Димитров во Литванија

По вчерашната посета на Летонија, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска во Вилнус продолжува со балтичката турнија. Посетата на Литванија, Димитров ја почна утрово со средба со премиерката Ингрида Шимоните, со која разговараше за изгледите и предизвиците за отпочнување на пристапните преговори на Македонија, а беа разменети мислења за актуелните состојби во земјите од двата региони.

Соговорниците се согласија дека прашањето за отпочнување на преговорите на Македонија за полноправно членство во ЕУ има силни регионални реперкусии и геополитички импликации.

– Процесот на проширување има и изразена безбедносна димензија – безбедноста и стабилноста на Западниот Балкан се интегрално поврзани со безбедноста и стабилноста на ЕУ и целиот европски континент – рече Димитров.

Беше заеднички констатирано дека секое понатамошно неефектуирање на европската перспектива на регионот и неизвесноста на намерите на ЕУ, создава вакуум кој што може да биде пополнет од други глобални актери и ја поткопува улогата на Унијата на меѓународната сцена, со што добива и безбедносни димензии.

Премиерката Шимоните потенцираше дека Литванија ќе продолжи активно да ја поддржува европската перспектива на Македонија.