Дали новиот претседател на САД ќе има иста позиција
со Хаг за прашањето на воените злосторства на ОВК

Какви ќе бидат американските политики кон актуелните судски процеси на Меѓународниот суд во Хаг што се водат против припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК) по седнувањето на Џо Бајден на претседателската функција во САД?
Ќе ги охрабри или ќе ги помогне тој најавите за проширувањето на истрагите на обвинителството во Хаг, во Албанија и Црна Гора, како и за воените злосторства на припадниците на ОНА во Македонија?
Поранешниот македонски дипломат Огнен Малевски во својот осврт на актуелните настани вели дека кога се говори за овие теми што целат на политиката, дипломатијата и меѓународното судство, не е едноставно да се каже дека еден и еден се два.

– Мислам дека може да се констатира дека постојат одредени разлики во прашањата поврзани со надворешната политика меѓу републиканците и демократите во САД. Но тие прашања пред сѐ се однесуваат на пристапот кон многу поважни теми, како релациите со Европската Унија и мултилатерализмот. Но кога говориме за процеси што ги води Меѓународниот суд на правдата, кој практично е составен дел на мултилатералните врски во светот, верувам дека тој пристап нема да се промени, без разлика кој претседател управува со САД, уште помалку ако се знае дека демократите повеќе се залагаат за мултилатерализмот – вели Малевски.
Дипломатот вели дека во широкиот контекст на настаните треба да се знае дека американската дипломатија е водена од професионална администрација, па оттука радикална промена кон некои конкретни прашања не очекува, бидејќи тоа не е во стилот на американската надворешна политика.
– За поддршката на Хаг, барем од она како што стојат работите засега, јас конкретно не очекувам драматични промени, туку, напротив, може да се засилат дејствата на сите меѓународни тела како Хаг, кои се производ на мултилатерализмот, за кој повеќе се залагаат демократите отколку републиканците – резимира Малевски.

Почеток на хашкиот процес за Тачи и за Красниќи

Во меѓувреме, со почетокот на неделата, почнува судењето на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, под обвинение за сторени воени злосторства и злосторства против човештвото. Покрај него, пред судот треба да се појави и поранешниот член на ОВК, Јакуп Красниќи, обвинет за злосторства против човештвото во Косово и во Албанија, во периодот 1998-1999 година. Според правилата на судот, обвинетите имаат рок од 30 дена од првото појавување да се изјаснат дали се виновни. Тачи и Красниќи се обвинети заедно со Кадри Весели и Реџеп Селими, кои исто така се во притвор во Шевенинген. Тие се обвинети за убиство, насилно исчезнување, прогон и тортура. Овие злосторства се квалификуваат како злосторства против човештвото и воени злосторства. Главниот обвинител Џек Смит го поднесе обвинението на 24 април, кое, според судот, е потврдено на 26 октомври. Обвинението се темели на извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, за злосторствата на ОВК во Косово и во Албанија, од 1998 до 2000 година. Во тој извештај од 2011 година, Марти го идентификува Тачи како водач на групата „Дреница“ на ОВК, која држела, мачела и убивала заробени Срби во нехумани услови во импровизирани логори во Албанија, како и Албанци и Роми што ги сметала за нелојални.

Црногорскиот лидерЃукановиќ поседува несоборливи докази против ОВК?

Директорот на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии Зијад Беќировиќ вчера изјави дека претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, наскоро би можел да отпатува исто така во Хаг, но како крунски сведок на судскиот процес против поранешните водачи на ОВК.
– Секако, најинтересно и најкорисно ќе биде сведочењето на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој може да сведочи како крунски сведок за личните врски со Хашим Тачи и другите, така што неговото сведоштво може да биде афирмација на сите албански активности, воени и политички. Мило Ѓукановиќ е неизбежен актер, бидејќи учествуваше во донесувањето одлуки за испраќање воени и полициски сили на Косово. Тој остана единствениот жив сведок што може автентично да сведочи за настаните во Косово и во регионот – оценува Беќировиќ.
Тој вели дека не е изненаден од заминувањето на Тачи и на Кадри Весели во Хаг и дека обвиненијата може да бидат проширени и на други албански водачи, пред сѐ од Македонија.
– Не сум изненаден од нивното заминување во Хаг. Обвиненијата ќе бидат проширени и на некои други албански водачи, особено од Македонија, кои активно учествуваа во војната во Косово. Судењата ќе траат со години, а обвинетите најмногу ќе се бранат од слобода поради доброволно предавање, но со оглед на притисокот врз сведоците на обвинителството и искуството на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, вкупните судења може да имаат поинаков тек. Судењата ќе траат долго, особено со оглед на најавата на обвинетите дека ќе ја докажат својата наводна невиност. Хашим Тачи и Кадри Весели сигурно ќе одговараат за попречување на работата на судот и ќе биде особено отежнувачка околност ако се докаже дека тие (погрешно) користеле здруженија на ветерани за попречување на работата на судот – посочува Беќировиќ.

Пратеничка во Бундестагот потврди дека „ОВК се криминалци“

Севим Дагделен, пратеничка од турско потекло во германскиот Бундестаг, изнесе обвинувања на сметка на поранешната ОВК и нејзините лидери, но и на сметка на НАТО, наведувајќи дека Алијансата „го прекршила меѓународното право со поддршката на ОВК-криминалци“.
Таа на Фејсбук напиша дека задача на Трибуналот во Хаг сега е „да им осигури безбедност на потенцијалните сведоци за да не ги заплашуваат или убиваат, како што беше случај со поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај“, информира „Репортери“ од Приштина, а пренесува „Косово онлајн“.
– Потврдата на обвинението против Тачи е удар и за сојузната влада, која сите овие години ги бранеше злосторниците, со оглед дека германската разузнавачка служба БНД укажуваше на командантите во 2005 година како на врска меѓу организиран криминал и политика, како и главната обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте, која го откри шверцувањето органи во 2008 година – напиша Дагделен.
Таа во своето обраќање до јавноста изнела обвинувања и за поранешните лидери на водечките НАТО-членки – Бил Клинтон (САД), Тони Блер (Велика Британија) и Герхард Шредер (Германија).

[email protected]