Во сите сместувачки капацитети се почитуваат протоколите, почнувајќи од растојанието помеѓу лежалките и чадорите на плажите, преку протоколите за движење и држење дистанца, па до протоколот за послужување на храната, посочува првиот човек на здружението на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови

Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ – здружение на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови

Безбедноста на гостите и на вработените во угостителско-туристичките локации, почитувањето на протоколите за работа во согласност со кои треба да се сигурни посетителите дека нема да ја загрозат својата здравствената состојба или, пак, на другите посетители, како и надежите за спас на угостителско-туристичкиот сектор, кој поради пандемијата на ковид-19 е меѓу најпогодените. Ова се темите на кои разговаравме со претседателот на ХОТАМ – здружение на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови, Крсте Блажевски.
Колку сте задоволни од посетеноста на летните туристички места, имајќи ги предвид пандемијата, затворените граници, недостигот од странски гости…?
– Може слободно да кажеме дека капацитетите скоро на сите сместувачки капацитети во периодот од 20 јули до 20 август се скоро целосно исполнети и многу е тешко да се најде место за оние што немаат резервирано. За периодот по 20 август резервациите се намалени, но сепак и во овој период има доста најавени гости и посети, особено од спортски посети, се одржуваат спортски турнири и за нив се бара сместување.

Одзивот за искористување на ваучерите за овој период е, исто така, доста висок и голем број граѓани ги искористија за посета на Охрид и на Струга, а дел од нив и подолго отколку што овозможува ваучерот. Голем број граѓани што не можеа да патуваат надвор од земјата поради затвореноста на границите се одлучија своите летни одмори да ги поминаат во Охрид и во Струга, но и во Дојран и во Преспа, а дел заминаа на планинските туристички локации.
Колку се почитуваат безбедносните протоколи и колку е безбедно во ек на пандемија да се замине на одмор?
– Морам да истакнам дека се почитуваат безбедносните мерки што беа дадени од Светската здравствена организација, како и од домашните институции во сите хотели и во сите сместувачки капацитети. Сите протоколи што ни беа дадени, кои треба да ги испочитуваме во текот на пандемијата, се применуваат. Сепак, одредени плажи каде што се случија некои инциденти, во текот на празниците, се исклучоци. Сметам дека со поригорозен надзор немаше да се случат ние забави што се покажаа на телевизија. Потребно е да се води повеќе сметка за локациите каде што се прават такви забави, но истите тие не се организирани од хотелиери.

Генерално во сите сместувачки капацитети се почитуваат протоколите, почнувајќи од растојанието помеѓу лежалките и чадорите на плажите, преку протоколите за движење и држење на дистанца, па до протоколот за послужување храната. Сега не смееме да поставуваме шведска маса, наложено е да се послужува секој гостин поединечно и сето тоа се почитува и применува. Во кујните не е дозволено никој да се шета, само лицата задолжени за готвење, целата процедура е испочитувана и сметам дека тоа дава плод.
Дали протоколите ги заштитуваат и вработените во хотелско-угостителските објекти?
– На почетокот, пред примената на протоколите, имаше неколку лица вработени во секторот за кои слушнавме дека се заразиле, но од почетокот на летната сезона, откако се воведени протоколите за работа на хотелите, досега немаме пријавено заболени вработени од овој сектор.

Келнерите се најзасегнати во ситуацијата, бидејќи тие имаат секојдневен контакт со гостите и се на директен удар, но и за нив е пропишана безбедна дистанца, храната излегува безбедна од кујната до гостите. Во хотелите и рестораните се користат дезинфекциски средства и секаде ги има, а дури забележуваме дека посетителите разговараат кои дезинфекциски средства им се подобри, што упатува на добра информираност и дека истите тие се употребуваат. Ако ги гледаме оцените на посетителите на хотелите, ќе забележиме дека се позитивни, особено за протоколите за заштита. Притоа голем дел од гостите, особено оние што се со мали деца, фамилијарни лица ги почитуваат истите тие и одат на плажи каде што може да одржат дистанца, да внимаваат на своите деца.
Колку посетата на летните туристички дестинации од домашните туристи ќе помогне во спасување на сезоната. Дали ќе биде доволно за угостителско-туристичкиот сектор да ја надмине кризата?

– Кога почна сезоната, поради фактот што почнавме многу доцна, за да се привлечат домашните гости, да се направи посолидна бројка хотелиерите почнаа со пониски цени од вообичаените. Од друга страна, поради пандемијата, растат трошоците, а дополнително и почетокот на работата на хотелите беше од средината на јули, кога почнавме да функционираме како што треба, затоа сметам дека тоа не е доволно за да се спасат хотелите, можеби за некои помали угостителски објекти што работат во летните месеци, а зиме одмараат, но за оние капацитети што работат во текот на целата година тоа е невозможно. Хотелите на крајот на годината ќе завршат со загуби, прашање е само колкави. Фактот дека цела година не работиме, неколку месеци работа не можат да ги покријат сите трошоци.

Евентуално ако има продолжување на сезоната и во текот на месец септември, можеби ќе успееме да спасиме загубите да не бидат толку големи, но сѐ зависи од времето, од почетокот на учебната година. Обично во септември сме имале гости од странство, но оваа година не знаеме што ќе се случува. Очекуваме дека ќе се најдат протоколи како ќе се одвиваат семинарите во следните месеци. Бидејќи ги има многу што се прават во текот на есенските месеци и истите тие се од големо значење за хотелиерите. Од друга страна, воопшто не знаеме како ќе биде и околу Нова година, дочекот на следната година, кога исто така сме имале многу гости.


И следната година ќе биде тешка за хотелиерите

Претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски, посочува дека неизвесноста ги става сите угостителско-хотелиерски капацитети во незгодна состојба, бидејќи не можат да планираат како ќе се одвиваат работите следната година, поради што уште повеќе стравуваат за својата иднина.
– Вообичено до средина на август ние сме потпишувале договори за следната сезона, овој пат дури и планирањето на следната сезона е отежнато. Не знаеме како ќе се работи во иднина, дали со сегашните протоколи и услови, дали ќе се променат условите, дали ќе имаме странски гости. Сега е многу тешко да се планира.

Во последните десетина години повеќето од хотелите повеќе работеа со странски гости, многу повеќе отколку со домашни. Околу 60-70 проценти беа странски гости кај хотелите на охридската ривиера, додека кај другите 30-40 отсто гости беа претежно за семинари и слични збиднувања што се организираат во хотелите. Сега остануваме без странски гости, поради што и се воведоа пониски цени, за да имаме поголем одзив од домашните гости. На крајот на годината кога ќе се видат сите приходи, ќе се видат пресметките и ќе се знае кој колку изгубил, па ќе се знае каква стратегија треба да правиме за 2021 година.