Решавањето на долгорочниот проблем со името ќе донесе добро за Република Грција и Република Македонија , но ќе придонесе и за просперитетот и стабилноста за целиот регион.

Ова денеска, одговарајќи на новинарски прашања на паузата од првиот Македонски енергетски форум 2018 во Струга, го истакна американскиот амбасадор Џес Бејли.

– Продолжуват преговорите меѓу двете земји со помош на ОН. Со оглед на специфичноста јас ќе им оставам на двете земји да изнајдат заедничко прифатливо решение, кое граѓаните го чекаат долго време – рече Бејли.

Помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел, пак, претходно изјави дека САД продолжуваат да играат тивка улога во процесот на решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција.

– Неодамна зазедовме заеднички став не само за Србија и Косово, туку работиме и на БиХ, на прашањето за името помеѓу Македонија и Грција. Како што напоменав, дел од нашиот тим во моментов работи на ова прашање, а САД продолжуваат да играат тивка улога заедно со ЕУ, Германија и останатите, охрабрувајќи да се најде решение за името, за да ја видиме Македонија како членка на НАТО – рече Мичел во обраќањето на Херитиџ фондацијата, каде ја промовира стратегијата на претседателот Доналд Трамп за Европа