Лидерите на Србија, Албанија и на Македонија го критикуваа Брисел поради бавното темпо на процесот на проширување на ЕУ, истакнувајќи ја намерата за реализација на иницијативата „мини шенген“ додека чекаа прием во европскиот блок, пишува „Фајненшл тајмс“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама денеска и утре ќе престојуваат во Скопје, каде ќе се состанат со македонскиот премиер Зоран Заев во рамките на иницијативата „мини шенген“. Заев, Рама и Вучиќ утре во Скопје ќе учествуваат на Економскиот форум за регионална соработка, организиран од Стопанските комори на Србија, Македонија и Албанија во рамки на иницијативата „мини шенген“.

– Знаеме дека постои замор во ЕУ во врска со проширувањето. Мораме да видиме што можеме да сториме за себеси, за нашите народи и како да ги прошириме нашите пазари – кажа српскиот претседател Александар Вучиќ во неодамнешно интервју.

Македонскиот премиер Зоран Заев, пак, изрази фрустрација бидејќи „ЕУ не ги исполнува своите ветувања“.  А албанскиот премиер Еди Рама ја спореди соработката со Брисел со делото „Чекајќи го Годо“ на Семјуел Бекет. Македонија е кандидат за членство во ЕУ 18 години, Србија девет, а Албанија седум години.

Се очекува утре да биде претставена иницијативата „мини шенген“ осмислена според спогодбата за слободно движење на ЕУ. Таа ќе вклучува постепено олеснување на рестрикциите за патување, „зелени ленти“ на границите, намалено време за чекање за товарните возила, како и полесен пристап до работни дозволи. Пристапувањето кон иницијативата е отворено и за другите економии од Западен Балкан.