Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бојата има големо влијание врз луѓето и на таа тема се напишани многу книги и се направени обемни студии, сметаат модните дизајнери, кои во својот професионален ангажман секојдневно избираат бои. Од аспект на модата, приказната за боите што ќе се носат оваа сезона се опишува како силна и разиграна, полна со оптимизам. Има ли простор за оптимизам и во политиката и како гледаат модните дизајнери на политичките бои и ребрендирања

Боите освен што ни го разубавуваат животот, имаат и свое симболично значење, кое се интерпретира на разни начини. Имаат моќ да нѐ развеселат, да нѐ уплашат, растажат или, пак, да нѐ потсетат на нешто. Така, за народите на Европа, па и за македонскиот, црната боја претставува боја на жалост, источните народи тага ја изразуваат преку белата, а во Јужна Африка се тажи со црвена боја.
Луѓе што во својот професионален ангажман секојдневно избираат бои за да ги создадат своите креации се модните дизајнери, па ги прашавме кои бои се во тренд оваа сезона.

– Како и секоја сезона така и оваа актуелната, боите се поделени во повеќе групи, поради начинот на кој функционира модната индустрија, но и поради фактот дека понудата треба да допре до голем број потрошувачи. Од мноштвото трендови, би ги издвоил сината во нијансите на избледен деним, коралното розово, неколку нијанси на зелената боја, шафран жолтата, портокалово црвената, а од ,,небоите“ белата – ни рече модниот дизајнер Никола Ефтимов.
Според Јана Манева-Чупоска, професорка на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет, бојата има големо влијание врз луѓето и на таа тема се напишани многу книги и се направени обемни студии.
– Боите во модната индустрија се обмислуваат во таканаречените креативни лаборатории, каде што се создаваат модните тенденции за наредните две сезони, а една таква институција е „Пантоне колор институт“. Им претходат темелни анализи на светско ниво, се внимава на сезоната, во зима моделите се во потопли, во лето во постудени тонови – вели Чупоска.

А извршната директорка на овој институт, Леатрис Еисман, приказната за боите што ќе се носат оваа сезона ја опишува како силна и разиграна, полна со оптимизам.
– Спонтаниот пристап кон боите оваа сезона го истакнува постојаниот стремеж за енергични контрасти и персонализирано самоизразување, чија цел е да го разбуди оптимизмот и да ја зголеми решителноста кај луѓето – вели Леатрис Еисман.
Во сообразност со актуелната ситуација на глобален план и Никола Ефтимов го дели ова мислење.
– Вградувањето на комуникативната компонента во мојот дизајн секогаш била една од карактеристиките на тоа што го работам, па покрај текстурите, евокативните форми, материјалите, вербалните пораки итн., ја користам и бојата за да искомуницирам одредена идеја или став. Но во ситуацијава кога сме соочени со пандемијата, моите приоритети се сменија, па месециве главно сум фокусиран на тоа што можам да го направам онлајн и колку што е во мојата моќ, да си го зачувам здравјето – ни рече Ефтимов.
Неговата колешка, модната дизајнерка Ивана Кнез, е со сличен став.
– Се борам со субјективност, во принцип животот го гледам низ црно-бела призма, па сѐ што е боја си самонаметнувам за да издејствувам одредена реакција кај себе, а со тоа и да ја пренесам кај моите следбеници. Но дефинитивно, оваа сезона тренд се свесност и здравје, боите се неважни како ќе ги манифестираме сѐ додека ги задржиме човечноста и емпатијата во нас – вели таа.

Дека животот навистина е присутен во сите пори на нашата креативност, па и во изборот на боите, доказ се креациите на модната дизајнерка Маја Кикириткова, која го потпишува модниот бренд „Елеазар“.
– Инспирацијата и расположението влијаат и на изборот на боите и на сензибилитетот на самиот дизајнер. Боите и формите говорат за него како артист, како човек, а наедно на некој начин го откриваат и моменталното внатрешно расположение. По подолга пауза, откога се вратив на модната сцена, можете да забележите дека во моите колекции има пастелни бои, има чистина. За ова е виновен син ми, а сега за најновата колекција и ќерка ми. Таа искреност, таа чистина во нивните души многу влијае врз мене како дизајнер, врз моето творење, а наедно и изборот на боите што ги употребувам. Од тука сѐ е јасно, фамилијата и децата ме променија и внесоа ведрина во мојот живот, а со тоа и во мојата работа и моето творење – ни откри Маја Кикириткова.
Нашето секојдневие, пак, веќе три месеци е сиво и монотоно поради пандемијата на коронавирусот, но деновиве со почетокот на предизборната кампања за претстојните избори, што ќе се одржат на 15 јули, сѐ стана некако пошарено со поставувањето на билбордите низ целата земја и со почетокот на другите пиар-активности. Но колку сето тоа држи вода од професионален аспект ги прашавме познатите македонски дизајнери?

