Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска на маргините на Минхенската безбедносна конференција имаше билатерална средба со Екатерина Захариева, заменик претседател на Владата и МНР на Република Бугарија.

Средбата беше искористена за подготвителните активности во светло на Берлинскиот процес со кој копретседаваат двете земји и за реализација на утврдените приоритети и настани согласно програмата на заедничкото претседавање.

– Одличната соработка меѓу тимовите на двете земји е во духот на она што е наша главна дипломатска цел – да ги зацврстиме темелите на мостовите што ги поврзуваат земјите од регионот и преку копретседавањето на Берлинскиот процес сите заедно да зачекориме напред. Голема одговорност, но и вистинска шанса и за нас и за Европа – рече Димитров.

Тој се сретна и со Карл Билд, поранешниот шведски премиер и актуелен копретседавач со Европскиот совет за надворешни работи во рамки на состанокот организиран од Охридската група. Беа разменети мислења за актуелните политички случувања во регионот и европските перспективи.

– Со оглед на досегашното македонско патешествие кон ЕУ, за европската перспектива да биде кредибилна, потребна е одлука за отворање на пристапните преговори без одлагање – нагласи Димитров.