Барање за активирање на апелациското право за признавање на МПЦ-ОА

Претседателот на државата Стево Пендаровски, во името на голем дел од граѓаните на Македонија што се идентификуваат како православни христијани, се обрати до вселенскиот патријарх Вартоломеј со барање тој да го уважи повикот на нашиот народ и нашата црква, да го употреби своето апелациско право, со што нашите граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, би добиле можност да бидат еднакви со сите други православни христијани во светот

Вселенскиот патријарх Вартоломеј да го продолжи процесот што веќе го започна минатата година и да го искористи апелациското право на Вселенската патријаршија за да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Ова преку писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј го побарал претседателот Стево Пендаровски, кое го испратил на 16 септември годинава, а како повод го искористил почетокот на новата црковна година, која почна на 14 септември, да ја реафирмира идејата и да поттикне придвижување на процесот, што е особено важно во ситуацијата на светската пандемија.
– Историјата вели дека треба постојано да се сообразуваме со времето и да го користиме во полза на благосостојбата на луѓето. Вселенската патријаршија е пример за тоа како може да се остане доследен на вредностите, а истовремено да се биде динамичен во соочувањето со тековните предизвици. Како претседател на мојата земја, сакам лично да ве информирам дека како држава, изминативе три години, решивме да го искористиме времето во наша полза и да ги оставиме зад нас историските несогласувања. Ви се обраќам во името на голем дел од моите сограѓани што се идентификуваат како православни христијани и чија единствена желба и потреба е да се смират со своите ближни и да се упатат кон заедничката иднина, кон соживотот и кон вистинската слобода.

Во оваа насока би сакал да упатам барање до Вашата Сесветост да го уважи повикот на нашиот благочестив народ и на нашата црква да го употребите своето апелациско право, со што нашите граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите други православни христијани во светот. Ви посакувам здравје среде големата неизвесност со здравствената криза што го зафати целиот свет – напишал Пендаровски во писмото.
Верските аналитичари велат дека ова писмо на претседателот Пендаровски, со кое на еден начин се вмешува во барањето решение за МПЦ и поддршката за Вселенската патријаршија, доаѓа како позитивно изненадување ако се знаат неговите претходни ставови за секуларност во релациите на државата и верските заедници.
Според нив, писмото е секако во координација со МПЦ, што, пак, укажува на фактот дека црквата е подготвена да ги продолжи разговорите со Вселенската патријаршија.
– Иако писмото е кратко, има многу суштински и јасни барања. Пендаровски точно истакнува кој е патот и зошто Вселенската патријаршија е таа што треба да ги направи тоа – објаснуваат аналитичарите.

Многупати досега претседателите на државата поведувале иницијативи и пишувале писма до вселенскиот патријарх, барајќи поддршка за МПЦ-ОА, но ова писмо на Пендаровски доаѓа во момент на веќе прифатена иницијатива од Вселенската патријаршија, по писмото на премиерот Зоран Заев од 2018 година, за решавање на канонското прашање на МПЦ-ОА.
На почетокот на годината македонска државна делегација имаше средба со вселенскиот патријарх, на која, покрај Зоран Заев, како лидер на СДСМ, присуствуваше и премиерот во тогашната преодна влада Оливер Спасовски.
Инаку, и досега не недостигале средби на Вартоломеј со наши државни претставници.

Средби имал и Ѓорге Иванов, а имале и Владо Бучковски и други наши функционери.
Апелациското право на Вселенската патријаршија, всушност, е право што произлегува од нејзините ингеренции за решавања внатрешни црковни прашања што долги години стојат отворени.
МПЦ останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.

[email protected]