Фото: Игор Бансколиев

Германската амбасадорка во Македонија порачува

Германија и другите земји членки на Европската Унија сметаат дека билатералните проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека тие проблеми треба да се решаваат билатерално, порачува германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн коментирајќи го бугарскиот меморандум испратен до земјите членки на ЕУ. Во неделното интервју за радио Слободна Европа, Холштајн вели дека во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот на проширување на Унијата со регионот на Западен Балкан.

– Бугарија ги има кажано овие барања на другите земји-членки на почетокот на август. Ние, и според моите сознанија, сите други земји членки, се на мислење дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално. Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската Унија во овој регион – вели амбасадорката Холштајн во интервјуто.

Инаку, преку меморандумот во кој има увид Радио Слободна Европа, а кој Бугарија го доставила до земјите членки на Унијата, Софија бара поддршка за своите позиции. Во него се бара билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35.

Во документот на шест страници на кој на долго се објаснуваат нивните тези за настанокот на македонската нација и јазик, меѓу другото се наведува и дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот и оти не постоел до 2 август 1944 година. Покрај договорот за добрососедство Софија како услов за напредокот во ЕУ интеграции смета дека треба да биде и односот на земјава кон малцинството на бугарска територија.