За професорката Јана Манева-Чупоска политичките кампањи се многу сериозен процес од аспект на дизајн.
– Убавата кампања е естетски дотерана, се внимава на секој детаљ, на клучните зборови, на слоганите, па и на боите. Но во нашиот случај се одеше на сигурна варијанта, на таканаречените примарни бои, црвената и сината, кои, пак, се боите на нашите најголеми политички партии. Но дизајнот не може да ѝ одговара само на една партија, треба обраќањето да биде до сите граѓани, не може да се знае однапред кој за кого ќе гласа. Мора да се внимава на квалитетот, бидејќи сѐ останува забележано во историјата на дизајнот на нашата земја, за тоа се учи и на факултетите. Според мене, типографијата е лоша, застарена, јас сум навредена како професионалец од таквиот несоодветен пристап. Кога би правела рекламен билборд за кампањата јас би ја употребила белата боја, таа е симбол на надеж и на слобода, би ставила детали и во други бои, но тоа да не изгледа агресивно.

Ако се декларираме како демократи, тогаш треба да се користи и дизајнот на демократијата. Желба ми е да видам кампања што ќе сакаат да ја видат и политичките опоненти, но, за жал, досега ниедна партија не го сфатила тоа сериозно. Но едно е сигурно, македонскиот граѓани заслужува подобра визуелна кампања, а за тоа е потребно време и претходно темелно истражување – посочи Манева-Чупоска.
И за Никола Ефтимов тоа што е симптоматично, а што го сведочевме уште од периодот на почетокот на транзицијата, е фактот дека поради начинот на кој се исполитизира нашето општество, боите знаеја да бидат киднапирани од политичките партии.
– Се промени дури и перцепцијата за боите кај дел од граѓаните, па често беа поврзувани со партиска припадност. Поради мојата љубопитност, ми било интересно да ги следам различните реакции на исти бои локално и поглобално, во некои пошироки контексти – нагласи тој.
И Ивана Кнез, како моден дизајнер бега од политика, но во наредниот предизборен период очекува осмислен пиар и пласирање вистина, како и да не се повтори грешката со погрешна фотографија од кампањата „Дома си е дома“.

– Никогаш не следам политика, бидејќи не верувам на систематизација како концепт и калапење на масовно мислење според потенцијал на придобивка, но очекував за кампања каде што се промовира Македонија да се користат фотографии од нашата земја од уметници со автентичен фотографски печат што ги има во изобилство. Евидентно е дека недостига кадар на тоа и на многу други полиња – категорична е Ивана Кнез. 


Секоја боја предизвикува различна емоција

Виолетова се смета за кралска боја, која симболизира благородност, амбиција и изобилство. Ако е претставена со темни тонови, психолозите тврдат дека предизвикува фрустрација и тага. Композиторот Ричард Вагнер компонирал исклучиво во соба со виолетови ѕидови. За помалку од 100 грама виолетова боја, пак, робовите на египетската кралица Клеопатра во вода потопувале околу 20.000 виолетови полжави, кои по 10 дена пуштале боја.
Зелената боја секогаш нѐ потсетува на природа, здравје и нѐ смирува. Се верува дека има голема моќ на исцелување, а маслинестата нијанса е симбол на мирот.
Првата асоцијација за сината боја се морето и небото. Според една студија, сината боја го намалува апетитот, а се поврзува и со интелигенцијата и смиреноста. Има многу нијанси, а најпозната е кралската сина.

Црвена можеме да ја окарактеризираме како најтемпераментна во палетата. Поттикнува на акција, потсетува на страст и оган и докажано ја забрзува работата на срцето и ритамот на дишењето. За старите Римјани оваа боја била знак за почеток на војна. Жолтата е боја на сонцето, на изворот на животот. Во Франција е симбол на љубомора, но таа го крева расположението, означува минливост и спонтаност. Се смета за боја на авантуристите и на креативците.
Црната не е боја, всушност тоа е недостиг од боја или од светлина, иако се вбројува во спектарот. Предизвикува најразлични емоции, а ја поврзуваме со елеганција, но и со тага, формалност и моќ. За луѓето што ја сакаат црната боја се вели дека одлуките не ги донесуваат со срце, туку со разум.
Белата боја е комбинација на сите бои на видливиот спектар. Таа е спротивност на црната и симболизира мир, невиност, светлина и вера. Се смета за боја на совршенството.