Србија еднакво ја тресат и демонстрации на опозицијата и негодувањата на јавноста поврзани со релациите со Приштина

Логично е да се заклучи дека сите процеси во регионот, независно дали станува збор за политички, економски или за безбедносни, секогаш се поврзани меѓу земјите што, според експертите, политичарите од регионот треба да го искористат и да работат заедно за да го внесат Балканот во ЕУ по што верижните процеси ќе добијат позитивен предзнак

Три од вкупно пет непосредни македонски соседи имаат нарушена политичка клима, поради што неизбежно се наметнува прашањето дали постои опасност тоа негативно да се преслика во нашата земја или, пак, овие процеси можеби се резултат на долготрајната политичка криза во Македонија, која во меѓувреме се прелеала преку границите.
Имено, во еден од своите осврти на актуелните балкански случувања, германскиот професор Кристијан Шварц-Шилинг пишува дека во почетокот на 2019 година на Балканот сѐ уште има политички случувања што личат на оние од раните 1990-ти. Професорот прашува кога Европа ќе го слушне овој балкански тресок и кога ќе се одлучи да го интегрира регионот во европското семејство за да се надминат овие проблеми што ги мачат државите во регионот.

И во книгата „Парадоксот на глобализацијата“, авторот Дени Родерик ги анализира политичките случувања и нивните рефлексии во државите во ерата на глобализацијата. Авторот заклучува дека демократијата, националниот суверенитет и хиперглобализацијата се процеси што едноставно се пресликуваат во сите држави и ги зафаќаат сите држави една по друга без исклучок.

Од овдешна перспектива гледано, политикологот Милан Стефаноски вели дека е логично да се заклучи дека сите процеси на регионот, независно дали станува збор за политички, економски или за безбедносни, секогаш се поврзани меѓу земјите. Тоа, според него, е така бидејќи живееме во ерата на глобализацијата и во исклучително мал регион од светот во кој вестите и настаните бргу, за само неколку минути, преку интернет се пренесуваат од едниот на другиот крај од Балканот.

– Јас лично не гледам причина за стравување што овие процеси се отсликуваат од земја во земја. Тоа за мене е само мотив што треба да го искористат политичарите за да работат заедно и да го внесат целиот Балкан во ЕУ. Кога тоа ќе се случи уверен сум дека верижните процеси, кои се прелеваат од земја во земја, нема да имаат негативен предзнак туку само позитивен – објаснува Стефаноски.

Како што е познато, во Албанија, деновиве, опозицијата протестира по улиците и во парламентот против актуелната власт. На Косово е тензично поради дијалогот со Белград. Србија, пак, еднакво ја тресат и демонстрации на опозицијата и негодувањата на јавноста поврзани со релациите со Приштина.

Инаку, не е првпат актуелните политички превирања на Балканот верижно да се пресликаат во регионот, од една земја во друга. Историјата го памети примерот кога по безбедносната криза во Албанија во 1997 година беа опустошени воените магацини на тамошната армија од каде потоа оружјето се префрли преку границите и се користеше во воените конфликти на Косово во 1999 година и во Македонија во 2001 година. Ништо поразличен не беше ни примерот со должничката криза, која откога во 2011 година изби во Грција, потоа верижно се распространи низ економиите од соседството. Последен ваков пример беше регистриран во 2015 година, во екот на мигрантската и бегалската криза, чии негативни безбедносни, социјални и хуманитарни ефекти без исклучок се почувствуваа во сите држави на Балканот.