Американскиот амбасадор Џес Бејли вечерва оцени дека е многу важно што ВМРО-ДПМНЕ се враќа во Парламентот, како водечка опозициска партија.

– Силна, активна опозиција во Парламент која ќе разговара за закони е клучна за една демократија, посебно за една европска демократија – рече Бејли во интервју за 24 Вести.

Што се однесува до процесот на реформи, тој рече дека не е важно само да се изгласа некој закон, туку дека треба да се смени функционирањето на институциите и функционирањето на луѓето.

– Не е работата само некој закон да се изгласа, туку има случаи треба да се смени културата на некои институции и на политичкиот живот во државата – рече американскиот амбасадор.

Во однос на спорот со името и влезот на Македонија во НАТО, Бејли кажа дека е најважно да се реши прашањето со името и оти Декларацијата на Самитот во Букурешт го подвлекува токму тоа.

– Мислам дека сега постои голема шанса, бидејќи македонската и грчката Влада се посветени да се најде решение. Решавањето на ова прашање е добра работа за регионалната стабилност. Билатерланите односи ќе се подобрат. Ќе се отворат области за соработување во бизнис секторот и во трговијата. Тоа е во интерес на двете држави, во интерес на Европа и на трансатлантска безбедност. Ова е многу важна шанса која не смее да се пропушти. Како што времето поминува, ќе биде се потешко – смета амбасадорот Бејли.