Процените во анализата на „Форин полиси“ се дека „позицијата на НАТО во Македонија и во нејзиното соседство е многу ограничена“. Балканските земји биле „посиромашни, повеќе етнички поделени и помалку економски интегрирани со Европа, од на пример балтичките земји, што Балканот го претвора во мек стомак на Алијансата“…

„Форин полиси“ со апокалиптични Нострадамус-проекции за Македонија и за регионот

Долгото и понекогаш драматично пристапување на Македонија во НАТО формално се заокружи на 27 март годинава, кога сѐ заврши и официјално по сите протоколи стана 30-та членка на Алијансата. Тоа се случи во најголемиот ек на глобалната пандемија со коронавирусот, па никому не му беше до спектакли, а и честитките беа остварени на далечина, со онлајн-комуникација. Заканата и опасноста од пандемијата некако ги ставија во втор план анализите и проекциите на македонското членство во НАТО. Но затоа, пак, угледниот магазин „Форин полиси“ неодамна излезе со свои согледувања по ова прашање и, наместо вистински да анализира модели, начини, обрасци како Балканот и Македонија што подобро да се поврзат во целината на НАТО заради заедничките интереси и поуспешно дејствување, во функција на просперитетот и сигурноста на своите граѓани, анализата малициозно се осврнува на новите членки, вклучувајќи ја и нашата држава, која сѐ уште не се акомодирала во Алијансата.

Отровните стрели на анализата на „Форин полиси“

Разгледувајќи ги сите аспекти на актуелниот геополитички миг, „Форин полиси“ заклучува дека Македонија е всушност новата слаба точка на НАТО.
– Македонија е дефиниција за слаба алка и лесен избор за противник. Земјата со два милиона жители има слаби политички институции и само кратка историја на независност. Заклучно со 2018 година, таа потроши само 1 процент од својот БДП за одбрана (помалку од 2-процентното упатство на НАТО) и имаше само 8.000 активни војници. Постои силна општествена тензија меѓу словенското (македонското) православно мнозинство и големото етничко албанско, главно муслиманско малцинство, што ја прави ранлива за влијанија. Во рамките на НАТО, само соседната Албанија има помал БДП по жител и повисоко ниво на корупција. Индексот на „Економист интелиџенс јунит’с демокраси“ ја рангира Македонија како најмалку развиена политичка култура во Европа – пишува „Форин полиси“.

Според анализата на „Форин полиси“, она што ја прави Македонија „слаба алка на НАТО“ е констатираната опасност од страна на Алијансата дека земјата може да биде лесна цел на влијанија и закани од страна на Русија, па и на Кина. Не е испуштено да се забележи дека уште во 2018 година, амбасадорот на Русија во Македонија ја прогласи земјата за „легитимна цел“ доколку се зголемуваат тензиите меѓу НАТО и Русија, а „сега, кога Македонија влезе во НАТО, се чини дека Путин ја ужива својата прва шанса да докаже дека Алијансата е нешто повеќе од тигар од хартија“. Процените во анализата се дека позицијата на НАТО во Македонија и во нејзиното соседство е многу ограничена. Балканските земји се исто така посиромашни, повеќе етнички поделени и помалку економски интегрирани со Европа, од на пример балтичките земји, што Балканот го претвора во „мек стомак на Алијансата“.

Потенцијалната нестабилност на балканските земји и многу помалата веројатност за силен одговор на Западот ги прават Македонија и нејзините соседи зрели и лесни цели за руско мешање.
– Путин со право претпоставува дека повеќето носители на одлуки во главните градови на земјите-членки на НАТО би ја сметале Македонија за „далечна земја“ на „луѓе за кои не знаеме ништо“. Претседателот на САД, Доналд Трамп, чиј однос со Путин продолжува да привлекува внимание, потврди слично сомневање во однос на соседна Црна Гора, кога ја доведе во прашање посветеноста на НАТО да ја брани оваа балканска земја – пишува „Форин полиси“.

„Форин полиси“ сака да анализира или да изигрува Нострадамус?!

Како можен начин на покажување интерес за Македонија од страна на НАТО, магазинот се повикува на декларацијата во Брисел од 2018 година, со која НАТО ја потврди намерата да ги брани земјите-членки од неконвенционални напади – но и тоа само во „случаи на хибридно војување, Советот може да одлучи да се повика на членот 5“. Во анализата се истакнува дека видот на мешање за кое се специјализирала Русија е преку вклучување на изборите, потпалување на етничките тензии и предизвикување насилен конфликт. Овие три реални можности би можеле да предизвикаат одговор на НАТО во согласност со членот 5.

Исто така, во анализата се изразува загриженост дека најголем проблем е обезбедувањето на претстојните избори во Македонија, кои се одложени до понатамошно известување поради пандемијата на ковид-19. Потоа се предлага дека наредните чекори на НАТО за да ја обезбеди својата нова членка може да вклучуваат приспособување на успешната тактика што се искористи кога Црна Гора ѝ се приклучи на Алијансата во 2017 година.

– И покрај севкупната воена супериорност на НАТО, тоа има „слаба рака“ на Балканот и Русија продолжува да го надминува таму. НАТО мора брзо да сигнализира дека останува стабилен и, откако реши да ја признае Македонија како составна членка на Алијансата. Ако НАТО не успее да ја поддржи својата нова членка, шансите сега се зголемени дека таа ќе се соочи со руска агресија – хибридна или конвенционална, а тоа може да значи крај на НАТО како кредибилен сојуз – констатира „Форин полиси“.
Ако приемот се случеше во 2008 година, Mакедонија ќе имаше сосема поинаква позиција и во НАТО и во регионот

Универзитетскиот професор Оливер Андонов, стручен познавач на евроатлантските безбедносни процеси, е согласен со констатацијата на „Форин полиси“ дека Македонија е ставена во позиција на „најслаба алка на НАТО“, подложна на влијанија и интереси на центри на моќ надвор од Алијансата.
– Но за тоа не е одговорна само Македонија, туку многу повеќе е одговорна самата Алијанса. Факт е дека во 2008 година Македонија беше најподготвена да влезе во НАТО, но тоа не се случи поради Грција. Ако приемот се случеше тогаш, НАТО ќе имаше сосема поинаква позиција во Македонија и во регионот, а ние ќе работевме на својот развој на одбранбените структури.

Вака имаме 12-годишен застој во засилувањето на воените капацитети и наместо НАТО да нѐ мотивира да се вратиме во кондиција, нѐ внесоа во Алијансата (по многу трауматични промени и процеси во државата и општеството), но ни отворија други проблеми. Сегашниот резултатот е дека членството во НАТО не нѐ направи да се чувствуваме заштитено. Поради сите промени и процеси што се случија за влез во НАТО, се направија многу поизразени политички, па и етнички поделби во општеството, го сменивме името на државата, а не ги решивме проблемите со соседите, отворени се и некои други билатерални прашања што понатаму можат да бидат камен на сопнување. И сега сме оценети дека сме „најслабата алка на НАТО“. Логично е дека во целиот тој контекст, Русија и Кина нема да ја испуштат можноста и ќе си наоѓаат простор за спроведување на своите интереси и влијанија – вели професорот Оливер Андонов.