Фото: Игор Бансколиев

Многу мал дел граѓани во земјава ја имаат привилегијата да се греат на парно, а пред неколку години ваквата можност ја загубија и некои битолчани. И во делови од Скопје сѐ уште топлификациската мрежа не е стигната, а гасот се чини многу далечна можност за најголем број од македонските домаќинства. Клима-уредите се исто така преголема инвестиција, особено кога во оваа здравствена и економска криза членови на многу семејства ги загубија работните места. Колку овие состојби гарантираат почист воздух?

И годинава најголем дел од населението ќе се грее на дрва

Од 15 септември вообичаено започнуваат ладните проби на топлификацискиот систем, за навреме да биде подготвен и на 15 октомври без проблеми да почне грејната сезона. За жал, многу мал дел граѓани во земјава ја имаат привилегијата да се греат на парно, а пред неколку години ваквата можност ја загубија и некои битолчани. И во делови од Скопје сѐ уште топлификациската мрежа не е стигната, а гасот се чини многу далечна можност за најголем број од македонските домаќинства. Клима-уредите се исто така преголема инвестиција, особено кога во оваа здравствена и економска криза членови на многу семејства ги загубија работните места. Се чини дека најголем дел од населението и оваа зима ќе се грее на дрва, енергент за кој експертите веќе многупати се изјаснија дека, заедно со сообраќајот, најмногу го загадува воздухот.
Од друга страна, бавно оди и како да тапка во место реализацијата на планот за почист воздух. Во овие мошне лоши услови на пандемиско живеење, смртни случаи од коронавирусот, загадениот воздух само ќе биде дополнителен проблем за здравјето на граѓаните, проблем со кој веќе живеат со години. Од Регулаторната комисија за енергетика потврдуваат дека само во градот Скопје има греење од топлификациска мрежа, додека во сите други градови во државата греењето е на огревно дрво, електрична енергија или екстра-лесно масло за ложење. Оттаму додаваат дека топлификациската мрежа во Скопје континуирано се проширува со нови водови, следејќи ги развојот на градот и усвојувањето на новите детални урбанистички планови. Околу 60.000 потрошувачи се приклучени на трите централни системи за греење на топлинска енергија, „ЕСМ Енергетика“, „Снабдување со топлина Балкан енерџи груп“ и „Скопје Север“.

Од податоците со кои располагаме, во скопскиот регион се трошат околу 235.000 кубни метри огревно дрво. Просечна потрошувачка на огревно дрво за греење простор по домаќинство е 4,60 кубни метри годишно. Во градовите Струмица и Куманово одреден процент домаќинства се греат на природен гас. Во Струмица природниот гас е достапен преку т.н. виртуелен систем, со кој управува јавното претпријатија за дистрибуција и снабдување со природен гас „Струмица гас“. Градот Куманово е приклучен на постојната преносна мрежа, а со оваа мрежа управува јавното претпријатие „Куманово гас“ – објаснија од РКЕ.
Од Одделението за заштита на животната средина во Општина Струмица велат дека поголемиот дел домаќинства се греат на дрва, а некои од нив користат разни отпадни материјали како огрев.
Некои од домаќинствата што живеат во стан користат клима-уреди, парно на струја или печки на пелети, а поголемите институции и училишта, како и дел од куќите во градот, се приклучени на природен гас – велат од Општина Струмица.
Од ЈП за енергетска дејност „Струмица-гас“ информираат дека имаат изградено дистрибутивна гасоводна мрежа во должина од 42.000 метри, со што покриеноста на градот е околу 50 отсто од неговата територија.

На дистрибутивната гасоводна мрежа има приклучено повеќе од 300 потрошувачи од категоријата домаќинства, 27 од категоријата стопанство и 21 јавна институција. Природниот гас, освен за загревање, се користи и за санитарна топла вода. Сѐ уште е голем бројот на домаќинствата што како енергент за затоплување ги користат електричната енергија и дрвата во Струмица – велат од ЈП за енергетска дејност „Струмица-гас“.
Битола е еден од градовите што многупати во зимските периоди се високо на листата на најзагадени градови, но истовремено и град во кој голем дел граѓани, ако не и најголем дел, се греат на огревно дрво, за што од општината не добивме официјален одговор.


Животна средина со програми за замена на нееколошки системи

Од Министерството за животна средина и просторно планирање тврдат дека во согласност со анализата на податоците добиени од Државниот мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух, особено следејќи ги концентрациите на ПM10-честичките, укажуваат дека се забележува појава на надминување на годишната и среднодневната гранична вредност, но евидентно се бележи тренд на опаѓање на концентрациите, како и појава на средногодишни концентрации на ПМ10 под гранична вредност на три мерни места – Гази Баба, Кочани и Битола 2 за 2020 година.
Програмите за намалување на загадувањето на воздухот за 2019 и 2020 година се комплетно имплементирани, додека во тек е имплементацијата на програмата за 2021 година. Во јули 2021 година се донесени измените на Законoт за квалитет на амбиентниот воздух за да им се дадат повеќе ингеренции и обврски на локалните самоуправи во правец на изработка на локални планови за намалување на загадувањето на воздухот и предвидување и преземање краткорочни/интервентни мерки при појава на пикови епизоди со алармантно загадување, односно надминување на праговите за алармирање.

Со последните измени на Законот се изврши усогласување со Законот за прекршоци. По иницијатива на МЖСПП се донесени и во „Службен весник на Република Северна Македонија“ веќе се објавени стандарди за цврсти биогорива и тие се усогласени со европските стандарди за цврсти горива што се користат како енергенти за затоплување (пелети, огревно дрво,..) и со тоа се задолжителни овие стандарди во нашата држава – велат од Министерството за животна средина и просторно планирање, додавајќи дека во континуитет се работи на мониторирање на квалитетот на воздухот и на известување за тоа кон домашната јавност и меѓународните мрежи.
Се работи и на мапирање јавни објекти што користат системи за затоплување со нееколошки горива и во тек е собирање податоци за потребните финансиски средства за замена на нееколошките системи за греење во единиците за локална самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од државата, изворите на финансирање и динамика на реализација и дека се поттикнува и енергетска ефикасност во домаќинствата.


Според ДЗС, дрвото останува главен енергент што се користи

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, огревното дрво останува главниот енергент што граѓаните го користат за затоплување на нивните домови во грејната сезона. Дури 49,18 отсто од домаќинствата во земјава ги затоплуваат домовите со огревно дрво или со дрво од овошни насади, како што е наведено во публикацијата „Потрошувачката на енергенти во домаќинствата, 2019 година“, која деновиве ја објави ДЗС. Второто најкористено средство за загревање на домовите е електричната енергија, а ја користеле 31,3 отсто од македонските домаќинства. На централно греење се затоплуваат 10,25 отсто од објектите за домување, додека дрвените брикети и пелети како енергенти ги користат 8,49 отсто од домаќинствата во текот на зимските месеци.
Во анкетното истражување, во кое од 3.500 биле вклучени 2.896 домаќинства, резултатите покажуваат дека минорен дел од населението користи други енергенти за загревање на домовите: нафта за ложење (0,51 отсто), јаглен (0,17 отсто) и течен нафтен гас-плин (0,10 отсто).


За една грејна сезона за површина од 60 квадратни метри се потребни:

  • за парно околу 23 илјади денари
  • за струја од 25 до 30 илјади денари
  •  за гас нешто помалку од 15 илјади денари
  •  за дрва од 12.270 до 17.178 денари