По отворањето на прашањето за брегзит, пламна војната меѓу британското финансиско средиште Лондонски Сити и германското Франкфурт на Мајна за привлекување и контрола на капиталот. Во игра се незамисливо големи пари. Се проценува дека влогот околу кој се води натпреварот е вреден околу 46 билиони евра и затоа од двете страни, и Лондон и Берлин, грчевито се борат да привлечат што поголем дел од ова богатство во својот финансиски центар. Сојузништвото што неформално се нарекува „Пет очи“, а кое го сочинуваат Обединетото Кралство, САД, Австралија, Нов Зеланд и Канада, има изградено ефикасен специјален систем за размена на разузнавачки информации што не се споделуваат со други партнери, дури ниту со членките на НАТО

Билионите евра што се вртат во играта околу брегзит се само уште еден доказ повеќе за вистинитоста на тврдењето дека брегзит е најголемиот геоекономски и геополитички настан во Европа по паѓањето на Берлинскиот ѕид. Оттаму, инфантилните презентации на водечките медиуми за британската збунетост и очајот со нескриени сугестии за надмоќта на Европската Унија немаат врска со умот и со вистинските факти, туку служат исклучиво во пропагандни цели за прикривање пред јавноста на значењето на настанот што е почнат наспроти волјата на водечката политика на ЕУ и кој Брисел се обидува да го контролира. Кој и да има предност во наддавањето и кој и да надвладее во почнатиот неповратен процес на одвојување на Обединетото Кралство од Европската Унија, секако ако не дојде до радикален пресврт, ја презема тешката одговорност за можните катастрофални последици, не само за завојуваните страни туку и за цела Европа. Ако тргне на лошо, последиците би можеле да станат несогледливи, како економските, така во продолжение на евентуалните ризични случувања и политичките, а на крајот и безбедносните.

Контраофанзивата на Берлин

Берлин посакува и го поттикнува преселувањето на голем број банки и други финансиски институции од Лондон во Франкфурт – своето и финансиското седиште на ЕУ, во кое се наоѓа и самата Европска централна банка, за тоа да стане најсилниот банкарски центар во Европа. Германската политика проценува дека поради брегзит ќе дојде до масовна преселба во Франкфурт на финансиските институции што сега се сместени во Лондон. Германија и ЕУ работат на тоа од самата објава на референдумските резултати за брегзит, знаејќи дека сигурно ќе дојде до излегување на Обединетото Кралство од Унијата, дека е тоа само прашање на времето и на модалитетот и не сакаат да ја пропуштат шансата што им се укажа. За таа цел ЕУ донесе прописи според кои финансиските трансакции во рамките на Унијата можат да се вршат само од страна на правно независни финансиски субјекти во рамките на некоја држава-членка на ЕУ. Европските медиуми изминатите години упорно ја известуваа јавноста дека се очекува „големо финансиско стампедо од Лондон кон Франкфурт“ („Шпигел“, 17 октомври 2016 година) и „дека пред Лондон се бурни денови“, како што во јануари 2017 предвидуваше водечкиот германски економски весник „Ханделсблат“. Веќе во септември 2018-та, „Франкфуртер алемајне цајтунг“ оптимистички објави дека финансискиот центар Франкфурт расте. Тогаш, во септември минатата година, германската канцеларка Ангела Меркел даде целосна политичка поддршка на привлекувањето капитал од Лондон кон Франкфурт, изјавувајќи дека „сојузната влада ќе ги поддржи Франкфурт и сојузната држава Хесен во нивната натамошна конверзија во атрактивен германски и европски финансиски центар, способен да привлече нови зделки“. Се тврдеше дека, на пример, американската инвестициска банка Голдман Сакс ќе го намали бројот на својот лондонски персонал на половина, дека швајцарската УБС се подготвува да пресели најмалку илјада свои вработени од Лондон на континентот. Процените на финансиските институции и на советниците, како и на европските весници, тврдеа дека Лондон би можел поради брегзит да изгуби околу 70 илјади од приближно 400 илјади работни места во финансискиот сектор, колку што ги имаше според податоците од 2014 година. Инаку, Лондон со Њујорк се менуваат на позициите прв и втор глобален финансиски центар. Иако Франкфурт успеа да напредува до десеттото место, тој значително заостанува зад британската метропола, а напуштањето на Обединетото Кралство во ЕУ ги отвори очекувањата дека Франкфурт би можел да напредува на таа листа на глобалните финансиски играчи.

