фото: Маја Јаневска-Илиева

Токму датумот кога почна емитувањето бугарска програма во Македонија, како и содржините што изобилуваа со историски емисии во кои се истакнува бугарскиот карактер на македонските револуционери, но и на македонските книжевни дела и народни песни, ја отвори дилемата дали наместо содржини што требаше да ги зближуваат двата соседни народа, всушност во старт беше направена груба провокација и почна класично ширење на бугарската пропаганда за наводно бугарско потекло на македонскиот народ

Коинциденција или нова смислена бугарска провокација во македонскиот етер

Бугарската национална телевизија БНТ4 од 3 март почна со емитување програма во македонскиот етер, токму кога оваа соседна држава го слави Денот на националното обединување, кога во 1878 година е потпишан Санстефанскиот мировен договор, со кој се предвидуваше создавање на голема Бугарија.
Токму датумот кога почна емитувањето бугарска програма во Македонија, како и содржините што изобилуваат со историски емисии во кои се истакнува бугарскиот карактер на македонските револуционери, но и на македонските книжевни дела и народни песни, повторно ја отвори дилемата дали наместо содржини што треба да ги зближуваат двата соседни народа, всушност уште во старт беше направена груба провокација и почна класично ширење на бугарската пропаганда за наводно бугарско потекло на македонскиот народ.
Исто така, проблематично е што во исто време не започна емитувањето на канал на Македонската телевизија во Бугарија, иако се најавува дека тоа ќе почне во скоро време, со што повторно изостанаа реципроцитетот и можноста да се пласираат македонски содржини во бугарскиот етер истовремено.
Познавачите на состојбите во медиумската сфера велат дека надлежните брзоплето реагирале при склучувањето на договорот, без да се консултираат со стручната фела и затоа почнале провокациите уште на стартот на емитувањето на Бугарската национална телевизија во Македонија.

– Македонија неподготвена влезе во справување со бугарскиот шовинизам, кој ќе биде популаризиран преку каналите што ќе се емитуваат во земјава. Тоа стана јасно на 3 март, кога почна да се емитува БНТ4, и за тоа треба да се преземе одговорност од сите оние што учествуваа во склучувањето на договорот за емитување на каналот – вели Виктор Грозданов, добар познавач на состојбите во медиумската сфера.
Тој додава дека првиот човек на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, морал да го предупреди специјалниот преговарач со Бугарија, Владо Бучковски, дека може да има провокативни содржини.
– Првиот човек на АВМУ мораше да му даде на Бучкоски директни насоки како да се спречи ова. Нашата Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги функционира во тралала-систем, односно не функционира воопшто, па, ете, ни се случи Бугарите да ни кажуваат каква ни била историјата. Од друга страна, ова е добра порака, бидејќи видовме дека Бугарите се целосно неискрени во нивните намери и настапи кон нас – појаснува Грозданов.
Според него, Бугарите во целост си го покажале своето лице, а при преговарањето за размената на програми требало да бидат вклучени професионалци што ги разбираат работите.

– Требаше да се вклучат професионалци што ќе посочеа кои сè недостатоци ќе се јават од таквиот тип на програми. Не сакаа да слушаат и, еве, сега имаме една емисија што се вика „баравте-гледајте“ – истакнува Грозданов.
Упатените во техничките детали велат дека во вакви случаи во прво време ќе беше многу подобро да имаше размена на програми, отколку да се оди во директно преземање на каналот.
– Секогаш подобра опција е размена на програми, бидејќи тогаш точно знаете каква содржина добивате, таа може и да се титлува за оние што не го разбираат јазикот, така што не може да се случи несоодветни содржини да отидат во етер. Тоа не е случајот при директно превземање на каналот, кога единствената интервенција може да биде од надлежното тело, кое може да ја затемни или исклучи спорната содржина – вели Ивица Стојчевски, видеотехничар.

Тој уште додава дека сите работи, буквално до најситен детаљ, треба да бидат регулирани во договорот што го склучиле операторите при емитување на каналите.
– Имаше кај нас порано случаи да се затемнуваат одредени странски канали кога емитуваа содржина за која некој тука платил авторски права, така што може и да се затемнат некои содржини што би биле навреда за нашиот народ, јазик и историја. Постои програмска шема и од неа може да се знае кога оди некоја историска емисија или слично, така што повторно ќе речам дека сè зависи од она што е договорено и од желбата на надлежните да постапуваат – појаснува Стојчевски.
Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не добивме одговор на прашањето дали е мониторирана содржината што се емитувала на 3 март и дали е преземено нешто да се спречи емитување спорни содржини во иднина.
– Директорот е на состанок и ќе му биде пренесено дека сте го побарале – ни беше одговорено кратко од АВМУ, но до затворањето на денешното издание на весникот не добивме одговор оттаму.