидејќи тој како чин е чекор назад за државата и затоа е сосема возможно законот никогаш и да не биде изгласан.
Бериша потсетува дека дополнително на состојбите поврзани со најавата за новиот закон влијаат и негативните реакции на меѓународната заедница во Косово, која отворено застанала против ова законско решение.
Косовскиот аналитичар, аргументирајќи ја својата теза, потсетува дека во Кривичниот законик на Косово веќе и онака има голем дел од содржините што ги предлага овој закон со таа разлика што на сето тоа со новиот закон се дава историска непотребна димензија, па затоа е нелогично и неговото носење.
Од друга страна, пак, српската аналитичарка Јелена Вукоиќ информира дека не верува оти закон во овој облик и форма би минал низ косовскиот парламент и дека за него некој воопшто би гласал.
Таа на конкретниот закон гледа само како на форма на притисок врз Белград во процесот на преговорите и додава дека и да се донесе овој закон истиот тој би паднал во тужба пред Меѓународниот суд во Хаг. Но какви се состојбите на оваа тема и кои се можните рефлексии во Македонија

Во Македонија сценариото е тешко изводливо,но со едно големо НО…

Поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски смета дека обидите на Косово да се донесе закон за УЧК, со кој ќе се амнестираат и сите учесници во војната и сите злосторства, е очигледен обид да се анулира специјалното обвинителство, кое веќе го зеде под свое и претседателот Тачи.
– Специјалното обвинителство не се прифаќање и не се прифаќа во Приштина, ама тоа е наметнато од странците и по долго време, од тамошната војна, правдата треба да ги стигне и Албанците – вели Никовски.
Тој подвлекува дека е оти досега многу Срби завршија во Хаг, а речиси ниту еден Албанец, освен некои ситни личности и сега се прават обиди таа диспропорција да се надмине.
– Чинам дека странците нема да дозволат таков закон во Косово, а нешто слично да се спроведе во Македонија од овој профил е просто незамисливо – резимира Никовски.
Политикологот Синиша Пекевски смета дека многу работи што се случиле биле неверојатни само како помисла во минатото, а сепак се случиле.

– Кај нас во Македонија искрено не верувам дека вакво нешто би можело да помине, но и за многу други работи што се случија не можевме ниту да замислиме дека ќе се случат. Доколку се случи ова, тогаш сето тоа ќе биде нова и предизвикувачка ситуација за Македонија. Овој тип закони како конкретниот во Косово, но и слични на нив што сме ги виделе во минатото во Македонија, за мене се само алатка за притисок дадена во рацете на албанскиот табор – вели Пекевски.
Тој поентира со тоа дека во земјава, но и во Косово нема политички сили што отворено би можеле да се спротивстават на влијанието на меѓународната заедница предводена од ЕУ и од САД.
Во своја објава на социјалните мрежи професорот Љубомир Цуцуловски запрашува кој ѝ се заканува на државата. Според него, челниците на ДУИ упорно ја форсираат тезата дека единствено од нив зависела стабилноста на Македонија. Меѓутоа, никако да кажат/изустат зошто од нив зависи стабилноста, што значи и иднината на Македонија, од една страна и од друга, дека ако стабилноста навистина зависи само од нив, тогаш следува дека од нив зависи и нејзината дестабилизација, бидејќи оној што ја поседува стабилноста на една земја, тој ја поседува и моќта за нејзино дестабилизирање.

– Тоа значи дека ако Македонија се најде во критична ситуација (сеедно од каков вид) не ќе можат, колку и да сакаат, од себе да ја оттргнат одговорноста за нејзиното дестабилизирање. Ова треба да го имаат предвид и тие што ќе коалицираат (ако коалицираат) со ДУИ и со нејзините изместени условувања. Имено, евентуалните коалиционери колку што ќе бидат заслужни за опстанокот на Македонија, толку ќе бидат виновни (ако не и повеќе) за нејзиното гаснење, бидејќи не може бесконечно да се влегува во секакви коалиции и по секоја цена, бидејќи Македонија, нејзиниот мир, како и животот на граѓаните имаат цена! Ова мора отворено, без никакво заобиколување да им се каже на сите граѓани на Република Македонија – нагласува Цуцуловски.

[email protected]