– Искрено се надевам дека Македонија ќе ги добие потребните гаранции од нас и дека ќе го продолжи патот кон пристапување кон Европската Унија, како што направија многу други. Наша должност е за сегашните и идните генерации да обезбедиме Македонија, Албанија и земјите од Западен Балкан да не бидат запрени на кој било начин на патот кон ЕУ – изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов за време на неговата средба со македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
За време на разговорот, премиерот Борисов изјавил дека е многу загрижен за вклучувањето на ОМО Илинден и на „македонското малцинство“ во Бугарија во политичката резолуција во Европскиот парламент.
– Ова во никој случај не е корисно во овој момент, кога бараме компромис, и меѓу историчарите и нашите политички партнери во Република С Македонија, за да се најде решение за ова прашање – додал Борисов.
Тој притоа истакна дека разговорите на сите нивоа треба да почнат од денеска, така што до 10 ноември, кога Бугарија и Македонија, како копретседавачи на Берлинскиот процес, ќе претседаваат со самитот, може да има компромисно решение што ќе ги задоволи сите.

– Вашите граѓани треба да знаат дека во Бугарија имате и сте имале најголема поддршка и дека треба само да ја направиме историјата да биде мост на пријателството и блискоста, а не скршен мост на кој Македонија не може да помине. Значи тука не треба да има политички игри – рекол тој.
Според него, перспективата и моментот се исклучително важни и би било грев во историјата доколку сегашните политички раководства во Бугарија и во Македонија не успеат да најдат компромис.