Борбата против корупцијата и судирот на интереси е еден од главните предизвици во процесот на почнување преговори за членство во ЕУ, заклучија денеска учесниците на конференцијата „Институционални реформи за борба против корупција, најдобри практики движејќи се кон европскиот модел – Италијанскиот пример“.

Премиерот Зоран Заев во обраќањето нагласи дека успешната борба против корупцијата, судирот на интереси и организираниот криминал е еден од условите за интегрирање на Северна Македонија во ЕУ. Тој истакна дека земјава ќе застапува нула толеранција за корупција. Потенцира дека мора да ги удвоиме нашите напори за препознавање, спречување и решавање на коруптивни вируси кои секогаш се закана и ризик за политичка криза.

– Силно се противам на создавањето амбиент во кој некои политички елити ќе се чувствуваат дека се привилигирани и оти правдата и казната за коруптивните активности нема да ги опфати и нив. Зборувам и за сегашните и за претходните и наредните политички елити- рече Заев, додавајќи оти никој не смее да биде изземен од одговорност. Треба, рече,  да ги спречуваме коруптивните практики како непотизмот и политичкото фаворизирање.

Според него, корупцијата извршена од лица кои работат во јавниот сектор и кои треба да бидат заштитници и спроведувачи на законите на владеење на правото е најтежок вид на корупција.

Премиерот Заев им порача на новите членови на ДКСК, државниот обвинител претставниците на СЈО, финансиската полиција, Агенцијата за финансиско разузнавање и другите институции да немаат резерви кон никој, да го спроведат законот до крај затоа што, потенцира, тоа сите им го должиме на граѓаните.

Рафаеле Кантоне, претседател на италијанската Национална управа за антикорупција (АNAC), информира дека ефикасноста во работата на управата се должи и на поддршката од претприемачкиот и од граѓанскиот сектор. Последиците од корупцијата, рече меѓу другото, се одразуваат негативно на најсиромашните, а ги фаворизира најелитните слоеви во општеството.

– Секој има значајна улога во борбата против корупцијата. Институциите, претприемаштвото, граѓанскиот сектор, преку здрава законодавна и административна рамка ќе успеат да наметнат начело со кое не постои неказнивост и каде непристрасноста и независноста е најважна- рече меѓу другото во обраќањето Кантоне, додавајќи оти многу треба да се работи и на билатерално и на мултилатерално ниво

Според Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, корупцијата го спречува владеењето на правото, нуди плодна почва за криминални и кривични активности. Како етички феномен, подвлече, борбата против корупцијата е поврзана со еден отчетен систем што треба да функционира во јавната администрација. Посочи дека италијанскиот модел за борбата против корупцијата е препознаен како еден од најдобрите пракси поврзани со европското искуство.

За Карло Ромео, амбасадор на Италија во Скопје справувањето со корупцијата треба да биде во рамки на меѓународната и мултилатерална соработка.

– Од почетокот на најзиниот мандат Владата на Северна Македонија започна со нулта корупција како нејзин приоритет и новиот Закон за спречување на корупцијата и конфликт на интереси е почеток на успешен дијалог што треба да биде почеток и на транспарентнен процес и мандат на ДКСК-рече амбасадорот Ромео, изразувајќи надеж дека нејзината работа ќе доведе до конкретни и позитивни сигнали како позитивен знак на граѓанското општествои почеток на многу значајни реформи.

Љубомир Јовески, државен јавен обвинител смета дека кога се работи за обвинителството во однос на борбата против корупцијата, суштествена е потребата да профункционираат истражните центри.

Арафат Муареми, директор на Управата за финансиска полиција изјави дека досега дале максимален ангажман и ќе продолжат заедно со другите институции во овој дел во борбата против корупцијата, која, рече, е длабоко навлезена во општеството.

– Ни фали соработка со сите кои треба да пријават корупција, тука е алката која недостига.Секој граѓанин да пријави корупција, ние сме како институција отворени. Тешко е да се пријави, иако сите говориме- изјави Муареми.