Фото: Маја Јаневска-Илиева

Павле Богоевски најави дека ќе поднесе оставка од функцијата пратеник во Собранието, по скандалот со аудиоснимката објавена на руската мрежа „Вконтакте“, а на која се тврдеше дека Богоевски е снимен како нарачува кокаин. Богоевски потврди дека тоа е неговиот глас, но рече дека не нарачувал кокаин, туку масло од канабис.

Богоевски ја најави оставката на денешната седница на Комисијата за мандатно–имунитетни прашања во Собранието, со која претседава, а на која денеска на дневен ред е одземањето на пратеничкиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски, откако ВМРО-ДПМНЕ побара прва точка на дневен ред да биде аферата на Богоевски во согласност со етичкиот кодекс на пратениците.

Тој рече дека одлуката ја донел кога се пријавил сам во полиција. Оставката ќе стапи на сила по гласањето за одземање на мандатот на Груевски на пленарна седница.