Фото: Маја Јаневска-Илиева

Политичките аналитичари во основа сметаат дека е добра иницијативата за една изборна единица, со отворени изборни листи. Сепак, тие издвојуваат дека за таквиот чекор се потребни и дополнителни „подлабоки и пошироки консултации“, за да се избегнат и одредени пропусти на таквиот концепт. Аналитичарите истакнуваат дека треба што побргу, преку поширока јавна расправа, да се најдат начини за измена на слабостите што се покажале во актуелниот Изборен законик, а секако тоа да не да се прави со политички притисок, како во случајов, со закана од употреба на механизми за блокирање на носењето одлуки во Собранието и доведување во прашање на функционирањето на законодавниот дом…

Реактивиран старо-новиот концепт за измена на Изборниот законик

Некои од старите собраниски предлагачи за измени на Изборниот законик ја реактивираа иницијативата за нов изборен законик и во новиот парламентарен состав. Иницијативата доаѓа од претставници на помалите политички партии, кои се дел од актуелното владејачко мнозинство, и според начинот на кој ги изразуваат ставовите и политичката волја, се чини дека овој пат цврсто се решени да „истуркаат“ измени на Изборниот законик за промена на изборниот модел од шест во една изборна единица. Имено, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, за време на божиќните празнични денови, ја информира јавноста дека подготвуваат иницијатива зад која ќе застанат повеќе од 30 пратеници, а се очекува да ја поднесат до крајот на јануари. Решителноста на иницијаторите за измена на Изборниот законик е издигната до степен на подготвеност да употребат механизам за блокирање на носењето одлуки во Собранието и да го доведат во прашање функционирањето на парламентот.
– Во моментот работиме да обезбедиме единство и цврсто да стоиме на нашето барање. Сакаме да издејствуваме иницијативата да помине со консензус со договор и останува да видиме дали ќе прифатат или може да блокираме. Доколку десетина пратеници се одвоиме од коалицијата и не ги гласаме за одлуките и законите во парламентот, тој не може да функционира. Еве, нека си ги гласаат сами, без нас. Но ниту СДСМ самостојно со ДУИ може да носи одлуки, ниту, пак, ВМРО-ДПМНЕ на кој било начин ќе може да функционира. Затоа очекуваме разговор и заеднички договор за нашето барање – кажа Павле Трајанов, претставувајќи ја иницијативата.

Слична иницијатива беше поднесена и во претходниот парламентарен состав, кога 12 претставници од помалите парламентарни партии (главно во коалиција со некоја од големите партии) и еден независен пратеник активираа собраниска дебата за промена на територијалниот изборен концепт од шест на една изборна единица. И покрај декларативната поддршка на идејата за потребата од измена на Изборниот законик и изборниот модел од големите партии, сепак како и на партијата на власт и на големата опозициска партија да им одговараа опструкциите на иницијативата, кои главно се случуваа зад сцената. Така, предлогот за измени на Изборниот законик во минатиот парламентарен состав воопшто и не стигна до комисиска амандманска расправа.
Сепак, уште во почетокот на својот мандат во Министерството за правда, министерот Бојан Маричиќ најави дека за локалните избори во октомври годинава е можно да се постигне политичка согласност за отворени советнички листи и да се гласа со преференцијални гласови. Според Маричиќ, тоа е чекор напред кон определбата за отворени кандидатски листи и за една изборна единица. Сепак, министерот за правда истакна во однос на Изборниот законик и можноста за отворени листи и една изборна единица, дека иако за тоа е потребно апсолутно мнозинство во Собранието, добрата практика укажува дека тој закон треба да биде донесен со консензус.
– Знаете дека и од сегашното мнозинство и од СДСМ особено имаше определба за воспоставување една изборна единици. Сепак, дали ќе се случи тоа, ќе зависи од волјата на преостанатите, бидејќи тоа е системска промена за која треба да има консензус за да може да биде спроведена. Доколку сите партии или партиите со најмногу пратеници во Собранието се согласат за оваа реформа, секако дека ќе ја вградиме – изјави Маричиќ на почетокот од својот мандат.

При сите досегашни иницијативи за измена на Изборниот законик, политичките аналитичари биле согласни дека практиката покажува потреба тие да бидат спроведени, од повеќе причини, но моменталните интереси и процени на партиите за тоа што треба да се менува се причина за тоа што досега не е преземено речиси ништо по тоа прашање. Сепак, по последните парламентарни избори, во јули 2020, заинтересираноста на политичките фактори за измена на Изборниот законик беше зголемена, поради „тесната“ разлика во изборните резултати, односно на фактот дека сите партии (како помалите, така и големите) имаа многу изгубени гласови токму поради изборниот модел од шест изборни единици.
– И теоријата и практиката покажуваат дека една изборна единица со отворени изборни листи е порепрезентативен, т.е. поточен изборен модел, со кој се губат помалку гласови и пореално ја одразува волјата на граѓаните, отколку со сегашниот изборен модел од шест изборни единици. Сепак, треба да се знае дека колку што губат гласови малите партии, исто така губат и големите партии, па не значи дека со промена на изборниот модел тие изгубени гласови ќе одат само на сметка на помалите партии. Со моделот на една изборна единица, тие гласови еднакво ќе одат како кај помалите, така и кај големите партии. Практиката покажува дека се потребни повеќе измени на Изборниот законик, зашто меѓу другото се покажува и дека форматот на „пржинска влада“ е нефункционален… Затоа е потребна претходно поширока аргументирана дебата, за да се детектираат сите потребни измени за Изборниот законик, а не тој да се носи под политички притисок – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Во основа, Арсовски смета дека е добра иницијативата за една изборна единица, со отворени изборни листи, но сепак за таквиот концепт е потребен и изборен праг, зашто без него би се влегло во ризик на формирање многу шаренолика и нестабилна влада. Од аспект на искуството со „100 дена пржинска влада“ пред избори, Арсовски проценува дека таквиот формат се покажал како можност за блокирање на функционирањето на Владата и воопшто непродуктивен. Сепак, според него, не би било во ред опозицијата да нема контролен механизам врз Владата пред избори (иако претседателот на ДИК од опозиција е добар начин на контрола на изборниот процес), но преку поширока јавна расправа треба да се најдат начини за измена на слабостите што се покажале во актуелниот Изборен законик.