Тајната книга на богомилите од островот Св. Петар (1)

Лето 2017 година. со благослов на архиепископот Стефан, во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ како авторка, а јас како рецензент, ја промовиравме нејзината книга „Почувствувај ја Македонија со шестото сетило – срцето – Св. Ѓорѓија Победоносец“. Книгата се однесува на непроценливото духовно богатство на македонскиот народ и трајната љубов кон татковината Македонија. Таа има објавено над 60 книги. Една од нив заедно со Драгољуб Драгојловиќ, со наслов „Богомилството во средновековната изворна граѓа“, 1978 година.
Со заслуга на aрхеологот Паско Кузман од Охрид излезе од печат документарната книга „Тајната книга – Образложение за ереста на богомилите“, 1999 година. Паско Кузман е археолог за праисториска и протоисториска археологија. Тој врши повеќе теренски истражувања: Злострана, Кутлина, Самуиловата тврдина, Античкиот театар, Плаошник во Охрид и Скопје. Неколкупати бев присутен на неговите археолошки истражувања на некои од локалитетите.
Во „Македонската енциклопедија“ на МАНУ од 2009 година има посветено одредници за богомилството во Македонија. Одредниците ги напиша д-р Илија Велев, книжевен историчар, научен советник во Институтот за литература „Крсте Петков Мисирков“ во Скопје.

Летото 1978 година, Јордан Плевнеш присуствува на отворањето на изложбата на Рафаел Алберти, шпански поет што по 20 години егзил во Аргентина се враќа во Европа, на пат за Италија. Изложбата ја отвора градоначалникот на Рим, италијанскиот историчар на уметноста Џулио Карло Арган. Тие денови ги користи истражувајќи во библиотеката во Ватикан фондови во врска со Македонија. Таму пронаоѓа запис за монах-крстоносец, кој со пресечен јазик ја пренел книгата од Голем Град, преспански, преку Балканот, на линијата Босна, Сплит и Трогир во Далмација, а е пронајден некаде околу Венеција и запишан од хрватскиот публицист Антонио Јерков во списанието „Relacion Macedonia“, публикувано во Рим во шеесеттите години на минатиот век.
Нашите судбински патишта се вкрстија кога Плевнеш го отвори независниот дневен весник „Република“ во Република Македонија, на 2 август 1991 година. На страниците на весникот ќе го објавам фељтонот „Голготата на прогонетите Македонци“, од 5 до 19 декември 1991 година. Јордан Плевнеш беше амбасадор во Париз (2000-2005). Тие години бев државен обвинител (1999-2002), а потоа адвокат (2003-2019). Пролетта 2002 година бев на еден ден на снимање на сцени на филмот „Тајната книга“ во селото Слоештица, Демир Хисар.
На снимањето на филмот се запознав со директорот на фотографија Тиери Арбогаст. Ликот на немиот богомил Павле го играше актерот Владо Јовановски, легенда на македонското глумиште. Тоа е родното село на Плевнеш. Во Париз на француски јазик ја објави книгата „le Roman du Livre secret“, во 2011 година. Во Македонија книгата е отпечатена на македонски јазик „Романот за Тајната книга“, во 2016 година. Коавтор на книгата е д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, книжевна историчарка во Институтот за литература „Крсте Петков Мисирков“ во Скопје. Книгата има два дела. Првиот дел е „Романот за Тајната книга“ од Плевнеш, а вториот дел е научна студија од д-р Јакимовска-Тошиќ. Книгата ми е подарена со посвета: „На братот Ставре, од овде до вечноста, а вечноста се вика Македонија! Од сѐ срце, Јордан Плевнеш, 5 август 2020 година.“
Најпрво што запишал во енциклопедиските одредници д-р Илија Велев.
Во одредницата Богомил, поп (X век), е основоположник на дуалистичкото (еретичко) духовно движење и учење по неговото име богомилство, а приврзаниците се нарекоа богомили. Антибогомилски книжевни споменици се „Беседата против богомилите“ на Козма Презвитер, „Бориловиот синодик“ и други книги. Како негови следбеници и протагонисти на богомилството се евидентираат: поп Еремија, Тодор, Добри, Стефан, Василиј, Петар, Сидор Фрајазин и др.

Во наредната одредница, Богомили – антибогомилската духовна политичка идеологија на Византија станала корисно средство за царот Самуил да ги вклучи богомилите во својата духовна стратегија против централизираниот византиски протекторат врз христијанската црква. Со истиот мотив богомилите учествувале во двете македонски антивизантиски востанија на Петар Дељан од 1040-1041 и на Горѓи Војтех од 1072 година. Во периодот на Второто Византиско Царство (1261-1453), богомилството имало влијание врз духовниот и црковниот живот, сообразено со новонастанатите идејни тенденции.
Како извор ја споменува книгата „Богомилството во средновековната изворна граѓа“ на Д. Драгојловиќ и В. Стојчевска-Антиќ.

(продолжува)