Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска оствари видеосостанок со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј. На состанокот разговараа за економските приоритети на Владата во новиот мандат, економската соработка меѓу двете земји, како и можноста за продлабочување на истата.

Министерот ја информираше амбасадорката за мерките и реформите кои ги спроведе Владата и Министерството за економија за поддршка на економијата за справувањето со кризата предизвикана од ковид-19, посебно на мерките од новиот четврти пакет кои ќе значат дополнителна поддршка за бизнисот и граѓаните во справување со последиците од пандемијата.

Министерот ја информираше амбасадорката Галовеј дека Обединетото Кралство е втор по големина трговски партнер на Македонија, а вкупната билатерална трговија меѓу двете земји е во континуиран раст во последните неколку години.

Двајцата се согласија дека има простор за продлабочување на трговската соработка меѓу двете земји, пред сè поради присуството на британските инвеститори на македонскиот пазар.

Во делот на енергетиката министерот исто така ја информираше амбасадорката дека во наредниот период Министерството за економија ќе продолжи со поддршка на инвестиции во изградба на капацитети од обновливи извори на енергија, што ќе значи подобрување на целиот енергетски систем во државата.