Активностите за одбележување на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор продолжија денеска со Панел-дискусија „Фискална децентрализација“ во општина Чаир, која е еден од столбовите на Охридскиот договор.

Учесниците на панел дискусијата, вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу заеднички го истакнаа постигнатиот напредокот во Чаир и во сите други општини во служба на квалитетот на животот на граѓаните, нагласувајќи како заеднички предизвик на „По Охрид“ зајакнувањето на локалните капацитети за поголема оперативна ефикасност и унапредување на процесот на децентрализација како еден од столбовите на Охридскиот договор.

– Потеклото на Охридскиот договор беше и требаше да биде за овие три работи, како да им се обезбеди на секој граѓанин еднакви права, слобода во многу широк аспект и тука лесно можеме да го кажеме со четирите слободи на Европската Унија и четвртата како да создадете подостоинствен живот. 2021 година е последен момент да се зборува за тоа дали можеме да постигнеме целосна фискална децентрализација за општините, но кои се максималните граници што можеме да ги достигнеме денес, за да овозможиме во следните 20 години несогласувања и нееднаквости меѓу општините, но и разликите на животот меѓу граѓаните кои живеат во тие региони да бидат што помали. Суштината на децентрализацијата е независноста во работењето на општините, подобри услуги за граѓаните и уште поголемо задоволство на граѓаните од услугите што ги добиваат од општината – изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски ги елаборираше мерките што ги презема Владата за унапредување на институционалната и фискалната децентрализација, нагласувајќи ги мерките дефинирани во Програмата за одржлив развој.

– Денеска дискутираме за децентрализацијата и можам да оценам дека ова е една област, којашто e една од најуспешно имплементираните со Охридскиот Рамковен Договор. Договорот значеше крај на конфликтот, сериозна заложба за мир, стабилност, правичност и благосостојба за сите граѓани, преку поголема демократија во општеството и децентрализирано владеење и рамномерен регионален развој – кажа министерот Милевски.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во својот говор го претстави планот на Владата за унапредување на процесот на децентрализација.

– Општините во овој период ја видоа потребата, не само да имаат повеќе финансии, финансиски капацитети, туку и да имаат поголема финансиска автономија. Карактеристично за овој период е што трансферите доминираат во структурата на буџетот на општините и во периодот што доаѓа со напредокот на фискалната децентрализација гледаме некои аспекти на понатамошна децентрализација, главно во 3 столба, зголемување на финансискиот или фискалниот капацитет, зголемувањето финансиска дисциплина и зголемување на транспарентноста во управувањето соопштинските финансии – изјави Бесими.