Јанис Армаколас

Според грчкиот професор Јанис Армаколас

Сметам дека блокирањето на процесот за почеток на пристапни преговори на Северна Македонија е неправедна разврска, вели професорот од универзитетот „Македонија“ во Солун и виш научен соработник во грчката Фондација за надворешна политика „ЕЛИАМЕП“, Јанис Армаколас, во разговор за МИА, анализирајќи ги последните случувања на релација Скопје-Софија. Тој напомена и дека не е доцна за Грција да помогне во надминувањето на разликите и да стори нешто за откочување на европската перспектива на Македонија.

– Приговорите и барањата на Бугарија може да се разберат, бидејќи се однесуваат на идентитетски прашања што допираат до јадрото на односите меѓу соседните земји на Балканот. Но, она што не може да се разбере е дека Софија го блокира почетокот на преговорите на Северна Македонија, а можеше да дозволи почеток, па подоцна, на кооперативен, а не на конкурентен начин, да се стреми кон согласување и договор – објаснува Армаколас, додавајќи дека особено е опасен патот на кој се поставува одново толкување на поновата историја како де факто условеност од ЕУ или од нејзини држави-членки, кон земјите кандидати за членство.

Професорот смета дека Грција можела да најде начин да посредува во спорот меѓу Македонија и Бугарија, но и оти уште не е доцна за да се вклучи.

– Грција можеше да најде начини за посредување во спорот меѓу двете соседни земји. И, сигурно, САД и многу земји од ЕУ би поздравиле едно такво дипломатско активирање на Атина. Но, ова досега не се случи – вели професорот, посочувајќи и дека Атина не им ставила јасно до знаење на партнерите и сојузниците дека Преспанскиот договор, стабилноста и напредокот на Македонија, се стратешки избор и интерес што е од витално значење.