Според нацрт-документот што треба да го усвојат европските министри, се констатира дека проширувањето претставува стратегиско вложување во мир, демократија, просперитет, безбедност и стабилност во Европа

Се очекува Советот на Европската Унија на денешниот состанок да ги усвои заклучоците за процесот за проширување, со кои ќе биде потврдена посветеноста кон приемот на нови членки, во кои се вклучуваат шесте земји од Западен Балкан и Турција. Според нацрт-документот што треба да го усвојат европските министри, се констатира дека проширувањето претставува стратегиско вложување во мир, демократија, просперитет, безбедност и стабилност во Европа. Иако се признава некаков напредок во земјите од регионот на Западен Балкан, Советот на ЕУ со загриженост гледа на пропустите во владеењето на правото.
„Недостигот од кредибилен напредок во многу случаи, а во некои има и назадување, често се однесува на недостиг од политичка волја, на непостоењето независно правосудство, на институционален отпор и распространета корупција и организиран криминал. Секоја земја во однос на овие прашања мора да пристапи со висок приоритет“, се наведува во документот што го објави Радио Слободна Европа.
Добрососедските односи и регионалната соработка се сметаат за суштински за процесот на проширување, а се споменува и важноста од сеопфатна регионална соработка, како и реализација на единствен пазар на Западен Балкан.

Наедно, Советот на ЕУ препорачува продлабочување на соработката за прашањата од надворешната политика на ЕУ, а сите држави да се усогласат со заедничката надворешна и безбедносна политика, посебно во борбата против хибридните напади.
Пораките од Советот на министри на ЕУ ќе бидат испратени за секоја земја поединечно, а за Албанија и за Македонија, според предложениот документ, се очекува преговорите за членство да „почнат што е можно порано оваа година, штом се усвои преговарачката рамка со овие држави“. За Црна Гора се наведува дека натамошниот напредок во пристапните преговори ќе зависи од напредокот во клучните поглавја 23 и 24, кои се однесуваат за владеењето на правото. За Србија темпото на пристапните преговори е поврзано со напредокот во поглавјата за владеење на правото, почитување на основните права и нормализација на односите со Косово. Од Белград ќе биде побарано да се фокусира на исполнување на привремените мерки од поглавјата 22 и 24, односно од владеењето на правото и човековите права. Европските министри искажуваат посебна загриженост поради ограничувањата на вкупното опкружување за слобода на изразување.
Власта во Косово ќе биде повикана за спроведување на реформската агенда што се однесува на борбата против корупцијата, во согласност со европските и меѓународните стандарди. Во заклучоците за Босна и Херцеговина, Советот на ЕУ изразува длабоко жалење поради продолжување на политичката криза во земјата, а во исто време се осудуваат и блокадите на државните институции, пренесува РСЕ.
За меѓународните политички аналитичари, Западен Балкан ќе биде првиот тест за демократија за новата влада во Германија. Флоријан Бибер, универзитетскиот професор по историја и политика за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, смета дека Владата во Берлин ќе има можност да почне нова поинаква политика кон овој дел од Европа.

– Долго време во Берлин и во Брисел опстојуваше илузијата дека Александар Вучиќ е идеален партнер за компромис со Косово. Би било важно новата шефица на дипломатијата, Аналена Бербок, да заземе покритичен став и повторно да ја воспостави довербата на граѓаните на Србија во ЕУ. Многумина, Германија и ЕУ ги гледаат како чувари на состојбата на статус кво, а не како сојузници во борбата за повеќе демократија. Затоа, изгледа охрабрувачки тоа што коалицискиот договор на новата германска влада бара да се зајакне правната држава во земјите-членки на ЕУ. Такви јасни формулации би можеле да помогнат при процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан. Ваква храброст од новата коалициска влада е потребна и за придвижување на закочениот процес на пристапување во ЕУ, поточно за почеток на преговорите со Албанија и со Македонија – пишува Бибер, во авторската колумна за „Дојче веле“.
Тој отворено ги повикува Германија и другите држави на ЕУ посилно и појасно да ги притисне членките на ЕУ што ги блокираат пристапните процеси, а ова посебно се однесува на Бугарија, бидејќи, според него, бугарските барања за македонскиот јазик и историја се национализам што треба да се надмине во ЕУ.
Емануел Макрон, францускиот претседател, во пресрет на француското претседателство со ЕУ, кое почнува во јануари 2022 година, неодамна изјави дека „во европското најблиско соседство е регионот на Западен Балкан“ и најави организирање конференција за Западен Балкан во јуни следната година. Тој предупреди дека и за 50 години нема да може да се зборува за „Европа на мирот“ доколку Западен Балкан се остави во ситуацијата во која се наоѓа сега.