Реалната можност Македонија наскоро да се приклучи кон НАТО е најголемата разлика кога зборуваме за земјата денеска во споредба со минатото, порача американскиот амбасадор Џес Бејли денеска на трибината „НАТО и ти“, организирана од Министерството за одбрана, Евроатлантскиот совет на Македонија (АТА-Македонија), НАТО Канцеларијата за врски и Хрватската амбасада по повод Денот на Алијансата – 4 Април.

– Што значи членството во НАТО за Македонија и за нејзините граѓани? Тоа значи дека ќе бидете сојузници, а не партнери, пријател, сосед со останатите земји членки. Денеска кога се одбележуваат 69 години од потпишувањето на Вашингтонскиот договор нагласи дека Алијансата е сојуз што се заснова на почитување на човековите прва и слободи, демократијата и владеењето на правото – рече Бејли.
Според него, ниското ниво на владеењето на правото земјата ја први ранлива за корупција, но и за внатрешни и надворешни непријатели.

Додаде дека влезот во НАТО ќе помогне да се надминат внатрешните политички поделби во земјата. Нагласи дека е потребно системските реформи што се воведуваат во Македонија да не останат само на хартија, односно законите што се носат во Парламентот понатаму практично да се имплементираат.

На трибината се обрати и министерката за одбрана Радмила Шекеринска која напомена дека членството во НАТО е од особено важност поради тоа што земјата ќе стане дел од светски најмоќниот економски сојуз што ја негува демократијата и е гарант за безбедноста за неговите членки. Напомена дека на листата на земји со највисок квалитет на живот од вкупно 10, првите осум се членки на НАТО.

Шекеринска додаде дека влезот во НАТО ќе го овозможи непречениот економски напредок на земјата, а ќе биде гаранција за нејзината натамошна демократизација.