Стратегијата на Лондон

Лондон презема противмерки за да го задржи капиталот во свои раце, што, како што се чини, и не е претерано тешко, бидејќи е во многу помала мера ограничен со финансиската регулатива отколку Германија и Европската Унија. Впрочем, целата конструкција на британското финансиско работење се темели на дерегулација на пазарот и претворање на Обединетото Кралство и неговите прекуморски јурисдикции во голема даночна оаза или даночно засолниште.
Се чини дека, барем засега, посакуваното масовно бегство на капиталот од Лондон кон Франкфурт изостана и дека опциите на Германија и на ЕУ во процесот на раскинување со Обединетото Кралство во овој момент и не се толку добри какви што сакаат да се прикажат. Брегзит за третина ќе го намали уделот на ЕУ на пазарите со капитал, а што се однесува до самата Германија, многу веројатно ќе ги пренасочи односите во ЕУ во полза на Франција. Конкретно, брегзит поради заминувањето на Британија ќе го намали уделот на ЕУ на глобалниот пазар на ниво од 14 проценти, што е приближно третина од уделот на САД и приближно еднаков на оној на Кина. Со британското повлекување од Унијата, економијата на ЕУ ќе биде уште повеќе изложена на банкарскиот сектор, а бидејќи Лондон го заземаше првото место во банкарскиот и во финансискиот сектор на ЕУ со 31 проценти удел, по неговото заминување позицијата на Обединетото Кралство ќе се префрли на Франција, која има 24 проценти удел во вкупните активности на пазарот на капитал на Унијата. Така, Германија на тој план ќе биде зад Франција, бидејќи на пазарот на капитал на ЕУ учествува со 19 проценти. Промената на позициите и пробивањето на Франција на првото место според уделот на финансискиот пазар на ЕУ неизбежно ќе доведе и до дебаланс на досега воспоставените односи меѓу Франција и Германија како рамка на целата геоекономска и геополитичка конструкција на Унијата.

Што донесе судирот на двата спротивставени финансиски центри?

И покрај напорите на Берлин и на ЕУ да ги поттикнат банките и другите финансиски институции поради брегзит да се преселат од Лондон во Франкфурт и во другите центри на финансиска моќ на Европската Унија, преселбите беа минимални. Така, на почетокот од годинава, новинската агенција „Блумберг“, специјализирана за финансии, откри дека финансиските институции како ЏП Морган Чејс и Дојче банк планираат во овој момент од Обединетото Кралство да преселат на европскиот континент само 400-500 работни места, што е едвај 10 проценти од најавите во 2016 година. Тогаш финансиските стручњаци тврдеа дека Лондон веројатно ќе загуби повеќе од 200 илјади работни места во финансискиот сектор. Сега советниците од компанијата за финансиски консалтинг „EY“ предвидуваат дека од британскиот финансиски сектор во преостанатите 27 членки на ЕУ ќе бидат преселени 7-10 илјади работни места. Така, Лондон всушност ќе загуби помалку од Дојче банк, која, поради својата криза, веќе објави дека ќе укине 18 илјади работни места, од што можеби дури 6 илјади во Германија.
Според последните процени, во септември годинава финансискиот сектор во Лондон вработува 700 илјади луѓе, додека Франкфурт, кој води војна со британската престолнина и се обидува да профитира од брегзит, вработува околу 70 илјади луѓе. Очигледно, Лондон и натаму ја одржува предноста во големата војна за финансиските пазари што ја води со Франкфурт.
Впрочем, Лондон како финансиски центар во некои аспекти стана уште поважен. Вложувањата во британските финтек-компании пораснаа за 153 проценти. Ако во 2017 година тие изнесуваа повеќе од 1,6 милијарда долари, лани достигнаа износ од 3,3 милијарди, што е речиси 56 проценти од вкупната вредност вложена во тој финансиски сектор во цела Европа. Финансиската технологија, која скратено се нарекува финтек, е користење нови технологии за да се конкурира на традиционалните финансиски методи во давањето финансиски услуги.

Брегзит е долгорочен процес на репозиционирање на Британија на глобално ниво

Треба да се каже дека брегзит не е безопасна игра предизвикана од збунетите, неинформирани и, како што велат некои, политички неписмените британски гласачи, туку е внимателно осмислен долгорочен процес на репозиционирање на Обединетото Кралство на глобално ниво, со преместување на тежиштето на нејзиното дејствување од европскиот континент на поморските сили САД, Австралија и системот на т.н. англосфера. Потребно е да се знае дека веќе денес тој систем на сојузништво, кој неформално се нарекува „Пет очи“, а што го сочинуваат Обединетото Кралство, САД, Австралија, Нов Зеланд и Канада, има изградено ефикасен специјален систем за размена на разузнавачки информации што не се споделуваат со други партнери, дури ниту со членките на НАТО. Британската стратегија многу одамна беше да се држи дистанца од Европа со изградбата на тој посебен воен и разузнавачки однос со САД и другите членки на англосферата. Токму таа структура, Велика Британија ја гледа како алтернатива на Европската Унија. Тоа е вистинската цел на британското напуштање на ЕУ. Таму нема да биде ограничена со германското влијание и финансиската регулатива, па слободно ќе може да го развива своето офшор-работење како темел на својот финансиски систем и извор на непресушно богатство, бидејќи, едноставно кажано, додека има никаквеци меѓу државниците во светот, даночни бегалци, криминални и терористички структури, ќе постои потребата за чување на нивните пари во сигурни прибежишта.
Се разбира, не е за запоставување ниту стопанската моќ на блокот со САД, Австралија, Нов Зеланд и Канада. Според „Ворлд економик аутлук“ за 2019 година, објавен од страна на Европската комисија, овој нов блок има вкупен БДП од 27,5 билиони долари, а БДП на целата Европска Унија е речиси двојно помал и изнесува 15,9 билиони долари.