Сериозно заболување засега познато како синдромот Хавана, за кое не се знаат причините, ги напаѓа американските разузнавачи, дипломати и нивните семејства… Најновиот ваков случај е регистриран токму на Балканот. Дали станува збор за развиен нов вид оружје во специјалната војна? За администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, истрагата за овие случувања има висок приоритет, а во неа се вклучени ЦИА, Пентагон и Стејт департментот

Мистериозна невролошка болест ги напаѓа агентите на ЦИА

ЦИА неодамна евакуирала разузнавач од Србија што настрадал од последиците поврзани со болеста популарно позната како синдромот Хавана. Агентот на ЦИА заболел од мистериозно невролошко заболување, за кое е карактеристично дека „главно заболуваат американските разузнавачи, дипломати и членовите на нивните семејства“. ЦИА, Пентагон и Стејт департментот започнаа истраги во врска со овој настан на Балканот, но и во различни делови на светот. Според информации од Белата куќа во Вашингтон, истрагата е означена со највисок приоритет во работата на американската администрација.

Синдромот Хавана на Балканот е резултат на специјалната хибридна војна?

Професорите и воените аналитичари со кои се консултиравме, анализирајќи ги овие случувања, констатираат дека случајот со синдромот Хавана на Балканот може да е резултат на специјалната хибридна војна што суперсилите ја водат во регионот.
Професорот на Воената академија Оливер Андонов истакнува дека употребата на електронската опрема во спроведувањето на операциите поврзани со хибридната форма не е новост.
Тој објаснува дека воената наука е полна со примери за психолошки да се влијае врз противникот.
– Воената историја памети примери во кои специјални средства од биолошка, но и од технолошка природа се употребувани од Американците и нивните противници во војната во Виетнам, Авганистан, па дури и за време на Втората светска војна. Па оттука она што сега се случува не може да се исклучи дека не станува збор за сличен метод со кој се судираат американските разузнавачи и нивните противници – вели Андонов.
Професорот истакнува дека употребата на електронска опрема во воени цели како оружје што предизвикува силно магнетско зрачење за онеспособување на противникот, многу се совпаѓа со елементите што се обелоденети во врска со споменатиот настан.
– Ако во минатото многубојните отрови и самото постоење на атомските бомби влијаеја психолошки на противникот, во денешното време на современа ИТ-технологија не можеме да ја исклучиме можноста дека модерната технологија може да биде употребена како продолжена рака за онеспособување на војниците или разузнавачите, како во случаите во Куба, Србија или на други места во светот – вели професорот.
Андонов посочува дека иако сето ова во моментов звучи како научна фантастика, сепак во практика е изводливо, а теоретски секако можно, кога говориме за случаите на т.н. синдром Хавана.

Атака врз САД или нусефект од модерната технолошка опрема со која се служат ЦИА-агентите

Воено-безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски смета дека во ерата на дивеење на хибридните конфликти, синдромот Хавана може да биде најпопуларно оружје со кое се спречува пробивот на разузнавачите што прибираат информации.
Тој заклучува дека сепак треба да оставиме научните трудови да докажат дали овие случувања се атака врз САД или, пак, станува збор за негативен нусефект што го продуцира можната модерна технолошка опрема со која работат разузнавачите на Америка во амбасадите низ светот.
Случувањата со мистериозната болест на разузнавачите и дипломатите повлече и море непотврдени информации и разни теории со кои се објаснува причината на заболувањето. Имено, една од информациите објавени во американскиот магазин „Тексан“ вели дека преку специјални уреди емитери на радиобранови е возможно да се наруши човековото здравје. Магазинот додава дека американските власти подолг период веќе ја истражуваат проблематиката и во моментов и се обидуваат да ја пронајдат заднината на случувањата. Според весникот, во моментов сите карти се на маса отворени и се истражуваат научни теории што би можеле да дадат одговор на болеста, а тие се различни и се движат од можноста синдромот Хавана да се пренесува преку храна, натаму случувањата да се поврзани со разни опасни фреквенции на микробранови и радиобранови, па сѐ до постоење можност да станува збор за вирус дизајниран во лабораторија.
Сепак, Американската национална академија на науките во декември минатата година објави истражување што покажало дека жртвите биле цел на „директни енергетски бранови“ и „микробранова радијација“. Сепак, цврсти докази дека некоја земја развила такво нешто сѐ уште нема.


Што е синдромот Хавана?

Првпат мистеријата поврзана со нарушеното здравје на разузнавачи и дипломати беше регистрирана пред пет години во Куба. Синдромот првпат беше пријавен во Хавана во 2016 и 2017 година, кога американски, но и канадски дипломати се пожалија на низа симптоми, почнувајќи од вртоглавица, губење рамнотежа, губење на слухот и вознемиреност, до она што тие го опишаа како „когнитивна магла“.
Во дипломатското претставништво во Хавана, на Куба, за краток временски период беше онеспособен најголемиот дел од американскиот персонал, но немилите состојби се проширија и меѓу други претставници на американската влада во светот. По Куба, примери за овој синдром започнаа да се појавуваат кај Американците во Кина, Австралија, Велика Британија, Русија, Полска, Грузија,Тајван, Индија, Виетнам и последниот случај во Србија. Оттогаш, па досега се претпоставува дека најмалку околу 200 вработени на американската влада биле жртви на вакви напади. Речиси половина од нив се агенти на ЦИА или нивни роднини, шеесетина се поврзани со вработените во Министерството за одбрана или нивни роднини, а околу 50 вклучуваат персонал на Стејт департментот.
До август годинава, според американски извори, болеста била регистрирана на сите континенти, со исклучок на Антарктикот.
– Во изминатите од 60 до 90 дена имаше одреден број пријавени случаи во САД и низ светот. Тоа се валидни извештаи со потврдени здравствени индикатори – изјавил Џејмс Џордано, професорот по неврологија на Универзитетот во Џорџтаун, кој ја советува американската влада по ова прашање.
Тој верува дека причината за синдромот би можел да биде некаков ласерски, ултрасоничен или акустичен уред, односно брзопулсирачки микробранови.
Дури и по пет години, не е јасно која е причината за проблемите, кои кај некои пациенти се опишани како траума на мозокот. Соединетите Американски Држави ја обвинија Куба за извршување „звучни напади“, што Хавана остро го негираше, а инцидентот доведе до зголемени тензии меѓу двете нации.

[email protected]