Трката за иден претседателот на државата е во полн ек, а за тоа какви се впечатоците за првиот дел од кампањата побаравме мислење од оние што одблиску и најдиректно, ги следат случувањата.

Зоран Фидановски, член на Советот на Агенцијата за медиуми, во својата процена на случувањата вели дека досегашниот тек на кампањата е пристоен, кандидатите имаат одредено ниво на меѓусебно почитување во официјалниот дел од кампањата, иако, за жал, оваа оцена не важи и за социјалните мрежи.

– Морам да истакнам дека она што е позитивно во моментов е дека се препознава едно солидно ниво на меѓусебно почитување на тројцата кандидати во чии официјални дуели нема омаловажувања, навреди и говор на омраза. Токму затоа верувам дека тоа придонесува и штабовите на кандидатите да внимаваат во своето дејствување и да не ја преминат таа тенка линија на меѓусебна почит. Од друга страна, може и да се каже дека во дејствувањето на париите во кампањата, за жал, има и повремени испади во дејствувањето, но, за среќа, тие не навлегуваат во говорот на омраза. Од медиумски аспект, пак, она што можам да го забележам е дека има генерално избалансирано известување за активностите на тројцата кандидати, кое е во согласност со законот, а кандидатите што се и од власта и од опозицијата генерално добиваат еднаков простор во медиумите – вели Фидановски.

Во меѓувреме, мисијата на ОБСЕ во земјата го објави и периодичниот извештај за претседателските избори во периодот од 11 март до 2 април.

Во документот се наведува дека пред кандидатите официјално да се регистрираат на 21 март, тие биле вклучени во активности на кампањата, како одржување средби со граѓаните, од помал размер, низ земјата и давање интервјуа за медиумите.

– Како што предвидува законот, кандидатите го прекинаа водењето кампања по својата формална регистрација, иако политичките партии продолжија да ги презентираат нивните програми, да ги критикуваат нивните ривали и да ги поддржуваат претседателските кандидати зад кои застанаа – се наведува во извештајот.

Според ОБСЕ, во кампањата се забележува дека генерално, жените се недоволно застапени во јавниот живот, но дека женските права и родовата еднаквост сѐ уште не се пројавија како истакнати прашања во кампањата и се посочува и дека Гордана Силјановска Давкова се соочила со негативни родови стереотипи на социјалните медиуми, на пример, коментари за нејзиниот изглед.

Од друга страна, во сублимиран заклучок, новинарите со кои се консултиравме и кои ги следат политичките збиднувања во земјата оценуваат дека досегашниот тек на кампањата бил здодевен, некреативен и со одредени пропусти и гафови, кои може да се припишат на сметка на пиар-тимовите што ги градат изборните стратегии на тројцата претседателски кандидати.

Славица Арсова, уредничка во вестите на телевизијата Сител, во својот осврт на досегашниот тек на изборната кампања вели дека има кандидати со искуство и кои имаат јако портфолио и минат труд зад себе, но очигледно нивните тимови слабо можат да ги следат и ги ограничуваат да водат класична и монотона политичка кампања, со веќе видени активности на медиумите и социјалните мрежи.

– Добро е што има дуели, кои одговараат на прашањата и барањата од сите медиуми, односно нема селективност во односот со медиумите. Оваа кампања ќе ја одбележат и поголемиот број ТВ-дуели помеѓу кандидатите – истакнува Арсова.

Игор Чавески од порталот „Пресинг ТВ“ оценува дека првата недела од изборната кампања генерално за него била условно кажано „бледа“.

– Главна тема се договорот од Преспа, промената на името и последиците што произлегоа од целиот тој процес. Двајцата кандидати, Пендаровски и Силјановска, главно се насочени кон своите гласачи и приврзаници и не се особено заинтересирани да придобијат дел од неопределените или, пак, незадоволни граѓани. Позитивно изненадување е Блерим Река, кој води една позитивна кампања без популистички пристап, што беше својствено за кандидатите Албанци на минатите избори – вели Чавески.

Мирослав Илиоски од порталот Сакамдакажам.мк смета дека претседателските избори кај нас генерално не генерираат голем интерес во јавноста, а овој пат може и цензусот да биде проблем, бидејќи не се врзани со локални и парламентарни избори, како што беше случај претходно.

Според Илиоски, дури и самите кандидати не изгледаат премногу ентузијастички расположени во своето дејствување и не придонесуваат за зголемен одзив.

– Во прв план во досегашниот тек на кампањата се гафовите на кандидатите и нивните сурогати на митинзите, како и неинвентивните промотивни спотови. Пораките на кандидатите, како и вообичаено во изборни кампањи, се гол популизам, но во случајов тоа е поизразено, бидејќи претседателските надлежности се повеќе церемонијални. Од досегашниот тек на кампањата, прашање е дали кандидатите ќе успеат да ги мотивираат симпатизерите на партиите што ги поддржуваат да излезат на гласање, а камоли неопределените – вели Илиоски.

Новинарот Сеад Ризвановиќ од ТВ 24 констатира дека трите табори на тројцата кандидати во трката за претседател на државата имаат сосема различен пристап во водењето на кампањата.

Ризвановиќ истакнува дека Стево Пендаровски терал позитивна кампања, ама таа била здодевна, одиме напред, според новинарот е веќе видено.

атаму, тој истакнува дека Гордана Силјановска-Давкова со нејзините спотови како да повикувала на мобилизација за војна, додека, според Ризвановиќ, дефинитивно најдобар слоган „За републиката“ имал Блерим Река.

aleksandа[email protected]