Денешните разговори на лидерите на ЕУ во Брисел се последна надеж дека земјава може да го добие очекуваниот датум за пристапни преговори.

Лидерите на ЕУ рано утрово ги прекинаа разговорите без договор за започнување преговори со Македонија и Албанија, без многу оптимизам дека цврстиот став на францускиот претседател Емануел Макрон би можел да се промени.

-Ние не постигнавме заклучок за ова денес, но утре ќе продолжиме да разговараме за тоа – изјави финскиот премиер Анти Рине, чија земја моментно го има претседателството со ЕУ.

На прашањето за шанса да се најде компромис, тој рече дека не е сигурен дека е можно, но се надева дека може да се постигне договор.

Двете балкански земји се очекуваше да добијат зелено светло на самитот за да започнат преговори за пристапување кон ЕУ, а Европската комисија потврди дека ги имаат исполнето критериумите, пренесува агенцијата „АП“.

Макрон одби да дозволи нова земја да влезе во ЕУ сѐ додека не се подобрат процедурите за проширување, додека Холандија се спротивстави на кандидатурата на Албанија.