Фото: Игор Бансколиев

Паралелно со подготовките на нацрт-амандманите за уставните измени со кои во Уставот на Република Македонија би требало да се имплементираат одредбите од спогодбата во Мала Преспа, што се случуваат во Владата, во Собранието се одвиваат преговори за формирање нова пратеничка група. Двата процеса би требало да бидат конкретизирани со резултат до понеделник, кога се очекува во собраниската процедура да се влезат и нацрт-амандманите. Владата, како предлагач, има рок од 15 дена по изгласувањето со двотретинско мнозинство за пристапување кон измени во Уставот, што се случи пред една недела, да го достави нацрт-текстот на амандманите во Собранието, но премиерот Зоран Заев постојано изјавува дека настојуваат да ги скратат роковите. Иако првично беше најавено дека за една седмица, т.е. вчера, на 26 октомври, амандманите ќе бидат предадени во Собранието, од Владата изјавија дека процесот за подготовка на уставните амандмани е во тек. Во текот на вчерашниот ден сѐ уште се водеа координации меѓу Владата и пратениците околу содржината на нацрт-текстот на амандманите, па, според последните информации пред затворање на весникот, сѐ уште не беа создадени услови за тие да бидат предадени во Собранието.
Потписниците и поддржувачите на спогодбата од Мала Преспа сметаат со создавањето на двотретинското мнозинство за гласањето кон пристапување кон уставните измени е надмината „непријатноста“ од непостигнатиот цензус на референдумот. На ова уверување на владејачкото мнозинство се надоврзува и очекувањето дека е надмината психолошката бариера во однос на поддршката на спогодбата и кај други пратеници од опозицијата, освен осумтемина што веќе гласаа, така што во понатамошната собраниска процедура за усвојување на амандманите очекуваат и други „пребегнувања“.

Очекувањето го поттикнува и најавата дека осумтемина пратеници, кои до пред една седмица беа дел од опозицијата, работат на формирање нова пратеничка група во Собранието. На седуммина од контроверзната собраниска осумка, нивната матична партија ВМРО-ДПМНЕ им го одзеде членството и им порача дека треба да ги вратат пратеничките мандати, бидејќи со својата поддршка на уставните измени ги изневериле оние што гласале за нив на избори. Сепак, пратениците велат дека и понатаму имаат право да бидат носители на мандатите, иако партијата ги исклучила.

– Ако имаме пропорционален систем на избори, значи дека пратениците не добиваат мандат врз основа на личниот кредибилитет пред гласачите, туку во најголем дел врз основа на кредибилитетот на партијата. Со мнозински систем на избори поинаку се добива легитимитетот од гласачите и може да се зборува дека пратеничкиот мандат е добиен врз основа на личен кредибилитет. Но вообичаено, во пропорционалниот систем, партијата ја одредува кандидатската листа, а гласачите најчесто го препознаваат само носителот на листата. За ефектите од овој систем на избори зборувам со години, но последиците од избори со пропорционален систем, како оваа ситуација што се појави сега со осумтемина пратеници на опозицијата, во секој случај претставуваат пресметан ризик. На пратениците не може да им биде одземен мандатот од страна на партијата што ги кандидирала – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Седумтемина „одметнати“ пратеници од ВМРО-ДПМНЕ имаат средби за да дефинираат како ќе дејствуваат понатаму, а во јавноста беше пласирана информација дека на оваа пратеничка група во формирање ќе им се придружи и Владанка Авировиќ од Социјалистичката парија, што не претставува изненадување, со оглед на фактот дека таа беше „осмиот елемент“ на опозициската група што на 19 октомври гласаше за пристапување кон уставни измени. Една пратеничка од овие осуммина вели дека тие ќе функционираат заедно во Собранието, дека се отворени и за други пратеници, како и дека ќе работат на дефинирање на нивните четири барања со правни експерти, вклучувајќи ги и уставните амандмани.

– Ќе работиме на четирите барања, како и на уставните амандмани во консултација со правници, токму на она што предизвика грижа кај општата јавност – вели пратеничката.
Имено, по гласањето на 19 октомври, овие осуммина пратеници открија дека својата поддршка за уставните измени ја условиле со четири барања, од кои три треба да бидат внесени во амандманите што се подготвуваат.

Нивните услови, артикулирани во барање до Владата се: прифаќање амандман на Уставот со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет; прифаќање одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евроатлантските интеграции на Република Македонија, ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани што произлегуваат од имплементацијата на договорот од Преспа; постепена промена на името за внатрешна употреба, следејќи го процесот што води кон полноправно членство на РМ во ЕУ; а четвртото барање се однесува за простување во врска со настаните на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија и сеопфатно национално помирување, што би требало да се регулира со закон.

Уште по објавувањето на овие барања на осумте пратеници, премиерот Зоран Заев изјави дека нема пречки тие да бидат вградени во амандманите што се подготвуваат. Тоа би требало да значи дека поддршката на овие пратеници веќе е безусловна. Но, сепак, додека не биде познат нацрт-текстот на амандманите, останува отворено принципиелното прашање дали осумтемина ќе ја повлечат својата поддршка за уставните измени што ја дадоа на 19 октомври доколку некој од условите не им биде исполнет.