Додека ги чекаме вакцините, неочекувано и неповикани „на помош“ притрчаа разни надрилекари и исцелители, кои прават голема штета и, за жал, поминуваат неказнето. Имено, изминатиот период на социјалните мрежи се намножија како плевел објави од бајачи и гатачи што помагаат за сѐ и сешто, па и за ковид-19. Според психолозите и социолозите, пандемијата донесе и една дестабилизација на човековата личност бидејќи луѓето се затворени дома и не комуницираат. Во едни вакви околности, кога некој ќе западне во очај, ги испробува сите начини за да ги надмине проблемите, што, пак, влијае на зголемување на ваквите појави и на напливот на суеверие од најразличен вид

Барањето и понудата за магиско инстант решение на проблемите кај луѓето, особено сега во услови на пандемија на ковид-19, станува сѐ поактуелно, а методите и начините што се нудат како решение може да се сместат и во рубриката верувале или не. Така, изминатиот период најчесто на социјалните мрежи се нуди помош од бајачи и гатачи, кои преку објави на некакви профили без име и презиме нудат помош и помагаат во сѐ и сешто. А во овие лоши времиња, речиси и да нема човек без проблеми и маки, кој трага по некое решение, па не е исклучено некој да западне и во мрежата на ваквото суеверие што се рекламира на интернет. Оние пак што ќе побараат помош од бајачи и гатачи не знаат на што ќе наидат, на лажен профил, на измамници без идентитет или на луѓе што и самите веруваат во тоа, како и оние што бараат помош од нив.
Она што најмногу загрижува во целокупнава општествена состојба се експериментите и поигрувањето со здравјето на луѓето при ваквите сеанси кај бајачи и гатачи, што секако е и кривично дело. Колку и дали ваквите измамници ги казнува и следи полицијата побаравме одговор во Министерството за внатрешни работи. Оттаму кратко ни рекоа дека во врска со ваквите случаи измама може да се пријави во полициските станици и полицијата може да постапува против оние што противправно се стекнале со имотна корист, пари злато… Но не соопштија бројка колку бајачи биле казнети. Во меѓувреме се намножија ваквите објави на бајачи.
Една од објавите на социјалните мрежи вели: „Ако некој го интересира гледање растурање магија секој вид проблем, мака пишете во инбокс. Можам да помогнам во сѐ“. Се оди дотаму што некои бајачи и гатачи тврдат дека поседуваат моќи да помогнат и против ковид-19, што секако има и своја цена?
На нашето прашање како го прават тоа, добивме краток и чуден одговор дека тоа го знаат само бајачот и господ?!

Социолозите тврдат дека такви истерувачи на ѓаволи и бајачи во 1990-тите години имало повеќе. Велат дека во литературата стои дека „во човековата природа е кога ќе се најде во тешка ситуација да верува во тоа и може тоа како проблем да ви исчезне“.
– Тоа е темната страна, затскриена страна на човековата личност. Вие практично сте се согласиле доброволно да дадете пари, не правите ништо насила. Полицијата тешко може да најде дело, да го гони оној што нуди вакви услуги, а тој што е измамен, пак, којзнае дали ќе пријави зашто потоа ќе се чувствува непријатно. Луѓето може да бидат во очај и ги испробуваат сите начини за да го решат проблемот. За жал, заговорот во Македонија е подигнат на многу повисоко ниво и токму тоа е сега актуелно, дека постои некоја сила и ние не веруваме во многу работи, па ниту во постоењето на вирусот поради кој сме во пандемија. Мојот заклучок е дека сѐ е во човековата природа – вели социологот проф. д-р Илија Ацески.
Според него, никој не се занимава со оваа проблематика и, за жал, таа нема врска со тоа колку е некој образован или не.

– На тие гледачи, бајачи, растурачи на магии треба државата, институциите да им се заканат со казни, опомени. Ова е мошне интересна тема дека некоја невидлива сила може да ни помогне. Особено сега во услови кога сме затворени дома, не комуницираме и се случува една дестабилизација на човековата личност. Тоа ќе ги зголеми проблемите и ваквите појави, бидејќи не е во човековата природа сајбер-комуникацијата. Луѓето станаа невротични. А, ете, и за ова се користи технологијата бидејќи со едно кликање десетици стотици луѓе ќе го видат таквиот пост, се користи за себепромоција и тука сега постои и нешто друго, дали навистина постои човек или е лажен профил – нагласува Ацески.
Оваа проблематика е мошне интересна, но неистражувана. Проблем е овој сајбер-простор и прашање е која објава е имагинарна, појаснува нашиот соговорник.
Психолозите сметаат дека луѓето немајќи начини да го контролираат животот или да најдат начини да си ги исполнат сите желби се обраќаат до бајачи, гатачи…
– Луѓето кога самите не можат да си ги решат проблемите, некој дел од нив се врти кон овие бајачи. Тука настанува и едно мешање на суеверието, па луѓето што се религиозни веруваат дека Господ, Алах, Буда или кој во што верува ќе му помогне ако запали свеќа во црква за здравје, ако му забае оџа, ако направи магија не знам што ќе се случи. Се прави измама. Кај бајачи никогаш не дошле надлежните да им побараат фискална сметка иако кај нив се остава кој колку сака, ама се бркаат на пазарите оние што продаваат производи од својата бавча. Сите пријавуваме данок, а тие бајачи, кај кои чекаат и редици луѓе, печалат и остануваат неказнети. Но кога на некои животот им е во очај, тие посегнуваат по сѐ, а тука се проблем оние што прават измами, тие треба да одговараат пред некого. Нашата држава не може да има двојни критериуми, ако некој даде таков оглас дека може да помогне во сѐ, треба да одговара – вели психологот Мирјана Јовановска Стојановска.