Фото: Маја Јаневска-Илиева

Моменталната политичка криза, која трае подолго време, крајно неповолно влијае врз економијата и стопанството. Како да се надминат моменталните и идните пречки што ја кочат економијата и го задушуваат стопанството? За овие прашања и предизвици побаравме мислење од трите најголеми комори во државата, Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија. Стопанствениците се едногласни дека е потребна политичка стабилност, како „услов без кој не се може“, за потоа да може вниманието да се насочи кон решавање на напластените проблеми, од чие решавање зависи благосостојбата на граѓаните и на државата

АПЕЛ НА СТОПАНСКИТЕ КОМОРИ: ДАЈТЕ НИ ПОЛИТИЧКА СТАБИЛНОСТ, НЕОПХОДНА Е ЗА ЕКОНОМСКА СТАБИЛИЗАЦИЈА!

Изборни циклуси секоја година, чести политички кризи, пандемија на ковид, нестабилност на Владата, неконзистентни и некоординирани непредвидливи потези итн., се само дел од пречките со кои постојано се соочува националното стопанство и кои сериозно влијаат врз домашната бизнис-клима. Деновиве особено се тензични состојбите поврзани со актуелната политичка криза, која неповолно влијае врз економијата и стопанството. Што е потребно да се направи за да биде стопанството одржливо и во вакви периоди и да биде отпорно на сите предизвици? Како да се надминат моменталните и идните пречки што ја кочат економијата и го задушуваат стопанството?
За овие прашања разговаравме со стопанските комори во земјата, кои дадоа нивни оцени како актуелната политичка состојба изминатиот период се одразува на економијата и на нивните бизнис-членови, со сугестии и препораки што треба да се направи во иднина.
Стопанствениците се едногласни дека е потребна политичка стабилност, за да може вниманието да биде насочено кон решавање на проблемите од кои зависи благосостојбата во државата.
Токму стабилни институции се потребни за бизнис-секторот да не трпи дополнителни штети.

Азески: Бизнис-заедницата е уморна од политички калкулации

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, неодамна порача дека бизнис-заедницата е уморна од избори и од политички калкулации.
– Ние се залагавме за кампања за локалните избори од десет дена, а таа траеше шест месеци – вели Азески.
Според него, по толку кризи, само комета не нѐ удрила по глава.
Говорејќи за проблемот со струјата, тој оцени дека Владата мора да прогласи енергетска криза.
– Не може оваа работа да помине без прогласување енергетска криза за државата полесно да носи решенија со кои ќе се справува со моментот кога ќе тргне зголемената потрошувачка со промена на временските услови и со резервите што ги имаме – оцени Азески.
Според него, Стопанската комора е во дослух со Владата и разгледува неколку сценарија.
– Веројатно ќе дојде до здружување на компаниите и купување енергија за 2022 година за цела година по фиксна цена, која ќе ја платиме авансно и на ваков начин ќе се обезбедиме за цела година. Има и можност за наше вклучување во активностите што ги презема државата за подигнување на степенот на производство на електрична енергија, а ќе има и солидарни потези што ќе ги направиме како Западен Балкан, како Управен одбор на Коморскиот инвестициски форум, каде што јас сум копретседател. И таму поведуваме иницијатива и бараме од Европската енергетска заедница и Европската комисија да помогнат – вели Азески.
Долгите редици со превозници и автомобили на нашата граница и во регионот, тој, пак, ги нарече „срам“ што треба да се реши со иницијативата „Отворен Балкан“ и дека тоа бавно се случува, а тој режим опстојува толку долго, бидејќи така има простор за мито и корупција на границите.

ССКМ: Потребно е воспоставување политичка стабилност

Од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) посочија дека стопанството две години се соочува со многубројни предизвици што произлегле од здравствено-економската криза, а кои бараат голема ангажираност за одржување на деловната активност на претпријатијата.
– На овие околности се надоврзува и политичката криза, која создава нова нестабилност и неизвесност, а токму несигурноста и непредвидливоста се причини за неможност за планирање на идните текови, развој и инвестиции. На ова се надоврзува и најавува за нов ковид-бран и можни рестрикции, што, секако, негативно ќе се одрази на економијата – велат оттаму.
Според ССКМ, во моменти кога економијата се соочува со енергетска криза, пораст на цените и на инфлацијата, потребно е побрзо воспоставување политичка стабилност, за да може вниманието да биде насочено кон решавање на проблемите од кои зависи благосостојбата во државата.
– Неопходно е нормализирање на работата на институциите, промптно носење на потребната законска регулатива, како и навремено носење соодветни мерки за редуцирање на последиците од економската и енергетската криза. Недостигот и растот на цените на енергентите повлекуваат општ раст на цените, поради што и ова прашање бара посебно внимание. Затоа, приоритет треба да биде стабилизирање на енергетската криза, поради која многу фирми се наоѓаат во незавидна ситуација, бидејќи еднострано им се прекинуваат договорите за испорака на струја и се принудени да склучуваат нови договори по многу повисоки цени, што е огромен удар за стопанството – заклучуваат од Сојузот на стопански комори на Македонија.

СКСЗМ: Економијата е столб на општеството

Дриљон Исени, извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), смета дека приватниот сектор претставува еден од главните столбови на нашето општество.
– Економетријата во последните две години покажува дека токму приватниот сектор е тој што трпи најсилни удари, а како последица на тоа, граѓаните и економијата во целост – вели тој.
Тој смета дека сме во клучна фаза на економската криза предизвикана од ковид, фаза во која требало силно да се работи во правец кон закрепнување, но, за жал, се појавил уште еден дополнителен проблем, како што е проблемот со инфлацијата и брзото покачување на цените на енергентите.
– Кога веќе се соочуваме со вакви проблематики, компаниите се свртени кон институциите од кои очекуваат поддршка и помош за надминување на кризата. Тоа што не очекувавме е ваквото однесување на политичкиот фактор, кое дополнително ја зголемува недовербата на бизнис-заедницата кон институциите. Оваа криза е сериозна и треба што побрзо да се најде решение за да се надмине и да го продолжиме тој позитивен старт на закрепнувањето на економијата. На бизнис-заедницата ѝ штети оваа неизвесност – појаснува Исени.
Според него, надминувањето на оваа политичка криза е неопходно што побрзо да се случи, за да се елиминира оваа неизвесност и институциите да бидат во полн капацитет во следниот период.
– Не смее да се дозволи да дојдеме во ситуација во која кризата веќе ќе заземе поголеми димензии и да ги доведе бизнисите во ситуација во која не можат да се потпираат во институциите или, пак, институциите да не можат да ги сервисираат навремено бизнисите. Проблемите што потенцијално ни претстојат во следниот период се големи и мора заеднички да се решат и институциите треба да функционираат со полн капацитет и, паралелно со тоа, да се консултираат со приватниот сектор за да се постигне најефикасно и ефективно решение за надминување на кризата. Не сме во ситуација да дозволиме компаниите да претрпат дополнителни штети поради ваквото однесување на политичкиот фактор, бидејќи, пред сѐ, економскиот интерес треба да биде приоритетен, имајќи предвид дека тоа е еден од главните столбови на општеството – заклучува извршниот директор на СКСЗМ.

[email protected]